За тоа што претставува деменцијата за самата личност, за семејството и за општеството генерално сум пишувала јас лично, но и се пишува во многу списанија. Денес оваа катастрофа за личноста опфаќа огромен број болни и претставува огромен товар за семејството и огромен товар за здравствено-социјалното опкружување. Затоа, нема да пречи да напишам уште некои најнови сознанија за оваа девастирачка состојба кај луѓето.
Веќе на сите им е познато дека основна карактеристика на деменцијата е губењето на меморијата. Заедно со тоа се јавуваат и други придружни знаци како дезориентација, губење на јазичната способност и неможност за решавање вообичаени задачи. Симптомите, прогресот и силината на манифестацијата се разликуваат зависно од тоа за која форма на деменција се работи.
Да се живее со деменција генерално значи да се биде асоциран со термини какви што се загуба, конфузија и зависност (од други), наспроти она што значи развој, активност и соработка. Токму поради тоа, секој придонес од истражувањата што дава некаква надеж дека сепак нешто останало од способностите кај оние што живеат со деменција и начинот како да се справуваме со секојдневните проблеми дава некаква нова перспектива.
Најновата студија од научниците на универзитетот „Линкопинг“, Шведска, покажува дека дементните пациенти сѐ уште можат да учат нови вештини, предизвикувајќи ги познатите закоравени заблуди околу оваа болест. Поточно, како и во многу други експерименти, истражувачите ги изложиле страдалниците од деменција на таблети (пренесувачки компјутери) и успеале да постигнат самите болни да научат како да ги употребуваат независно од други помагачи. Клучните факти добиени од оваа студија се:
• И покрај големото нарушување на меморијата, пациентите со деменција во студијата научиле да ги користат таблетите самостојно во период од четири до шест недели.
• Болните со деменција, дополнително, во учењето на овие вештини си помагале еден на друг, без да ги вклучат во тоа негувателите и персоналот што се грижеле за нив. Ова зборува за нивната социјална страна, која останала зачувана.
• Студијата сугерира дека самиот ангажман на дементните пациенти во активности што имаат значење базирано на нивните интереси може да помогне во активирање на преостанатите капацитети за учење и да го подобри квалитетот на животот.
Било за изненадување како пациентите со деменција ги решаваат мистериите поврзани со таблетот без помош од персоналот или од нивните семејства, а само со соработка со други „сопатници“ во институцијата. Тие научиле како да се фокусираат на одредени задачи и на вештината на сопствените раце!
Преку оваа студија се покажува дека Алцхајмеровата деменција сѐ уште претставува болест со многу енигми, со многу непознаници, кои дури во иднина треба да се откријат. Токму затоа, многу големи финансиски средства се вложуваат во истражување на оваа болест, не само поради хуманистички намери туку и поради овозможување помали трошоци од страна на богатите капиталистички општества.
Во новата студија изведена во општата болница Масачусетс, а објавена во списанието „Нејчр медисин“, соопштено е дека се пронајдени личности што се поотпорни на Алцхајмерова деменција. Поточно, во семејство од Колумбија е најдена генетска варијанта наречена паиза мутација (Presenilin-1 E280A), која се пренесува по автосомно доминантен начин на наследување. Оние луѓе што ја имаат оваа генетска мутација, инаку стекната преку наследување од едниот родител, обично развиваат многу полесна форма на когнитивно нарушување, многу рано, околу возраст од 44 години. Целосна деменција развиваат околу 50-та и ретко доживуваат возраст од 65 години. Овие манифестации се во сосема спротивност со типичните болни од Алцхајмер, кои најчесто почнуваат да манифестираат знаци околу 65 година и обично го завршуваат животот најдоцна по десет години.
Денес се откриени околу 6.000 индивидуи што се носители на паиза мутацијата. Околу 1.500 од нив покажале рани знаци за Алцхајмерова деменција. И кај нив се потврдени амилоидни плаки при снимање со магнетна резонанца (МРИ), кои се типичен маркер за оваа болест.
Од друга страна, една друга генетска варијанта именувана како Christchurch го атакува генот наречен аполипопротеин Е (АПОЕ3), кој се смета дека влијае на смалување на ризикот од Алцхајмерова болест. Варијантата наречена Reelin-COLBOS влијае на прогресот кај болеста и ја има кај некои членови што имаат паиза мутација.
Оваа варијанта Reelin-COLBOS се знае дека го енкодира протеинот што ги контролира сигналите што го модификуваат тау протеинот, најважна супстанција одговорна за Алцхајмер и за губење на меморијата.
Според тоа, почнувајќи од паиза популацијата, која развива рано знаци за Алцхајмер, се наоѓа нова мутација Reelin-COLBOS, која, пак, спротивно, претставува некаков заштитник од појава на деменцијата.
Неуроимиџинг-испитувањата кај луѓе што ја имале оваа генетска варијанта покажале дека речиси целиот мозок бил зафатен со наталожен тау протеин, освен една мозочна регија – енториналниот дел, кој, пак, е најбитен за меморијата, за просторната ориентација и за перцепција на времето. Ова е објаснување зошто луѓето со оваа варијанта се одржуваат подолго време како безбедни од дементни процеси, т.е. од когнитивно пропаѓање. Овие најнови наоди даваат надеж за нови третмани кај болните. Да запомниме, варијантата Reelin-COLBOS се смета како некаков протектор од рана деменција!
Уште едно истражување поврзано со Алцхајмеровата деменција претпоставува за врската црево – мозок кај болните со оваа болест. Поточно, пронајдени се некои цревни бактерии што потенцијално можат да го зголемат/намалат ризикот од развивање на болеста. Ваквите наоди потврдуваат дека кај невродегенеративните заболувања постои несомнена корелација помеѓу функцијата на цревата и здравјето. Со тоа, персонализиран третман кај болните подразбира специјални промени во исхраната и додавање пробиотици со кои ќе се влијае на микробиомот на цревата, на имуниот систем и конечно на мозочната функција.
Физичката активност силно влијае на функцијата на мозокот. Редовната физичка активност промовира неврогенеза, особено во регијата на хипокампусот, со што се подобрува просторната меморија, се подобрува квалитетот на сонот, се зголемува мозочната пластичност и се намалува инфламацијата.
Всушност, физичката активност е потенцијален еликсир за здравјето на мозокот и когнитивната функција и претставува значаен фактор на животниот стил, кој го одржува нашето невролошко (а со тоа и ментално) здравје.
Според тоа, денес ви соопштив неколку новини поврзани со деменцијата со кои сепак се потврдува дека ништо не е сосема изгубено, дека има надеж и кога некој добива дијагноза Алцхајмерова деменција.