Нула за климатските промени и за емисиите на стакленички гасови

Ех, какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула. Нула е број што означува ништо, нешто што не постои. Во животот во сите сфери кога ќе кажеш нула за која било работа или предмет, тоа значи дека тоа не вреди, не чини, не е добро. За некој човек (личност) знаеме да кажеме дека е нула од човек ако има лош карактер (лаже, мрзлив, некултурен, слабо поткован со знаење итн.). За некој политичар што нема успех во водењето на политиката и економијата велиме дека тој е нула политичар. За резултатот во некоја работа или бизнис во некоја фирма велиме дека е нула ако нема (добар) профит т.е. има слаби приходи. Значи генерално, за нешто што не чини велиме дека тоа е нула.
Темата на овој напис, всушност, се однесува на емисиите на стакленички гасови поради кои настануваат климатските промени на планетата Земја. На поголем број луѓе поимот стакленички гасови не им е јасен. Ако се толкува поимот буквално, тоа му доаѓа како гасови од стакло, а такви гасови не постојат. Па тогаш зошто ги нарекуваат така, и тоа не само кај нас во Македонија туку и во дел од околниот регион? Причината е бидејќи овие гасови создаваат ефект на стаклена градина. Овој ефект се создава во т.н. стакленик при што сончевите топлински зраци навлегуваат во внатрешноста и ја загреваат, а стаклената површина не дозволува топлината да излезе надвор. Во земјоделството овие стакленици кај нас ги нарекуваат и оранжерии и во нив се одгледува ран зеленчук во зимски услови. На англиски јазик, оранжерија се преведува како green house, а стакленичките гасови ги именуваат како green house gases и најчесто се означуваат со кратенката GHG. По таа логика, на македонски јазик би можеле да го употребиме терминот оранжериски гасови, но тоа може да создаде забуна. А бидејќи последниве години земјоделците наместо стакленици употребуваат пластеници, би требало овие гасови да ги нарекуваме пластенични гасови, а тоа исто така ќе создаде забуна. Но да останеме на терминот стакленички гасови, а тие се: јаглерод диоксид (СО2), метан (СН4), азотен оксид (N2О) и флуорни гасови. Најголемо учество во ефектот стаклена градина има јаглеродниот диоксид, кој се ослободува при согорување на фосилните горива (јаглен, нафта и природен гас), а тоа е во секторот енергија. Се смета дека масовните емисии на стакленички гасови се јавуваат од почетокот на индустрискиот развој во светот од 1850 година наваму.
А, еве, објаснување како настанува глобалното затоплување на Земјата. Во составот на сончевото зрачење има инфрацрвено (топлинско) зрачење што делумно се апсорбира од Земјината површина и атмосферата над неа, а другиот дел се одбива и се враќа назад во вселената. По одбивањето од Земјината површина се зголемува брановата должина на инфрацрвените зраци, тие стануваат помалку пробивни, така што слојот од стакленички гасови „заробува“ дел од топлинското зрачење во нискиот дел на атмосферата, а тоа е ефект на стаклена градина. Тоа е природна појава без која просечната температурата на Земјината површина би била -15 степени Целзиусови, односно 33 степени пониска од постоjната денес. Но прекумерните емисии на стакленички гасови го зголемуваат ефектот на стаклена градина, така што денес температурата на атмосферата над Земјината површина е глобално покачена за 1,2 степен во споредба со прединдустрискиот период.

Поради климатските промени се случуваат големи временски непогоди: поројни дождови, поплави, силни ветришта, високи температури, топлински бранови, шумски пожари, суши итн. Последиците се многубројни и катастрофални: загуби на човечки животи, влијание на здравјето на луѓето, загуби во економијата и земјоделството, оштетување на живеалишта, миграции на луѓе, негативно влијание на целиот животински и растителен свет итн. Од тие причини во 1988 г. е воспоставено меѓународно тело за климатски промени (IPCC), а во 1992 г. е донесена Рамковна конвенција на Обединетите нации за климатски промени (UNFCCC). Секоја година Обединетите нации (UN) организираат т.н. Конференција на страните (СОР) со цел борба против климатските промени. Иако во минатите години се донесени разни мерки, од кои некои се задолжителни (за развиените земји), посакуваните цели не се постигнати.
Треба да се истакне Парискиот договор донесен на COP-21 во 2015 година. Тој е правно обврзувачки меѓународен договор за климатските промени, а неговата цел е да го ограничи глобалното затоплување да биде под 2 степени Целзиусови, по можност до 1,5 степен, во споредба со прединдустриското ниво, и тоа да се постигне до 2050 година.
Земјите имаат обврска да поднесуваат т.н. национално определени придонеси (NDC) во кои ги наведуваат активностите што ќе ги преземат за да ги намалат емисиите на стакленички гасови, а со цел постигнување на целите од договорот. А целта е во 2050 година да има климатска неутралност, односно нето НУЛА емисии на стакленички гасови.
Најголемите емисии на стакленички гасови потекнуваат од енергетскиот сектор. Затоа, потребна е релативно брза енергетска транзиција во следниот период, и тоа главно во зголемување на енергетската ефикасност (т.е. намалување на потребите од енергија) и воведување обновливи извори на енергија. Според Меѓународната агенција за енергија (IEA), со денешното ниво на технологии и знаења во енергетиката не може да се постигнат поставените цели. Затоа се инвестираат големи пари во истражувања нови технологии, како на пример во производство на зелен водород како гориво, нуклеарна фузија, батерии со голем капацитет, зафаќање и уништување на јаглерод диоксид, итн.

Но во последниве години по Парискиот договор фактите кажуваат дека енергетската транзиција не се одвива како што беше предвидено. Очигледен доказ е последнава година во која владее енергетска криза и главен приоритет на земјите е како да обезбедат природен гас, нафта и јаглен (фосилни горива), а на климатските промени се осврнуваат само кога имаат временски непогоди. Емисиите на стакленички гасови постојано се зголемуваат секоја година, наместо да се намалуваат.
Значи целта да постигнеме нула емисии на стакленички гасови до 2050 година, најверојатно, нема да се оствари. Но затоа, повеќе илјади учесници на годишната конференција за климатски промени (СОР-27) што се одржа неодамна во египетското туристичко место Шарм ел Шеик (Египет), 14 дена, постигнаа резултат НУЛА.

Ристо Цицонков

Авторот е професор на Машински факултет – Скопје и уредник на првиот национален извештај за климатски промени на РМ кон ОН (2002 г.)