„Па, добро, бе… Имаат ли Бугариве дипломатија, разузнавање и наука?“ Со огромно разочарување и вчудовидување ме прашува еден мој близок пријател, инаку врвен научник и истражувач. Неговата бурна реакција ја предизвика најновата изјава на бугарската потпретседателка Илијана Јотова за „таканаречената македонска нација“. Нормално, повторно изостанува реакција од првоповиканиот македонски должносник, министерот за надворешни работи Бујар Османи. Секако дека неговата празнословна изјава со целосна релативизација и минимизирање на овој срамен говор на омраза на бугарската потпретседателка не може да се подведе под назнаката „службена реакција на македонската дипломатија“.
Емотивниот изблик на мојот пријател е предизвикан од однесувањето, изјавите и активностите на официјална Софија, а особено на нивните врвни политичари. Веќе е совршено јасно дека постојат сериозни кругови во Бугарија што се навистина убедени во приказната дека во Македонија нема слобода и демократија, дека Македонците се заробени во лажната претстава за нивниот идентитет, историја и јазик, која била производ на југословенскиот тоталитаризам, дека се нација што Јосип Броз–Тито ја измислил од епрувета, како и дека е потребен само малку посериозен притисок од Софија за нештата да си дојдат на свое место и отцепениот дел на бугарската нација (македонскиот народ) повторно да се слее во матицата. Веројатно постојат и бугарски политичари што пред огледало ја вежбаат онаа веќе преупотребувана изјава на Вили Брант „тоа што си припаѓа заедно, повторно ќе расте заедно“, наменета за моментот кога двата идеолошки поделени дела на Бугарија повторно ќе се обединат.
Убаво е прашањето на мојот пријател, особено ако се има предвид дека Бугарија има одлична дипломатска служба. Надалеку прочуената комедија „Мисија Лондон“ е навистина смешна комедија, но е многу далеку од вистината. Бугарската дипломатска школа е една од најпристојните на Балканот, Бугарија има сериозна глобална дипломатска мрежа, а и успеваат да дојдат до израз и во сите мултилатерални форуми и иницијативи. Секој македонски дипломат може да посведочи колку лесно се развива човечка блискост со бугарските колеги, како и колку е поубаво кога нашите дипломатии соработуваат низ светот.
Истото се однесува и за бугарското разузнавање, кое помина низ внатрешно прочистување и демократска преобразба, онолку колку што беше можно, па успева да се справува и со внатрешните и со надворешните предизвици за бугарската национална безбедност. За бугарската наука, пак, и нема потреба многу да се објаснува. Земја што има нуклеарна програма, вселенска програма, водечки центар за новите информациони и дигитални технологии на Балканот (Софија е балканската гранка на Силициумската Долина) има сериозен научен и технолошки потенцијал. И во општествените науки Бугарија има најсериозна балканска продукција на наука, аналитика и истражувања.
Како тогаш Бугарија не успева да забележи дека политиката кон Македонија ѝ е погрешна, втемелена на лажни претпоставки и потопена во многу лош говор на омраза?
Одговорот треба да се бара на две места. Првото место е бугарскиот историски наратив. Нема ништо спорно со бугарската национална приказна. Како и сите балкански народи, така и Бугарите произлегле од социјалните судири во царствата на Отоманите и на Хабсбурзите. Националниот мит и таму е изграден во романтичарскиот период кога просветителите го создавале националниот проект за иднината, но трагале и по „заборавената“ национална врвица од минатото. Во бугарската национална свест обединетата нација од Црно Море, преку Вардар, па до Јадранот и до Бело Море, патува низ историјата уште од средновековието, па воскреснува во просветителството, за повторно да се одржавотвори со Кнежевството Бугарија, кое е матицата за обединување на Источна Румелија и на Македонија, „најромантичниот дел на бугарската историја“. Потоа доаѓаат националните катастрофи со балканските и со светските војни, но Бугарија конечно си го изнаоѓа својот пат со демократизацијата во 1989 и 1990 година. Дали овој бугарски историски наратив има конфликтни точки со македонскиот историски наратив? Да, но ништо помалку од точките на судир со српскиот, грчкиот, турскиот или албанскиот историски наратив. Дали бугарскиот историски наратив е точниот или вистинскиот? Не, нема точни и вистински историски наративи. Дали судирот на историските наративи е проблематичен за односите помеѓу нациите? Може да биде, но најчесто тоа ништо особено не значи. „Се согласуваме дека не се согласуваме“ е начинот на кој овие конфликтни точки се решаваат низ светот, а секако дека историските комисии помагаат за да се осознае перспективата на другиот и да се направи обид за надминување на различните светогледи, доколку тоа е воопшто можно.
