Опасностите на утопијата наречена вештачка интелигенција

Вештачката интелигенција покажа дека може да толкува правни аргументи, да поставува медицински дијагнози и да победи професионални играчи на покер, па и шаховски велемајстори како Гари Каспаров. Но мошне лесно дозволуваме да нè занесе магијата на вештачката интелигенција и ги игнорираме опасностите од таквиот развој на настаните

Најновите случувања на полето на вештачка интелигенција (АИ) ги остава без текст сите нејзини ентузијасти и го бомбардираат јавниот дискурс со пророштва од типот „АИ е иднината“. На родените скептици како мене (или пораснат како скептик во текот на моите 25 години живот во времето на социјализмот и дополнително кален како таков од неуспесите на демократијата) некако им е тешко да се помират со идејата за таква идна судбина, не само поради моето искуство од прва рака со емпириските неуспеси на таквите пророштва туку и поради големите етички проблеми што со себе ги носи општествениот инженеринг на една таква иднина. Не можам да знам дали иднината ќе биде во вештачката интелигенција или не, но знам дека таквата иднина е нешто што најмалку би го посакувал.
Вештачката интелигенција воопшто не е нова работа. Сонот за совршен свет што ќе биде надвор од вистинскиот „расипан“ свет е стар колку и самото човештво. Токму таквиот сон ги има создадено Бог, рајот, избавувањето и крајот на историјата. На самите почетоци, ваквото мечтаење било парохиско и навидум безопасно, сè до моментот кога истото тоа „паднало“ во рацете на политичарите и станало смртоносно.
Колосалниот технолошки развој на индустриската револуција кон крајот на осумнаесеттиот и почетокот на деветнаесеттиот век е она нешто што ќе ги инспирира соништата за постоење совршена иднина, исто како што машината може лесно да произведува фини производи што претходно биле рустикално произведени од грубите занаетчиски раце. Машината можеше да го материјализира она што претходно било едноставна филозофска шпекулација: просперитетна иднина каде што поединецот повеќе не се наоѓа на дното на социјалниот синџир на исхрана т.е. робот што е роден да служи и да страда.
Поединецот сега поседува моќ и контрола над машината, која, пак, работи за него. Машината доведе до невидена општествена трансформација и за првпат се појавува и концептот на слободен поединец.
Луѓето во минатото беа производи и заложници на своите општествени околности. И сега тука се појавува машината како општествен производ што е инфериорен во однос на кој било човек, без разлика колку човекот може да биде потиснат и потчинет, и одеднаш истиот тој потиснат и потчинет човек открива агенс во облик на моќ и контрола врз машината.

Не е случајно тоа што разнобојниот опсег на утопистички мисловни структури е поврзан со појавата на машините. Тие првично биле примитивни и плитки, во форма на социјалниот договор на Русо или на крајот на историјата на Хегел. Сепак, тие постепено станале пософистицирани (заедно со машините) и успеале да ја подобрат логичката врска што постои помеѓу непријатната современа реалност со нормативните предлози за нејзино надминување.
Теориите како што се марксизмот, феминизмот и расизмот/нацизмот на општествениот развој гледаа како на судир меѓу ривалските општествени групи (за марксизмот тоа се класите; за феминизмот тоа се половите; а за расизмот/нацизмот тоа се расите).
За сите нив, машината била или во сржта на општествениот конфликт или била неговото решение или, пак, била и двете. За марксистите, машината била она што некого го направила работник, таа е неговиот извор на егзистенција, негово ослободување како и угнетување.
За нацистите, машината е алатка и симбол на супериорноста на ариевската раса во однос на инфериорните немеханизирани раси. За феминистка како што е Шуламит Фајрстоун, машината би овозможила триумф на жените врз мажите. Според неа, жените се инхерентно супериорни во однос на мажите, но вториве ја користат физичката изнемоштеност на жената за време на бременоста за да воспостават своја доминација врз семејството и врз целото општество. Сепак, технолошкиот развој овозможил ин витро оплодување и инкубаторите да ја заменат бременоста кај жените.
Во таа смисла, машината сега би служела за размножување кај човекот, додека жените, сега ослободени од ограничувањата на бременоста, би ја искористиле својата вродена физичка и интелектуална супериорност за да доминираат во човечкото општество.
Сите тие теории беа истовремено утописки и телеолошки. Утописки беа затоа што своето логично размислување го засноваа на непроверливи и неверодостојни претпоставки за човечката природа, додека телеолошки беа затоа што сите се потпираа на сопствените верзии на последната фаза од човековиот развој. Таквото конечно општествено уредување би било совршено и би можело да се смета за крај на историјата.
Потоа, ниту еден друг голем општествен развој не би бил возможен, па дури и неопходен: комунизмот, жените или ариевската раса би доминирале вечно. Во централниот дел на таа иднина ќе биде машината, која ќе работи за луѓето и ќе ја произведува нивната среќа.

