Во текот на изминативе години повеќепати сум се запрашал дали живееме во златната доба на глупоста. Секако дека ги живееме годините кога интелектуалците се замолчени за да не ги навредат идиотите. Власта успеа да нѐ врати во новиот мрачен век, едноставно премногу неписмена и самобендисана да сфати колку се глупави потезите што ги презема. Се разбира дека луѓето прават глупави работи од почетокот на времето. Но како што глупоста во изминативе години незапирливо напредуваше кон својата кулминација, почна да ми се чини како човечката глупост во политиката, речиси намерно се надминуваше себеси. Изгледа во Македонија полесно е да се расудува и да се разговара со злонамерна личност отколку со глупава будала. За жал, кај нас глупоста во политиката не е хендикеп и не е некој сериозен проблем за политичарите.
Колку пати сме биле сведоци на политичари што соочени со факти или докази што се во спротивност со нивните верувања ги игнорираат и негираат. Тие веруваат во она што сакаат да веруваат. Одамна не се однесуваат на рационален начин. Затоа тврдам дека против глупоста во политиката немаме одбрана. Ниту протести, ниту сила, ниту аргументи можат да ја допрат. Здраворазумското расудување веќе нема никаква корист. Затоа никогаш не потценувајте ја моќта на глупавите политичари. Видовме до каде може да тераат. Ние моментално „уживаме“ во мастерклас во уметноста на политичката глупост. Оваа власт и нејзините лидери нè школуваат веќе некое време. Изгледа некои од нас се лоши ученици. За сиве години, изјавите на „држалотворните“ политичари се урнебесно, застрашувачки глупави, одразувајќи го процесот на размислување на луѓе чии глави, изгледа, се преполни со цемент. До нив ни најтенките зраци мудрост и проникливост повеќе не допираат, ако некогаш воопшто стигнале. Глупоста е таа што ги штити од надворешни влијанија.
Денес не е проблем да си глуп, иако конкуренцијата е голема: проблемот на оваа власт е што систематски бара начини глупоста да се проектира како доблест, како дел од пакетот позитивност на нејзиното дејствување во политиката. Луѓето треба, според желбата на власта, да ја прифатат глупоста безрезервно. Оттука, ќе биде погубно да се отфрли лавината од таква глупост како незначајна. Поновата историја нѐ учи да бидеме доволно претпазливи во однос на ваквиот пристап на глупоста во политиката. Гледаме каде нѐ однесе тоа со „историските“ одлуки на Заев и „држалотворните“ за ребрендирање на државата. Навредувањето на рационалноста е предуслов за да се обезбеди успешна циркулација и потрошувачка на нивната глупост од страна на целната публика на овој проект. Сепак, имаме прифаќање на глупоста како доблест од одреден дел на граѓаните на Македонија, одржувајќи го жив проектот на власта за обезличување на државата. Голем дел од нашата сегашна политичка елита се толку алчни и глупави, а нашите медиуми толку празни, што нашиот одговор на претстојната катастрофа е ирационален. Можеби затоа власта продолжува толку гордо и арогантно да ја слави глупоста.
Често се прашувам: зашто луѓето во Македонија (еден дел) веруваат дека со променетото име на државата го забетониравме идентитетот или дека сме на чекор до влез во Европската Унија? Зашто веруваат во глупостите на оваа власт и како да не се чувствуваат понижени од нивните лаги? Еве еден популарен одговор во кој сака да верува власта: затоа што се работи за глупави луѓе што мразат факти, или не можат да разликуваат факти од фикција. Овој став исклучително е популарен и контроверзен истовремено. Тоа е она гледиште на власта секогаш кога се чувствува задоволна поради успехот да ги убеди другите во сопствените лаги и глупости. Иако привлечна е идејата за власта граѓаните да ги третира како глупави и ирационални, убеден сум дека треба да се спротивставиме на овој импулс на политиката. Во нормална држава, каква што не сме веќе повеќе години, на политичката глупост би се гледало со презир, но во тоталитарниот дискурс, кој успеа да го изгради глупоста, се слави како храброст на убедување, неопходно за заштита на нејзината деструктивност.
Затоа итно мора да ја разобличиме глупоста на оваа гарнитура политичари, ако сакаме да преживееме како народ и држава. Мораме да ги уништиме механизмите за нејзина продукција и дисеменација, како и да ја урнеме заблудата на сигурноста, која е белег на политичката глупост денес. Секој обид да се разговара разумно со некој политичар што постојано тропа глупости (а богами се шират брзо како пандемија) обично е губење време, зашто разумноста на ваков политичар е затрупана во непробоен ментален штит на самозаблуда. Како што нè потсеќа Еврипид, „разговарај разумно со будала тој ќе те нарекува глупав“. Сосема е исто ако разговараш со политичар на тековната власт денес. Кога ќе се раскаже приказната за оваа ера многу години подоцна и кога идните студенти ќе учат за лагите, корупцијата, самобогатењето и злоупотребите на власта, она што можеби нема да го сфатат – а што дури и сега е тешко да се разбере – е само колку глупаво беше да се живее овие седум години. За вас не знам, но мене ми е доста.