Во неможност да дојдам до неа, на интернет читам извонредна книга од американско-канадскиот професор по критичка педагогија Анри Жиру. Насловот зборува сам за себе: „Универзитетот во синџири: конфронтирање со воено-индустриско-академискиот комплекс“. Авторот прави детална вивисекција на долготрајниот процес на создавање симбиоза меѓу државата/моќта со воената индустрија, која потоа како Левијатан го проголтува и универзитетот. Фокусот е на феномените на корпоративизам, комерцијализација и милитаризација на универзитетот – оној чија оригинална мисија е работа за јавното добро, демократско образование, создавање слободна јавна сфера, за човековата еманципација и хуманизација на општеството. Наместо тоа, аргументирано заклучува Жиру, критичката мисла се забранува и елиминира, а автономијата е подјармена од заводливата моќ на елитите. Така, академската елита станува дел на политичката, односно создава непресушен извор за легитимација на политиките на власта и басен за регрутација на експерти од најразлични области за потребите на воено-индустрискиот комплекс (во поширока смисла на зборот). Неконформистичкиот ангажман и интелектуалниот ангажман со базичните социјални прашања и антивоените иницијативи се предмет на остракизам. Политички коректните членови на академската заедница цветаат во пазувите на државата на национална безбедност. Затоа, денес да се залагаш за мир (или барем примирје) е најголема бласфемија. Се образоваат кадри по теркот на Машината, кои ќе бидат ефикасни и продуктивни, но и послушни. Жиру заклучува: „Најголемата лага е дека капитализмот е исто што и демократија. Одземена ни е можноста да ја осознаеме демократијата надвор од пазарот, исто како што ни е оневозможено да најдеме начин да ја разбереме слободата надвор од пазарните вредности“.
Сепак, тој има верба дека универзитетите сè уште се простор во кој борбата за обичните луѓе, за јавниот живот, па и за демократијата, може да стане видлива со посредство на колективните гласови и социјални движења, кои енергијата ја црпат од потребата за таква политика и начин на живот што ќе му се спротивстави на авторитарниот капитализам. (Патем на социјалните мрежи ме линчуваа кога кажав дека користам пиратски интернет-страници за бесплатно симнување книги, кои универзитетот не може да ги купи, а ми требаат за работата. Впрочем, мојот универзитет нема копии ни од нашите книги и публикации објавени во странство. Оскудација. И нека знаат љубопитните и желните за книги, интернет-страницата што неодамна ја затвори ФБИ повторно функционира.)
Ја подигнувам главата од книгата токму навреме за да го видам дното (кое по ред?) во сопствениот двор. Гледам златна плакета за магистер Талат Џафери, кој станал државник што ја разбирал науката! Внимавале и името на латиница да му го напишат. Челниците на Сојузот на синдикатите на вработените на УКИМ сметаат дека државникот имал особени заслуги и придонес во достигнувањата на синдикатот. Тоа што не сум член на синдикатот не ја прави оваа сцена поподнослива. Сепак, станува збор за колеги! Па уште и „синдикални борци“ за правата на вработените! Патем, ова не му е првото одликување на Џафери од УКИМ. Минатата година, тој беше награден и по повод 100-та годишнина од основањето на Филозофскиот факултет (УКИМ?). Се искачи на бината, а целото раководство на факултетот каде што магистрира (под менторство на еден друг бивш министер за одбрана) блескаше од среќа. Неколку постари пензионирани професор(к)и поканети да добијат некое признание по тој повод ми раскажуваа како било тоа да се следи од страна, кога политичарот има предност пред нивните бели коси и умни глави. Реагирав кај некои колеги и им реков: АМАН?!? Одговорот беше: знаете, професорке, мораме да правиме сè што можеме за да ни се покачат платите!
