Обединување пред разнебитување

Темата за „обединување на интелектуалците“ (во случајов заради спас на македонизмот) е премногу важна за да се елаборира накусо. Таа мака нѐ обременува, парализира, конфронтира и разочарува со децении. Затоа, оваа колумна ќе оди во продолженија, ни самата не знам колку… Како повод (а не причина) ги земам последниот повик на „тринаесеттемина интелектуалци“ и неговата содржина, иако не е ни прв ни последен. Потоа ќе ја сумирам состојбата во која се наоѓаме како држава (и особено како македонски народ), во обид да откријам по што е овој момент подраматичен или судбински од претходните. Зошто оваа речиси безнадежна состојба има своја генеза и не е резултат на метеор што паднал од небо… И на крајот најважното и најтешко: што треба да сторат интелектуалците и неинтелектуалците за да се избегне очекуваното сценарио? Од каде да се почне со оправањето на македонскиот Титаник?
Искрено, прогласот фрлен како сламка за спас или јадица за обединување околу нивната реч сакав да го премолчам, бидејќи внатрешната битка со личната неспособност да заборавам и простам може да се одрази како „ситнење на отпорот“. Потреба од македонско обединување околу есенцијалните национални интереси е толку насушна, што секој добронамерен треба да изброи до 1.000 пред да „пресече“ и заземе став. Од друга страна, ни кажаа дека интелектуалецот бил човек што реагира, а јас тоа го правам со децении, па зошто би се соочила со самоцензура, ако веќе размислувам за општеството во кое живеам? Настрана бројот (и ликот) на потписниците, па дури и начинот на ширење и собирање „лајкови на Фејсбук“ (прашања се нижат: зарем спаднавме само на 13 интелектуалци, зарем не можеа да најдат повеќе истомисленици, да создадат критична маса што ќе има моќ да влијае врз елитите, зарем вака ќе го легитимираме интелектуалниот потенцијал на македонизмот и на Македонија итн.) – многу поважна и проблематична е неговата содржина (ни риба ни жена). Она што натежна, она што ме предизвика да понудам свое гледање беше новинарската егзалтација и констатација дека на овие луѓе треба да им се честита за храброста зашто сите (90 отсто) интелектуалци биле замолчени и се плашеле. Тоа е не само неточно туку е и негација на сето она што е досега сторено и во разни групации, но и континуирани индивидуални и здружени акции околу зачувување на огнот. Ни држава, ни демократија не се гради со куса меморија и со постојани „нови почетоци“.
Најсуштественото прашање на мигот е: обединување околу што, а не околу кого! За обединителите, или поточно за нивната моќ да мобилизираат и влијаат, ќе напишам нешто во наредното продолжение. Сега фокусот е на анализата на содржината на прогласот. Според насловот, а и содржината, тој има намера да презентира стамен став на загрижени луѓе што сакаат да нѐ разбудат и обединат (нас, заспаните интелектуалци и граѓани), а кои успеале да си подадат рака наспроти досегашните меѓусебни (политички, идеолошки или дури и лични) несогласувања.

Тие нудат сплотување околу идејата за македонизмот како европска идеја. Прогласот беше вистинско изненадување не само поради таинствениот и конспиративен начин на кој се формирала оваа дружина, која небаре на тајна вечера го смислила прогласот без НИКАКОВ обид да ја прошири листата пред да излезе во печат (и така остане запомнета во архивите, како авангарда во еден значаен историски миг). Многу позачудувачки е фактот што одеднаш се промовира изразот „македонизам“ без да се дефинира прецизно. Се чини како поим со кој се рехабилитира сѐ што е врзано за македонската држава и нејзината култура и идентитет, односно „она на М“ се ребрендира во модерна и европска идеја, и тоа од луѓе што до вчера (до Преспа) сметаа дека баластот на македонското ни е пречка да се европеизираме и беа подготвени да го жртвуваат (како пион за кралица во шаховска партија). Прво, што е македонизам? Второ, дали имаме два и повеќе македонизми (кога луѓе со различни позиции се обединуваат)? И конечно, дали се сигурни дека Европа „пукнала“ од желба да го внесе баш македонизмот во своите пазуви? По сиот оној притисок, пропаганда, закани и лаги од 2018-та, па до денес, постои основано сомневање дека ЕУ сака да си внесе уште еден национален „-изам“ од и онака турбулентниот Балкан. Македонија и македонското секогаш биле колатерална жртва и нешто што е полесно да се жртвува како послаба страна во секој од асиметричните спорови што беа наметнати од соседите.
Прогласот вели дека сме „заложник на апсурдните барања на Република Бугарија“. Види, богати! А барањата на Грција беа рационални, европски и цивилизирани, па, ете, ние требаше да попуштиме?! Понатаму: „одлучивме да се обединиме во мислата и во зборот за Македонија“ – жалам, ама малку задоцнето! Македонија ја имаме само „за по дома“, бидејќи ја продадовме за НАТО. Потписниците тврдат дека сме биле демократско општество, па затоа нив како луѓе со различни убедувања ги обединила мислата за Македонија. Каде видоа демократија, забога!? Во надворешно поттикнатата операција за смена на режим во вид на обоена/шарена револуција? Во справувањето со „терористите“ од 27 април и нелегалниот избор на Џафери за спикер? Во медиумскиот линч, заканите од политичкиот врв, солзавецот, непочитувањето на референдумската одлуката од 2018 г., озаконувањето на договорот без потпис на претседателот на Републиката? Во „сточниот пазар“ и купувањето и поткупот на пратеници? Кили би имал што да каже на ова место, ама ќе бидам пристојна. И смеа и гнев ми предизвика оваа реченица: „Во овие мигови, кога нашата татковина се соочува со ултиматуми, чијашто цел е ревизија на националната и на културната историја на македонскиот народ, а индиректно и на темелите на современата македонска нација.“ Сериозно? Во ОВИЕ МИГОВИ? А не пред четири години кога ни ревидираа личен опис и станавме северномакедонци? Како да се обединиме без да ја споменеме причината за оваа егзистенцијална криза и девастација? Причини и последици се темата од која треба да се почне, освен ако некој не очекува индулгенција (опрост, амнезија или јавна амнестија) за дејствијата со кои придонел за идентитетската девастација. Обединување против бугарските барања, а без спомнување на Преспа, е како кога во куќата на обесениот не се зборува за јаже.

