По седумгодишно владеење, коалицијата на СДСМ и ДУИ полека си легнува на брашното. Отсега, па во наредните сто дена, Владата ќе биде техничка, искуство што се применува по третпат во македонскиот повеќепартиски систем. Оригиналноста во сегашниов случај е што на чело на техничката влада ќе биде Албанец по националност, за првпат во кратката историја на плурализмот. Талат Џафери, еден од водечките кадри на ДУИ (Демократска унија за интеграција), е предложен и ќе биде избран за шеф на извршната власт по налог на ДУИ, а по предлог на коалицискиот партнер СДСМ, главната македонска партија на власт.
Техничката влада е неуставна партиска измислица за да се заташкаат раскараноста, неспособноста и меѓусебната недоверба на партиите да спроведат нормални, демократски и фер избори. Таквата „машинска“ влада, пополнета со два-тројца нови министри, со два–тројца нови (дополнителни) заменици и со 00,1 отсто други кадровски промени, треба да ги спроведе редовните собраниски избори – мај 2024. Освен тековните задачи, не би требало да има други големи обврски, нема право да решава за големи проекти, таа се инсталира „да не пипа копчетата“.
Има две видувања за ова „техничко“ заминување на досегашната влада. Едното се подведува под „до видување до следниот јуни“, а другото под „збогум владо на подолго време“. Досегашниот претседател Димитар Ковачевски ја преферира првата варијанта, јавно објавувајќи дека ќе се врати. Втората е желба на опозициската ВМРО–ДПМНЕ и на нејзиниот лидер Христијан Мицковски, кој се надева на победа и да седне на таа сега привремено пополнета фотелја.
Не од денес туку од порано е почнато формирање на мислењето во јавноста дека Владата што формално заминува е продолжение на владата на ВМРО–ДПМНЕ и на Никола Груевски, само со нови лица и порафинирани методи на владеење. Пред шест–седум години заевизмот го замени груевизмот, резултатите останаа исти, иако големи надежи се полагаа по падот на Груевски и доаѓањето на Заев. Бајката со лаги траеше кратко. СДСМ не го обели образот што го очекуваа неговите гласачи и симпатизери.
Сегашната коалиција може да се фали со резултати, но доживеа пораз на неколку клучни државотворни и национални фронтови. Најнапред потпиша Договор за пријателство со Бугарија, кој од денот на потпишувањето, наместо да создаде блискост, до денес е непресушен извор за нови недоразбирања, за други суптилни форми на непријателство, особено од другата страна.
Од бугарските власти беше очекувана поддршка за европскиот пат, наместо поддршка тие наметнаа вето. Со потпишувањето на двата протокола, македонската дипломатија сама си ја посрамоти државата и ја врати емоционално и национално сто години назад. Од една бетонирана позиција во светот ги доведе под сомнеж целата македонска историја, идентитетот на македонскиот народ, неговиот јазик и писмо.
Власта на Зоран Заев го загуби спорот за името со Грција. Загубата на името е факт, иако власта и нејзините апологети таа загуба ја слават како добивка. Доби утешна награда со приемот во НАТО, единствена светла меѓународна точка во целиот мандат.
Освен нечија лична промоција, Македонија како држава не издејствува ниту една концесија, поволност или поддршка од ОБСЕ, иако цела година претседаваше со таа организација. Уште помалку доби од Европската Унија, која Македонија ја има оставено во ситуација на „не умри магаре до зелена трева“, кажано метафорично.
И покрај сите вложени напори, потрошени пари и изречени лаги не го оствари националниот проект, стратегискиот потфат за започнување преговори за прием во Европската Унија. И покрај големата меѓународна поддршка, амбасадорска помош и административен притисок, не успеа да го спроведе во дело таканаречениот „француски предлог“. Владините функционери не покажаа способност да ја исполнат обврската што ја имаа земено пред меѓународната и пред домашната јавност. Не најдоа начин да ја уверат македонската јавност во неговата итност и исправност, на што тие инсистираа.
Неизгласувањето на уставните амандмани е клучниот владин пораз. Иако за тој политичко–дипломатски дебакл се обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ, сепак треба да биде истакната вистината дека тој чин беше обврска на СДСМ и ДУИ, не беше на ВМРО кому му се префрла вината. (Друга е приказната за поразот што ќе го доживееше државата Македонија ако тие се изгласаа).
Што може да се очекува од ново–старата влада на чело со Талат Џафери, досегашен претседател на Собранието, поранешен воен командант на ОНА, министер за одбрана и читач во собраниските клупи на целокупната поезија на Ацо Шопов. Новиот „технички премиер“ не е за потценување. Ги знае сите политички техники, од најнаивните до најсуровите, се извлекол од низа воени и цивилни лавиринти во животот.
Дваесет години во политиката, мудар, лукав, практичен, единствено послушен на Али Ахмети. Освен него, Талат друг бог во Македонија не признава. Но старо е верувањето дека кај што е Господ таму е и ѓаволот. Изборот на прв Албанец за претседател на Владата на прв поглед може да заличи на привремена политичка халуцинација, но, исто така, може да изроди низа реални ситуации во иднина.
Може некој да помисли дека нешто бурно ќе се случува во наредните сто дена, како ќе дејствуваат техничарите. Колку што ќе може толку и не ќе може. Бидејќи сто дена не се сто години и овој циклус ќе помине како смена на ден и ноќ. Како што од петто одделение се поминува во шесто.
Повеќе треба да се верува дека сѐ ќе остане по старо одошто да се случи нешто ново. Може да направи Владата уште некое зло, ако веќе не може да направи нешто добро. Да влезе во уште некоја афера, во промашен проект, во криминален тендер. Најверојатно сѐ ќе биде по старо, само Ковачевски нема да биде претседател на Владата. Првин ќе одмори од притисокот на Артан Груби за да собере нова сила, потоа прегрнати ќе влезат во проевропскиот изборен фронт.
На крајот, нормално е да се постави прашањето што ќе прават неколкуте министри и замениците од ВМРО во Владата, како ќе се снајдат во огромниот административен апарат, кој како ламја ги голта своите кадри. Колку што ќе соработуваат со старите, толку ќе бидат „на нож“ затоа што спротивни им се ставовите, размислувањата и потребите. Но може да биде и поинаку, за општо добро и за создавање нормална изборна атмосфера.
Сите на избори – слобода на народот! Така може да гласи слоганот за изборите во мај 2024.