Концертот на Јаков Дренковски, Аљоша Симјановски, Џина Папас-Џокси, Жаклина Стевковска и Александар Стефановски-Јаблан во „Паблик рум“, уникатна музичка фузија што ја иницираше Џокси, разбуди многу спомени и нѐ облеа со носталгија за едно дамнешно време, кога искреноста, желбата и дарбата беа доволни за влез на македонската музичка сцена.
Македонските акустичари кантавтори, во интимниот амбиент на поткровјето на „Паблик рум“ (Public Room), одржаа концерт на кој, преку песните што ги интерпретираа, ја раскажаа својата музичка приказна, долга 30, 40, 50 години.
Прв настапи Аљоша Симјановски, музичар, режисер, колуминист, кој со звуците, најпрво на својот клавир, нѐ врати „во едно бурно време кога постоело едно мирно племе, на брегот на Вардар, во кое сите сонувале на глас“.
„Од придружба само глас и гитари, не викаа акустичари“, пееше тој. Придружуван од својата гитара испеа песна за неговото Скопје, кога било мал град, со голема душа, во кој и денес стои еден урнат перон. Нѐ потсети и на своите авторски бисери за безнадежно несовршениот свет во кој живееме, а се пошегува и дека е најстариот жив кантавтор во Македонија… „Од придружба само глас и гитари, не викаа акустичари“, пееше тој… Така ќе го доживее и опише Марија Таушанска, новинарка, долгогодишна проследувачка и познавачка на македонската забавна музичка сцена.
Со развитокот и подемот на глобалните медиуми во шеесеттите и со извесни длабоки сериозни промени и согледби во однос на поимите како што се слобода, визија, авторитет, искреност и страст и во контекст на нашата подготвеност истовремено да ја практикуваме сегашноста, но и да го почитуваме минатото, се наѕира суштината на резимето за сеопштиот хаос и за современиот свет како безнадежно несовршен онтолошки модел. Во тие бурни години кога првпат до нас допреа гитарските акорди и ангажираните стихови на неповторливиот Боб Дилан, Џоан Баез, Џемс Тејлор, Елвис Костело, нивните бунтовни песни, во својата т.н. гитарска фаза напишав сонг, со текст што претставуваше за наши услови некаков обид за ангажман.
/Некои луѓе што ги знам беа
Без некој особен дар
На чуден начин и прекуноќ
Избија во прв план
Kафеана бутик или некој мал бизнис
Живеат удобно ги знае целиот град/
Се работи за време, крајот на седумдесеттите, кога во нашиот град срамежливо почнаа да никнуваат мали приватни бизниси, кои за наши услови носеа убави профити и создадоа еден тип преттранзициски херои што беа „главни фраери“, иако според теоријата што ја изучувавме, да имаш нешто приватно беше безмалку непристојно и срамно.
Парите беа причина за почетокот на т.н. општо изопачување на индивидуалноста. Грд сум, но со пари можам да ја имам најубавата. Ќопав сум, но парите ми овозможуваат да одам со 24 нозе, без дух сум, но парите се вистинскиот дух на сите работи и тие ми овозможуваат сѐ за што копнее човечкото срце, моќ, слава, комфор.
Тој несклад во теоријата и праксата беше поттик за дозата протест во текстот.
/Jас цел еден мал живот
Mинав по разни школи
Mислев мудрост е да бидеш учен
И дека е тоа начинот прав
Но гледам дека тоа денес
Mалку се цени
И дека овој свет е
безнадежно несовршен/
Наслов беше рефрен-стихот и на некој начин поента на сонгот, во продукција на националното радио, конкретно од супервизорите задолжени за текст, беше оценета како субверзивна, со препорака да се коригира, инаку…!
Видете, песната во основа е балада, се обидував да се одбранам пред дежурните душегрижници и цензори…!
/Некои женски што ги знам
Па и машки
Живеат со оној резон
Човек вреди според тоа
Kолку има и што
За нив животот е стан и добра кола
Kомфор и пари се нивна единствена цел
Jас знам дека постои и нешто друго
Пријатели, вистинска љубов и чесен труд
Но гледам дека тоа денес малку се цени
И дека овој свет е
Безнадежно несовршен/
Проблемот беше во она „безнадежно несовршен“ и во полушега, полу од инает, се согласив да го заменам со „симпатично несовршен“, што ја сруши целата смисла и од ангажирана добивме милозвучна песна, со блуткав вкус. На концертите и јавните настапи секогаш, се разбира, ја пеев оригиналната верзија. Така беше тоа во „седумдесеттите“.
Претходното големо искуство, технолошки лесно достапна продукциска инфраструктура, проверени и нови програмско-музички жанрови, нѐ вклучува во уште еден почеток, во ова бурно време. Тоа е вистинската насока за тоа како да се негува традицијата, да се анимираат нови автори, аранжери, диригенти, продуценти, изведувачи. Време кога главните битки се водат во етерот и каде што секој се обидува да изгради „концесија на небото“, што е цел и елементарна стратегија на секоја сериозна држава. Она што не минало низ медиумскиот продукциски преглед – не постои, тврдат теоретичарите. А песните и пеењата се силниот поттик што ги допира, бранува и сплотува лабавите струни на нашинците овде и секаде во светот. И за крај, стихови од пеењето во „Паблик рум“..
Во едно бурно време било едно мирно племе
Со нив бев и јас
На брегот на Вардар сонувало на глас
Имињата не се важни некои
велат биле лажни
Но искрено звучеа
ЈАКОВ, ЈАБЛАН, ЖАКИ, Џокси и ја
„Од придружба само глас и гитари, не викаа акустичари“,
Аљоша Симјановски