Па ние рак-раната сами си ја отворивме со Преспа, со тоа буквално ги поканивме Бугарите мајка да ни расплачат! Денес зборување за македонизам и за европски вредности не одат во една реченица, бидејќи Македонија беше жртвувана на олтарот на тие божемни вредности! Зошто плачење пред ЕУ кога таа и поддржува „секакво меѓусебно прифатливо решение“ на страните во „спорот“. Истите рефрени, истата позиција, иста мета – исто отстојање! Бугарија ја злоупотребувала привилегијата што ѝ ја овозможува „членството во европското семејство“. А Грција што правеше? ЕУ е нефункционално семејство, а богами и компасот и вредностите ги има изгубено, подготвувајќи се за војна наместо за мир.
Интелектуалците велат: „Никој нема право да ѝ ја одрече на Македонија нејзината европска иднина и да ја спречи во нејзиното интегрирање во составот на ЕУ“. Апсолутно романтично! Како тоа никој? Па, според новата методологија СЕКОЈА членка на ЕУ има право да нѐ запре во текот на (евентуалните) преговори, кои ќе траат 20-30 години. Уште ли памет не ни доаѓа, па од финоќа ќе зборуваме во суперлативи за европските вредности? Тоа е бакнување на раката на „камшикарот“. Велат дека со осамостојувањето во 1991 година, сме искажале јасно изразена волја на граѓаните за европеизирање на земјата. Не, не, тогаш одлучувавме за држава Македонија, а не за ЕУ (таа тогаш се конституираше од ЕЕЗ во ЕУ). Бајковитата претстава за ЕУ беше и остана средство за залажување од страна на тотално неспособни елити, кои ветуваа дека тоа што тие не можат да го сторат ќе го донесе некој однадвор. Наводно, ЕУ била природен развој на македонската држава, а не наметнат политички проект. Не, браќа обединители, ние сме протекторат, кој слуша сѐ, па дури и преговара за своето размакедончување преку меѓународен стејтбилдинг (патем, со промената на преамбулата во 2019 г. го поплукавме и АСНОМ на кој сега се колнеме дека бил извор на суверенитетот, а и од Уставот во 1991 г. не остана ништо откако рамковниот договор стана уставен темел). Интересна е тезата дека „наводниот бугарски историски идентитет на Македонците не е и не може да биде основа на новиот европски идентитет на државата“. Истото важи и за северниот идентитет што ни го натураат и низ нос и низ грло, секојдневно! Убаво звучи дека „македонизмот е еманципаторска и обединувачка идеја“, која била фактор на мир и стабилност во регионот и во Европа. Ама нас македонизмот ни дома не ни е дозволен, уште помалку во регионот! За ЕУ сме територија и така ќе останеме уште долго време – размакедончени, бугаризирани или нешто трето, ним им е сеедно сѐ додека не им правиме проблем. Мислите дека Албанците ќе застанат зад идејата на македонизмот?! Мислите случајно е што министер за надворешни работи (нов „Димитров“) е Албанец, а меѓудржавната комисија за образование, наука и култура (формирана од новиот премиер за преговорите со Бугарија) е составена од уште двајца Албанци? На Ахмети не му пречат ни Македонци, ни Бугари, ни Марсовци во преамбулата – додека тој е газда во кучата (што сме ја продале).

Најважната работа е што интелектуалците обединители не бараат ИТЕН ПРЕКИН на оваа фарса од преговори и на новиот анекс (4 или 5+1, за кој Пендаровски бара просто мнозинство), туку дипломатски, интелектуално и европски ги охрабруваат институциите да ги продолжат разговорите за отстранување на пречките на патот кон ЕУ. Ало! Идентитетската девастација е ФАКТ и за нас, а не пак за идните генерации. Благодарение на тие што му даваа легитимитет и медиумска и интелектуална поддршка на Заев да нѐ докрајчи… Кој не го гледа ова, е или слеп или не сака да види. Обединување само под услов да се соочиме сами со себе, со сите порази, капитулации и капитуланти, да си ги признаеме сите отстапки и фактот дека нашите елити доведоа до девастацијата на државата и на нацијата, од 1991 г. до денес – со рамковниот, бугарскиот и Преспанскиот како рак-рана на ова општество што умира, без оглед на името и на корените. Тој што умира нема иднина, никаква, а не пак европска.

(продолжува)