Вториот и третиот бран на индустриската револуција (радио и полуспроводници) доведоа до дополнителна софистицираност во тие мисловни системи, па дури и до бунт против машината (еколозите сега жалат поради загадувањето што го предизвикуваат ботови на планетата Земја, исто како што претходно се жалеа на негативните влијанија на машините врз животната средина). Сепак, тие не ја променија суштината на односот на луѓето со машината: таа работи за луѓето.
И сега се случува вештачката интелигенција, со својот брз напредок и свој процут над човековите аспирации за иновации и напредок, но исто така и во однос на човечката непромисленост кон големите етички и општествени проблеми, кои обично ги поврзуваат сите иновации и напредокот генерално. Дополнително, експанзијата на вештачката интелигенција ја искористува зголемената ароганција на луѓето и човечката доверба во тоа дека се остварува контроли врз планетата Земјата, машината и врз самите себе.
Нема потреба да објаснуваме тука колку смешно звучат тие тврдења. Вештачката интелигенција ја „зароби“ имагинацијата на една цела генерација и сега таа генерација мисли дека „вештачката интелигенција е иднината“, без воопшто да размислува за ужасните импликации што ова „пророштво“ може да му ги донесе на човештвото доколку истото тоа се оствари.
Ветувањето на вештачката интелигенција е дека машината ќе биде таа што ќе размислува наместо луѓето. Апликации за вештачка интелигенција покажуваат дека ботови се способни да ги толкуваат правните аргументи и да предлагаат одлуки што треба да се донесат во граѓански и разводни парници. Апликациите за вештачката интелигенција во медицината ги докажаа нејзините способности да поставува дијагноза. ОпенАИ бот жестоко го порази врвниот играч на ДОТА 2, а веќе знаеме дека ботовите ги имаат победено и професионалните играчи на покер, па дури и светскиот шампион во шах Гари Каспаров.

Лесно нè занесуваат магиите на вештачката интелигенција, но не смееме да заборавиме на опасностите од таквиот развој на настаните. Што би се случило со човештвото доколку машината би размислувала наместо нас? Во изминативе 300 години го користевме просветителскиот афоризам „cogito ergo sum“ [мислам, значи постојам]. Дали сè уште би постоеле ако ѝ ги предадеме на машината нашата способност и практика на размислување и расудување?
За сите оние што сметаат дека ваквата загриженост е неоснована и дека луѓето ќе продолжат да ја контролираат машината, имам една лоша вест: сега е поинаку. Досега машината едноставно ги применуваше нашите команди; сега, пак, машината учи. Тоа ќе ѝ овозможи да ни избега од контрола и, на крајот, да се сврти против нас.
Обожувањето на вештачката интелигенција, маѓепсаноста од нејзините способности и мечтаењето дека тоа ќе доведе до супериорно општествено уредување звучи слично на политичките утопии за современоста (што ги споменав погоре), кои трагично се обидоа да се материјализираат во текот на дваесеттиот век. За разлика од порано, утопијата на вештачката интелигенција може да биде последна и фатална за човештвото.

Ридван Пешкопија

(Республика.еду.мк)