Новинарството во Грција: Два паралелни универзума

Грчките медиуми се поларизирани. Во зависност од тоа какви се нивните врски со „власта“, тие избираат нецелосно да известуваат или воопшто да не известуваат за некое прашање. Секој што живее во Грција или се занимава со грчките актуелни случувања лесно може да воочи две реалности т.е. два паралелни универзума што постојат во земјата. Откривањето на скандалот со прислушувањето, познат и како Предаторска порта или грчки Вотергејт, беше иницирано од независните грчки медиуми како што се „Инсајт стори“, „Репортерс јунајтед“ и про-СИРИЗА (главна опозиција во Грција, инаку левичарска партија) медиумите, како што се „Ефимерида тон синтактон“и „Документо“. Овие медиуми долги месеци се обидуваа да го истакнат проблемот така што постојано известуваа за него. Сепак, ова не го претставува целиот дневен печат во Грција. Другите медиуми, особено оние блиски до власта, известуваа недоволно или целосно избегнуваа да пишуваат/кажат што било. Тоа имаше директно влијание врз начинот на кој читателите т.е. грчката јавност, генерално, ја согледуваше важноста на темата. Голем број грчки граѓани, меѓу нив дури и новинари, земаа здраво за готово дека биле/се под надзор и дека тоа е нешто што се случува и дека се правело/го прават сите влади.
Скандалот со прислушувањето, кој беше главна тема во грчките медиуми од пролетта 2022 година, се однесува на употреба на нелегален предаторски софтвер од страна на грчките тајни служби (ЕИП) за следење или обиди за следење новинари, политичари, воени лица, деловни луѓе, лица од правосудството и носители на државни функции. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, по победата на неговата конзервативна партија Нова демократија во 2019 година, ја стави ЕИП под негов директен надзор и под надлежност на неговиот внук и генерален секретар Григорис Димитријадис.
Танасис Кукакис, новинар во Си-ен-ен Грција што покрива финансиски прашања и е дописник на странски медиуми како што се Си-ен-би-си и „Фајненшл тајмс“, е првата потврдена жртва на овој скандал. Кукакис известувал за контроверзните измени во Кривичниот законик на Грција иницирани од Владата, а поврзано со законодавството за спречување на перењето пари и кое ги регулира даночните прашања. Тој бил следен од грчките тајни служби поради „национална безбедност“, но и преку предатор, кој незаконски му бил инсталиран на мобилниот телефон, откако прво кликнал на несоодветен линк што му бил испратен. Во интервју за „Балкан инсајт“, Кукаис посочи: „Прашањата што треба да се постават се: Колку има други новинари како мене? Колку има други политичари како мене? Не сме само јас и Андрулакис“.
По откритијата на Кукакис во април 2022 година, Никос Андрулакис, лидерот на третата по големина партија во грчкиот парламент ПАСОК и европратеник, е втората речиси потврдена „жртва“ на предатор. Во јули 2022 година тој објави дека добил СМС со линк на неговиот мобилен телефон на кој никогаш не кликнал. Дури тогаш мејнстрим-медиумите во Грција почнале да известуваат за скандалот.
На почетокот на август 2020 година, по големиот притисок, оставка поднесоа внукот на Мицотакис, Димитријадис, како и шефот на ЕИП, Панајотис Контолеон. Во телевизиска порака во врска со следењето на Андрулакис, Мицотакис рече дека не знае ништо за тоа: „Она што беше направено можеби беше во согласност со словото на законот, но беше погрешно. Не бев свесен за тоа и, очигледно, никогаш не би дозволил такво нешто!“ До ден-денес, истрагата за овој случај не е затворена, а не е поднесено ни обвинение.

Странските медиуми, како што е „Балкан инсајт“, меѓународните организации што ја бранат слободата на печатот, како и надлежното тело на ЕУ (PEGA – Комитет формиран за да истражуваат наводни прекршувања или злоупотреби на примената на правото на ЕУ во врска со употребата на Пегасус и еквивалентен софтвер за шпионски надзор) преку континуирани извештаи и истраги, имаа важна улога во изнесувањето на површина на скандалот со прислушување во Грција. „Предатор гејт“ стана „популарна“ тема на грчките мејнстрим-медиуми дури откако Андрулакис објави дека имало обид да биде следен.
Алексис Папакелас, актуелен извршен уредник на грчкиот весник „Катимерини“, на 22 октомври призна дека грчките медиуми и „Катимерини“ биле „бавни“ во истражувањето на скандалот. Сепак, тој додаде дека, откако се вклучи и неговиот весник, „покривањето не е нецелосно“. Ова не е првпат за некој проблем недоволно да се известува или воопшто да не се известува од страна на грчките медиуми. Секој што живее во Грција или се занимава со грчките актуелни работи лесно може да воочи дека во земјата има две реалности т.е. два паралелни универзума. Од една страна е наративот на власта, а од другата страна се „независните“ и медиумите што ѝ се спротивставени на владата. Но дали е ова новинарство? Читателите, врз основа на своите политички убедувања, ќе изберат да бидат информирани од медиумите што ги застапуваат нивните ставови. Но дали е ова вистинска информација?
Грчкиот дневен печат е длабоко поделен, исто како и новинарскиот свет – не самите новинари туку и новинарството. Новинарите, во зависност од медиумите со кои работат, знаат за што треба или за што не треба да пишуваат или, конкретно, да се самоцензурираат или не. Во моментов темите не се забрануваат или, како што ние велиме во грчкиот новинарски сленг, не „се ставаат во фрижидер“ од страна на извршните директори, туку од самите новинари. Сè додека оваа поделба продолжува да биде присутна во грчките медиуми, така ќе биде поделено и грчкото општество.
Додека го пишуваме овој текст, новинарската истрага за скандалот со прислушувањето продолжува.

Елени Стаматуку

(Республика.еду.мк)