Мислите дека некој кај нас размислува што ќе се случи, а веќе ни се случува, ако политичката коректност отиде предалеку. А отиде. Колку стана јаден светот што го живееме денес, додека ние бевме премногу фини и учтиви следејќи некоиси произволни правила за тоа кои идеи и услови се прифатливи. Зарем не го чувствувате тоа во Македонија? Зарем не го чувствувате стравот да се каже погрешна работа, да бидете дел од некаква квазисериозна политички коректна дискусија, страв од решавање на кое било прашање што го имате со некој што е малку поинаков од вас, а да не ве етикетираат дека имате проблем со неговиот или нејзиниот социјален идентитет? Без оглед која е причината, со текот на годините, станавме нација на политичка коректност и интелектуални идиоти.
Зарем не се чувствува како во Македонија сѐ помалку си слободен да размислуваш како што сакаш и да зборуваш како што мислиш, што е нужно за откривање и ширење на политичката вистина? Политичката коректност како нагон кон плиткост, антиинтелектуализам и самоказнување стана култура на говорење во која перцепцијата е сè. Политичката коректност промовира создавање „менталитет на жртва“, обесхрабрувајќи ги луѓето да преземат одговорност за сопствениот живот, го потисна слободниот говор и ја искриви јавната дебата, што доведе до усвојување лоши политики. Политичката коректност стана толку екстремна што може да им наштети и на оние на кои би требало да им помогне.
Она што не сакаме, а го гледаме во моментов во Македонија, е како политичката коректност во јавниот дискурс поттикнува поларизација и токсична култура на незнаење. Токму најеклатантна последица на политичката коректност е ширењето на незнаењето. Кога говорниците се откажуваат да говорат слободно поради спротивставени мислења, тоа води до средина во која луѓето никогаш не стигнуваат до вистината, бидејќи идеите не се оспоруваат во јавниот домен.
Оваа деволуција ги спречува слободниот говор и интелектуалната прогресија. Тоа предизвикува општеството да еволуира со размена на инфериорни идеи за супериорни и сериозно нарушување на механизмот за филтрирање на лошите идеи што се промовираат во лажни доктрини.
Задушувањето на слободата на говорот, поткопувањето на демократијата преку создавање јаз меѓу граѓаните и власта и неможноста да се соочат со новите проблеми се моќен сет на состојки создадени од политичката коректност, што може да доведе до политичка нестабилност дури и во очигледно стабилни земји. Затворањето на политичката дебата не се занимава со проблеми, туку им овозможува да гнијат и растат. Самоцензурата во медиумите не ги спречува луѓето да ги гледаат работите со свои очи и да зборуваат за нив во рамките на приватноста на нивните домови.
Политичката коректност води до затворање на нормалните демократски вентили за притисок, што најчесто доведува до експлозивни тензии во општеството. Земете го примерот на Холандија по атентатот на Пим Фортујн. Во Холандија, политичката коректност го поткопа функционирањето на нејзината либерална демократија до таа мера што повеќе не можеше да се дебатира и да се зафати со сериозните и растечки проблеми, додека тензиите не беа толку големи во општеството што го експлодираа. Ќе беше многу подобро ако за проблемите отворено се дискутираше и се адресираа кога се појавија и, наместо дифузни тензии, немаше да дојде до толкаво влошување, што Холандија од една од социјално најкохезивните земји во светот, каде што премиерот можеше јавно да вози велосипед, се претвори во насилен камп каде што муслиманските и немуслиманските заедници живеат во страв еден од друг. Тоа се случува кога ќе ја ставите политичката коректност над здравиот разум, над вашата безбедност и над сè друго. Можете да бидете колку сакате политички коректни, но тоа нема да го отстрани проблемот. Напротив.
Затоа не сакам да бидам политички коректен и да живеам во општество што промовира социокултурна хипокризија и самоубиство на интелектот. Грдо е и непријатно и страшно е срамота да живееш со оваа култура на политичка коректност, која ги прави луѓето да се чувствуваат осудено и стравуваат да бидат обвинети поради слободно искажан збор и мислење, се чувствуваат инхибирано и се плашат директно да се осврнат дури и на најбаналните прашања. Луѓето донесуваат приватни заклучоци, непроверени, нивните заклучоци стануваат непроменливи. Незадоволството во општеството се зголемува, односите се распаѓаат, а перформансите страдаат. Одбивам во име на културата на политичката коректност да ја прифатам глупоста како вистина во македонското општество и институционализацијата на лажните идеи во име на некаквоси лажно учтиво општество. Политичката коректност направи театар од Македонија. Театар на апсурдот и глупоста. Секако, во ракавици. Затоа не смееме да дозволиме да останеме молчаливи. Политичката коректност не смее да ги замолчи дискусиите. Не сега, ако не сакаме учтиво и политички коректно да си ја изгубиме државата.
Проф. Звонимир Јанкулоски