Можеби некои ќе забележат дека е непримерно универзитетите да се борат за повисоки плати кога податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека 23 отсто од домаќинствата не се во можност да ги загреат своите домови, додека дури 30 отсто не можат да си го дозволат потребното ниво на исхрана. Но не станува збор само за платите (кои во споредба со другите универзитети, а и јавни институции, се навистина понижувачки), бидејќи ние се бориме буквално за преживување. Ние сме веќе во ситуација да глумиме наука и високо образование со импровизации, а ен-џи-о-изацијата се претставува како „работа на проекти“, покрај учеството во работни тела на министерства и влада. Анализите на неколку ценети колеги професори, кои направија „скрининг“ на областа уште пред ЕУ да дојде, го покажуваат следното: кадарот буквално изумира (во најдобар случај, се пензионира), а нови вработувања и подмладок нема; средствата за работа се во распад; библиотечните издатоци се пониски од оние за репрезентација; наместо научен кадар ангажираме „стручњаци од пракса“ или делиме „насловни звања“, учество на меѓународен собир е невозможна мисија со обезбедени средства само за до Ниш, Тирана или Благоевград. Не можеме ни архивар и службеник да задржиме, а не пак ИТ-инженер. И да не набројувам…
Барањата на вработените на УКИМ (особено бидејќи е најстар и најдобар универзитет што има најниски плати) се легитимни и секогаш туркани под килимче, неретко и по сопствена вина, затоа што бранувања не сакаат сите оние што грицкаат додатоци од разни управни одбори, советнички позиции, проекти и сонуваат да станат барем декани ако не министри. Тоа е таа симбиоза меѓу политичката и академската каста, која и нашиот универзитет го врзала во невидлив брак од интерес. На факултетот што беше познат како „зона на слободата“ во време на пленумите имаше дури и некакво електронско изјаснување за штрајк. Се тресеше гората и сè заврши со мирен (и не баш масовен) предупредувачки протест пред ректоратот. Потоа почна „дипломатско-академската иницијатива“ на синдикалните борци, кои набргу откако Џафери ги прими на разговор во Собранието прогласија голема морална победа и беа дочекани со лаври. Наводно платите ќе се зголемеле (секоја година за една четвртина, во текот на четири години, ама со почеток од идната); не умри магаре… Им ветил Џафери во име на основачот на УКИМ, Собранието. А тој таква моќ, се разбира, нема. Ставките за образование и наука во државниот буџет се на историско дно, а клучот од сефот го има Владата.
И, фала за прашање, воениот буџет е добро, расте до небо и ниту еден научен работник не се побуни против тоа. Такво е времето, треба Украина да се одбрани. Речиси истовремено, ни доставија нацрт-закон за плати во јавниот сектор, во кој јасно се вели дека по неговото донесување сите договорени колективни договори (заедно со ова ветување на Џафери, „ветување за лудиот радување“ ќе рече народот) ќе се фрлат во Вардар. Сепак, „храбрите“ синдикални лидери наместо да предводат битка за дигнитетот на професијата, побрзале да го наградат оној што им ветил ветер и магла. Кажете ми, нормално ли е синдикат да е во ваква љубов со работодавачите и со оние на позиции на моќ? Горди се на ветување! И ќе молчат уште една година, ако треба и подолго.
Деновиве еден агилен и вреден колега ми вели: објавив трудови, донесов проекти, ама не верувам дека некогаш ќе бидам награден барем симболично. Му реков: па што? Јас не се секирам што ни посмртно нема да ми дадат ништо, па ни благодарница! А не би ни сакала да ја добијам од институција што не прави разлика меѓу придонес за науката и топлината на политичката закрила. И која се бори за плата, а не за сето она што универзитетот го прави светилник на знаењето, прогресот и слободата во едно општество. Точно, веројатно реагирам непотребно (и на сопствена штета, бидејќи пак ќе ми порачаат дека ќе ме пратат во пензија). Зарем заборавивме дека и на м-р Никола Груевски (пред да докторира) му беше дадено одликување за придонес во науката во ректоратот на УКИМ, а цело МАНУ се беше наредило да купи и добие потпис од авторот на магистерскиот труд, по промоцијата организирана во нејзината свечена сала? Ако размислам подобро, нашиот универзитет дури не е ни во синџири.
Тој доброволно се поклонува пред оние што му потфрлаат некоја трошка леб или привилегија. Кетманите се намножиле и додека тихуваат во себе веруваат дека се подобри од подлизурковците. Нововработените доаѓаат со „мираз“ во вид на одобрение за вработување од Министерството за финансии и со џокери в рака (места во разни поткомитети на Министерството за одбрана и сл.).
Веројатно требаше да пишувам за лебот наш насушен или за бомбите хибридни, ама оваа шлаканица беше како додаток на убод со нож в грб на сета наивност и идеализам што ги негував (негувам?) за слободниот и критичен простор на универзитетот. Но ако Жиру негува надеж за обнова на вистинската мисија на универзитетот како предводник на човечката еманципација и демократска сфера за делиберација, зошто да не погледнам подобро околу себе. Сигурно не се сите „синдикалци“, сигурно мнозина тонат од чувство на посраменост, ја делат оваа фрустрација и ги чувствуваат синџирите на бирократскиот ум и милитантната мантра. Веројатно и ќе порачаат дека достоинството не се купува со некаков колективен договор за висината на платите. Или што би рекол Грамши, современиот предизвик е во тоа да се живее без илузии, но и да не се дозволи да те порази разочараноста.