Земјите од Отворен Балкан ќе треба да го заменат, прошират и надградат преговарачкиот процес со Европската Унија со меѓусебен преговарачки процес каде што јасно ќе се утврди заемна усогласеност на законодавствата и ќе се дадат рокови до кога ќе тече приспособувањето, а од кога ќе започне функционирањето на единствениот балкански пазар
Може ли иницијативата Отворен Балкан да ја забрза европската интеграција на земјите од регионот во Европската Унија? Старите Римјани ни ја оставија изреката дека кога зборува оружјето молчат законите или уметноста. Избувнувањето на руската инвазија врз Украина исто така ја врати геополитиката на голема врата, па се чини дека замолкна сета креативност во дипломатијата. Вниманието на големите и на моќните е сосредоточено на Украина, освен во моментите кога се проверува дали сите сојузници сè уште се на број и во ист строј. Сите други прашања се потонати во втор план и оставени да ферментираат или да гнијат на маргините.
За жал, иако војната навидум го раздвижи процесот на проширување на Унијата, па со светлосна брзина Украина и Молдавија прескокнаа процеси за кои сите други неправедно чекаа со месеци и со години, сепак откако падна адреналинот и се намали еуфоријата, станува јасно дека ЕУ нема намера да продолжи со проширувањето во скоро време. Сигналите од клучните европски главни градови се јасни дека први на дневен ред ќе бидат реформите на Унијата, а дека дури потоа ќе се пристапи кон ново проширување. Земјите од Западен Балкан, како и новите кандидати од европскиот исток (Украина, Молдавија и, веројатно, Грузија), се врамени во новото тело коешто се нарекува Европска политичка заедница, која уште си ги бара својот идентитет, мисија и намена. Единствена надеж за раздвижување на процесите се полага во политичкото влијание на САД, тој невидлив член на Европската Унија, кои во некое сценарио би можеле да влијаат да се прецрта европската безбедносна и интеграциска архитектура. Но, ова последното е тема за посебна дискусија …
Имајќи предвид дека Европската Унија, во моментов, нема да биде „фабрика за идеи“ околу проширувањето со Западен Балкан, би било контрапродуктивно за земјите од регионот да дигнат раце и својата европска политика да ја сведат на жалење, плачење и кукање за неправедноста и за изневерените очекувања. Европа може единствено да се помрдне од инерција ако биде засрамена со одлучна акција на земјите од регионот, нешто што никој не го очекува во Брисел, а ни во Вашингтон, па дури ни во локалните главни градови.
Намерно ја избирам иницијативата Отворен Балкан како експериментална епрувета за еден ваков потфат. За разлика од Регионалниот совет за соработка, Берлинскиот процес или другите регионални иницијативи, Отворен Балкан е самоникната идеја, плод на неочекуван и безмалку незамислив сојуз помеѓу Еди Рама и Александар Вучиќ. И јас имам свои забелешки кон иницијативата, како и голем број сомнежи, но истовремено сметам дека е добро што и Македонија е дел од процесот каде што Србија и Албанија ги решаваат своите сложени прашања (не сакам ни да си замислам на што би личело доколку Тирана и Белград прават сојуз, а Скопје е изоставено). Проектираните намери на трите земји се големи, но се чини дека се трошиме на сите идеи и на многу помпа, но без реална длабинска работа.
Има ли политичка волја да се тргне похрабро? Идеја што секако ќе го активира алармот во Брисел би било земјите од Отворен Балкан да одлучат веднаш да го воведат единствениот пазар помеѓу себе, вклучувајќи ги и шенгенските правила за слободен простор за движење. Навидум и ова изгледа како скромен чекор, но ајде да ја разработиме идејата. Воведувањето на единствениот пазар за Отворен Балкан ќе значи дека земјите од регионот ќе треба да го усвојат, воведат и применат целокупното европско законодавство во меѓусебните односи. Влезот во единствениот пазар, темелот на Европската Унија и идејата-водилка на европската интеграција, е самата суштина на целиот преговарачки процес помеѓу една земја-кандидат и Брисел. Целосната интеграција во единствениот пазар е „светиот грал“ што го бараат земјите-кандидати, односно сигнал за влез во Унијата.