Меѓутоа, тоа не е суштината на прашањето на мојот пријател. Тој прашува зошто Бугарија одбива да се соочи со реалноста на изградената македонска нација, идентитет и јазик. Зошто бугарската дипломатија, разузнавање и наука се слепи за состојбите во Македонија? Тука одговорот е посложен и е поврзан со начинот на функционирање на современите бирократии.
Во историската комисија постојат барем двајца лика што би требало да ги познаваат состојбите во Македонија. Убеден сум дека на амбасадорот Ангел Димитров му се совршено јасни „македонските работи“. Тој имаше впечатлив мандат и беше со задоволство виден гостин насекаде по државата. Исто така и Наум Кајчев, како поранешен бугарски генерален конзул во Битола, би требало да има некакви искуствени сознанија од неговиот мандат. Меѓутоа, имајќи го предвид изградениот бугарски светоглед кон Македонија и кон Македонците, секако дека ниту еден дипломат, разузнавач или аналитичар нема да се дрзне да си ги загрози позициите (и живејачката) во својата матична институција доколку ги прикаже состојбите во Македонија во нивното вистинско светло. Ова „групно размислување“ („groupthink“) е својствено за секоја бирократија, независно дали станува збор за демократска, авторитарна или тоталитарна земја. Штом раководителите имаат врежано размислување и цврста убеденост во курсот на некоја политика, буквално треба да се случи вистинска катастрофа за да се излезе од тој лош филм. Во книгата „Најдобрите и најпаметните“, американскиот историчар и новинар Дејвид Халберстам опишува како врвните американски млади интелектуалци и политичари, регрутирани од Кенеди и потоа преземени од Џонсон, ја носат Америка во виетнамската катастрофа и дури и го одложуваат излезот на САД од таа непотребна авантура, токму затоа што ги одржуваат илузиите на претседателите, другите врвни политичари и интелектуалци, наместо да се соочат со суровата реалност. Како резултат на таа лекција, американските институции имаат разработено цели процедури за изразување сомнеж, несогласување или отпор кон определени политики, но и тоа е залудно.
Правилата на однесување во современите бирократии се слични со правилата на однесување на средношколците во школскиот двор – друштвото ги прифаќа, ги цени и ги промовира оние што се дел од групата, што учествуваат во активностите (и палавостите) и што се согласуваат со доминантното мислење. Сите други, дури и да се сосема во право, а особено кога сакаат да се избегне голема катастрофа, срам или глупост, едноставно се отфрлени од групата. Ниту еден бирократ нема да си ги ризикува платата, статусот или напредувањето во кариерата поради една таква баналност како укажување грешка во работењето на организацијата. Ете, тоа е одговорот на прашањето на мојот пријател. Многу е полесно во бугарската дипломатија, разузнавање или наука да се измислуваат нови „докази“ за бугарскиот карактер на Македонците, за „претстојното будење на македонските Бугари“, за „бугарското самосознание“ на тие што извадиле бугарски пасоши, да се верува во налудничавите приказни дека проблемот бил што не биле преведени на македонски јазик книгите на Димитар Талев или на Симеон Радев, како и куп други чудесии, отколку да се укаже дека македонската нација е одамна формирана, дека Македонците имаат свое самосознание, историски наратив, јазик, државност и сите други атрибути. За среќа, и Македонија и Бугарија се дел од НАТО, па овие искрења не може да прераснат во пресериозен судир, но сè додека Софија се наоѓа во овој грч да докаже дека „македонската нација е таканаречена“, дека „македонскиот јазик не постои“ и дека „македонската историја е лажна“, бугарската дипломатија ќе брка сеништа, бугарското разузнавање ќе смислува проблеми и ќе отвора клубови, а бугарската историографија „научно“ ќе ги докажува изложените тези. Нема да се надминат овие состојби прекуноќ, но од интерес на македонското и на бугарското општество е да се отвори дијалог што еден ден може и да укаже на пат за надминување на нештата. Лош е многу актуелниот момент кога бугарските институции мислат дека „промената на Уставот е последната шајка во ковчегот на македонизмот“. Се плашам дека наместо тоа, дојдовме до ситуација кога инсистирањето на уставните промени е последната шајка во добрата волја на македонското општество за отворање дијалог со Македонија, што е катастрофален развој на настаните.
Се разбира, не пати само Бугарија од оваа болест. Ја имаме и во Македонија, точно во истите институции – во македонската дипломатија, во македонското разузнавање и во македонската наука, но не на темата Бугарија, туку на некои други теми каде што е многу поопортуно да се возат старите филмови отколку да се соочат институциите, политиката и општеството со реалноста, како во внатрешните така и во регионалните, европските и глобалните односи. Така што, на многу теми важи и прашањето „па, добро, бе… Имаме ли ние, Македонците, дипломатија, разузнавање и наука?“
Ивица Боцевски