Ако карактерот му е судбина на човекот и ако со целото живеење и дејствување го осмислува своето битисување и чесно и достоинствено го живее своето парче време, својот миг од вечноста, што е тука неприродно и неверно ако располагаш со одлуката за сопствениот крај
Животот без приказни е невозможен и бесмислен и се претвора во состојба на тегобна неизвесност и несовршеност.
За нив (приказните) некогаш се веруваше дека стигнуваат по реалното искуство и, како постапка, ретроактивно ја уредуваат нашата сетилност и ѝ даваат смисла на животната бркотница. Но тие денес ништо не внесуваат и не осмислуваат, туку скоковито стигнуваат од секаде и се главно погодни за нормализирање на нашето трауматско доживување од „грабнатата“ и секавично испразнета стварност. Денес, во ерата на апсолутно медијализираната стварност, не е повеќе важно што тие словат, значат, туку што прават и дали нѐ пронаоѓаат. Тие се слични на трансцедентен дар, казна, епифанија, немезис. Практично, ништо не внесуваат во нашите животи, туку само изнесуваат случаи и ја чекаат својата нужност. Денес при нагласено телевизуалниот карактер на стварноста, приказните неретко му претходат на искуството, го верифицираат и го прошируваат низ виртуелно сетилна осмоза во мегаспознание, во кое сѐ почесто пронаоѓаме место со остаток од искреност, топлина, љубов, вознес.
„Боле! Овде, во древната Олимпија, во долината каде што сѐ уште се чувствува духот на Зевс, Хера, Хермес и уште редица други полубожества и митолошки херои, отпеавме и отсвиривме песна за покој на твојата благородна душа и онака, ангелска, претворена во бројки, ја испративме на небото и преку Хотбрд до сиот вмрежен свет. Она што сурово одби до го стори нашата црква го направивме ние, дуото ‘Џез квинтесенс’ на свој особен начин. Познавајќи те одблизу, верувам дека во ‘Песна за тагата’, во тоа безвременско носталгично созвучје – ќе ја насетиш топлината на вечниот пламен на Олимпија и ќе начуеш ехо на достоинствена литургија што води кон јасна и искрена цел и што извира длабоко од реалноста. Чуму ни се бог и црква ако не нѐ упатуваат и не го допираат вистинскиот живот. Бог е само збор, поим, идеја, а твојата благородна и чиста душа е над сите богови“, стои на разгледницата со мотиви од Олимпија што имав намера да ја испратам на адресата на мојот драг пријател Боле, но се сетив дека тој повеќе не е на таа адреса. Ја зачував за себе и еве и сега, дваесет години потоа, ја држам в рака и ја препрочитувам со длабока тага.
„Ова е песна за тагата – несреќа на чувствителниот свет – за човекот Божидар, за песната и музиката – вечен пламен и лек за душата.“
Вака гласеше текстот најава што го изговори водителската двојка, најпрвин на грчки, а потоа и на англиски јазик, претставувајќи нѐ како дует што врз основа на традиционални баладични мотиви гради музичка натструктура што пее за трагичното чувствување на светот, на гала-концертот од древната Олимпија, кој беше директно пренесуван на националниот канал и преку сателитот Хотбрд, вклучен во глобалниот броткаст. Целиот свет го слушна и текстот „За Човекот Божидар“, кој го изговорив вознесен пред самиот почеток на песната, иако според сценариото не беше предвидено учесниците во програмата да зборуваат пред настапот. Ја исползував таа мала привилегија пред боговите на Олимпија и пред оние на небото со помош на дигиталната акцелерација на Хотбрд да му посветам прекрасна балада на мојот голем пријател Боле, кој си го одзеде животот стрелајќи во сопственото чело, откако ја дозна дијагнозата за неизлечивата болест што го беше зафатила безмалку во целост неговиот за годините неверојатно витален организам.
Настапот како да траеше еден миг, па дури помислив дали навистина отсвиревме и отпеавме сѐ според договорот и аранжманот што беше џезерски модифициран за акустична гитара, контрабас и вокал.
„Сѐ беше океј“, ме уверуваше мојот музички содружник, рутиниран професионален музичар, пасиониран џезер од ќеф, обидувајќи се да ме ослободи од товарот на мојот вроден скептицизам, по однос на моите настапи „во живо“ пред публика и директен телевизиски пренос. Ја знам точно тежината на ваквите сложени програми, бидејќи тоа го работев цел работен век, но од другата страна на обзорот на камерите.
„Прекрасна песна, одлична интерпретација“, честитки на бекстејџот. Во фон аплауз, кој ми се чини неприродно долго трае, или можеби јас посакував сето ова да помине што поскоро, бидејќи ова не беше само настап, дел од програмата, туку еден вид безвремена астрална трансцеденција и молитва за ослободување од гревовите и чувството на вина што ги носев со себе на целиот пат, на кој тргнав нецели два часа по достоинствениот погреб на Боле, кој освен мој голем пријател, беше и роден татко на мојата сопруга. Чинот на пресметката со себе се случи во нејзино присуство, безмалку пред нејзините очи, и траги од шокот беа јасно видливи и во моментот кога со „оди, сѐ ќе биде во ред“ го одобри моето заминување на пат и долго подготвуван настап во долината на боговите во древната Олимпија. Освен што беше чиста и благородна душа, Боле беше пензиониран музичар – хорнист, член на воениот оркестар, и многу често по службена должност со една мала формација свиреше на погреби пригоден репертоар, што во шега го нарекувавме „музика на крајот на светот“.
Црквата одби „да го пее“ Боле, со образложение дека според правилата не му следува богосослужение на верник што раскрстил со својот живот на тој начин.
„Животот е даден од бога, и само бог и никој друг нема право да го одземе“, ми одговори безмалку со лутина гласот на свештеното лице во телефонскиот разговор, по повод подготовките со погребот.
„Видете, човекот беше неизлечиво болен, високо свесен за својот чин“, се обидов да објаснам, ни сам не знам зошто. Добро знаев дека мојот тест и драг пријател Боле, воспитуван во војнички дух, всушност беше атеист и многу, многу не ги „мирисаше“ поповите и најмалку би сакал да го „пеат“ во ваква пригода, со некаква предхармонска, безнонотна литургија.
„Знаете, ние така се договоривме во семејството, заради традицијата, духот на предците и во смисла на возобновениот дух на православието, заради нас живите“, се обидов уште еднаш.
„Не верувам, тешко, такви се правилата“, ми одврати рутинирано и отсечно гласот на свештеното лице.
„Единствено што може да одобри таков чин е неговото високо првосвештенство, владиката, а за тоа ќе морате да дојдете овде и да се обидете да разговарате. Но, искрено речено, не верувам дека тоа нешто ќе смени. Знаете, утре е Свети Наум и сите ќе бидат на служба и не верувам дека некого ќе најдете овде“.
„Тогаш, ништо, ви благодарам“, ја спуштив слушалката, длабоко воздивнав, се обидов да разберам и да се согласам. Во тие мигови на езотеричен внатрешен говор, си поставив некои прашања и се обидов да одговорам, реакција својствена на мојот љубопитен и полемички дух.
Ако карактерот му е судбина на човекот и ако со целото живеење и дејствување го осмислува своето битисување и чесно и достоинствено го живее своето парче време, својот миг од вечноста, што е тука неприродно и неверно ако располагаш со одлуката за сопствениот крај. Напротив, величествено е да се умре при сознанието за безнадежност. Тоа е барем чесен обид да се спознае неизвесноста, херојски чин, воскресение.
Автор: Аљоша Симјановски