Доколку земјите од иницијативата Отворен Балкан влезат во еден толку амбициозен и трансформативен процес, тие секако дека ќе го привлечат вниманието на Брисел (а, и на многу други глобални центри). Единствениот балкански пазар, притоа, би ги имал сосема истите правила како и единствениот европски пазар, а мини-шенгенскиот балкански простор би бил уреден како големиот европски шенгенски простор.
Всушност, земјите од Отворен Балкан ќе треба да го заменат, прошират и надградат преговарачкиот процес со Европската Унија со меѓусебен преговарачки процес, каде што јасно ќе се утврди заемна усогласеност на законодавствата и ќе се дадат рокови до кога ќе тече приспособувањето, а од кога ќе започне функционирањето на единствениот балкански пазар.
Дали ова е достижна цел за регионот? Новиот црногорски претседател тврди дека неговата земја ќе стане членка на Унијата за време на неговиот актуелен мандат, додека, пак, македонските власти ја определија 2030 година како најоптимална за влез на државата во ЕУ. Сето ова се добри намери, но сепак ништо не зависи од балканските лидери. Европската Унија има своја динамика, свои приоритети и свои длабоки проблеми, а секако дека проширувањето не е на самиот врв на листата, поточно не е ни на средината на списокот. Меѓутоа, доколку единствениот балкански пазар профункционира помеѓу земјите од регионот, со целосна примена на европското законодавство (фамозното acquis), тогаш целта ќе биде постигната. Функционален единствен балкански пазар значи дека земјите од регионот се подготвени за членство и способни да ги преземат сите обврски од полноправниот статус на целосно интегрирана држава во Европската Унија. Полнокрвен единствен балкански пазар, по европски терк, ќе го доведе и Брисел пред свршен чин, па тие ќе бидат должни да го апсорбираат единствениот балкански пазар во единствениот европски пазар, односно да ја заокружат целосната европска интеграција на Западен Балкан.
Дали се потребни дополнителни инструменти помеѓу земјите од Отворен Балкан за влез во еден ваков проект? Имајќи предвид дека станува збор за шест држави, лесно може да се замисли меѓусебна координација, дури и без создавање дополнителни регионални тела. Но, и еден мал секретаријат што би ја играл улогата на регулатор на единствениот балкански пазар (ролјата на Европската комисија во единствениот европски пазар) може лесно да се обмисли, договори и инструментализира, како и едно механизам за решавање на споровите (пандан на Европскиот суд на правдата), а и меѓусобраниска соработка за демократска контрола на целиот процес (тукашно олицетворение на Европскиот парламент). Притоа, целиот процес на создавање единствен балкански пазар, на неговите тела и напорите за негова потполна функционалност се и најдобра подготовка за полноправното европско членство.
Суштината на европската интеграција се состои во приспособувањето кон единствениот европски пазар. Преостанатите точки се единствено заедничката европска надворешна и безбедносна политика, како и соработката во сферата на правдата и внатрешните работи, но тука земјите од Западен Балкан се веќе опфатени со различни модалитети за соработка со земјите-членки на ЕУ, а веројатно можеме и самите да усогласиме принципи за соработка и во овие сфери.
Европската интеграција на земјите од Западен Балкан не е приоритет на Европската Унија и нашето редовно повикување на некогашните (и на актуелните) ветувања, преземени обврски и договорни односи нема да премисли никого во Брисел и во другите европски престолнини. Единствено храбра, одлучна и неочекувана акција може да ја измести ЕУ од лежиштето и да ја принуди да направи исчекор. Создавање единствен балкански пазар, брат-близнак на единствениот европски пазар, е еден таков чекор и сигурен пат кон целосна европска интеграција на Западен Балкан. Самоникнатиот Отворен Балкан е клучот за полноправно членство во Европската Унија.