Нордистан е чудо невидено. Во него, времето и просторот функционираат поинаку од секое друго место на планетата Земја. Тука е таму, а некогаш е сега и тоа некогаш што е сега, оттука треба да нè однесе таму. Колку и да ви звучи ова бесмислено, не сте во право, затоа што Нордистан може уште побесмислено и тоа секако да биде логично, ама и успешно. Едноставно не се доловува со зборови нордистанската блескавост среде неговата нова нормалност.
Ете дознавме, Таче ни кажа, онака окљафтен како да упаднал во темна соба, светлото нагло се запалило и битисувањето му викнало „сопрајс“, дека мапата на голема Албанија, со која толку често во последно време „мавтаат“ албанските политичари, најмногу ДУИ, да ти било нешто демоде, од пред 140 години и веќе не се важело. Океј, ама ДУИ, на пример, веројатно е, ако не и сигурно, омилената нордистанска партија во Стејт департментот и на Калето. Од друга страна, ене ги Бугарите, „мавтаат“ со идејата и мапата на Санстефанска Бугарија, која исто така е 140 години стара приказна. Интересно, нели? Патем, своите соништа за голема Бугарија, каде што припаѓа Македонија во која нема Македонци, Бугарите ги туркаат преку Европската Унија, сместени се во француски предлог, што значи Софија има поддршка од Брисел преку Париз, кој, исто како Берлин, прави што Вашингтон сака. Оттука заклучувам дека сè што има поддршка и амин од Брисел и Вашингтон е модерно, прогресивно и им припаѓа на западните вредности, па затоа, секако, нема да ми земете за зло што и јас имам некои свои замислени мапи во срцето. Мојата мапа на голема Македонија исто така е модерна и секси како мапите на голема Албанија и Санстефанска Бугарија. Додуша, мојата мапа, малку е поголема од нивните. Малку поголема од двете заедно соединети. Малку поголема и ако на нивните мапи се додадат мапата на голема Србија, а богами и онаа на голема Хрватска што пред извесно време нашите пошти ја акнаа на поштенска марка. Едноставно, мојата мапа можете да ја наречете мапа на Македонскиот Полуостров, што секако е реалност и историско-географска вистина.
Урсула не е во право. Македонија и македонскиот идентитет не се уникатни, тие се древни. Нордистан е уникатен. Толку е уникатен што итно треба да се заштити во УНЕСКО како нематеријално богатство, иако од него многумина материјално се офајдија, затоа што во пракса го потврдува Ајнштајновиот муабет за бесконечноста на вселената и глупоста. Еве, ни пристигна оној фамозен извештај на нефункционалната, изгубена во простор и време, Европска Унија. Пред извесно време, кога ВМРО-ДПМНЕ владееше со оваа држава, во овие колумни се исмевав со тој факинг извештај, затоа што заклучив дека пристигнува секоја година само за власта и опозицијата да бројат позитивни и негативни заклучоци со кои ден подоцна ќе се маваат меѓу себе како деца со снежни топки. Во овој последниот нема што да се издвојува и брои. Има само негативни заклучоци. И власта на СДСМ ни обелодени дека за негативниот извештај е виновна опозицијата. Согласен сум. Имам дури и решение. ВМРО-ДПМНЕ се една никаква опозиција и, итно, на нејзино место мора да дојде конструктивното и прогресивно СДСМ. Со нив во опозиција, Нордистан веќе нема да добива негативни извештаи, што секако не значи дека нема да бидат бесмислени, оти, сепак, од таква Унија доаѓаат.
Ако Македонија беше папокот на светот, како што беседеше Венко Андоновски, тогаш Нордистан е пирс на папокот на светот. Не… Нордистан е Пирс Броснан. Џејмс Бонд. Море Џејмс Бонд, Итан Хант и Индијана Џонс заедно. Нордистан ја разоткри големата планетарна фарса преку една невозможна мисија наречена, автопат Кичево – Охрид. Нордистан докажа дека Кинезите се виновни за сè. Крива им е трасата. Навалена им е терасата. Ма едноставно, погрешни се. Почнувајќи уште од оној нивни Кинески ѕид. Па, крив е бре. Тоа е затоа што такви се Кинезите. Нова година слават меѓу 21 јануари и 21 февруари (оваа година на 10 февруари), а не како сиот нормален западен свет, на 31 декември. А и очите им се закосени. Значи косо гледаат. И вие сакате да завршат еден пат како Кичево – Охрид. Тоа што прават супермодерен автопат од Кина до Европа, нема врска, фатаморгана е. Ти го гледаш, ама секој обичен гениј од нодристанската власт ќе ти каже дека не постои, погрешно е измислен, за разлика од оние 1.000 километри уберлуксузни и технички совршени патишта што тие ги изградија низ Нордистан.
Има уште. Нордистан е агрегатна состојба. Не, не е течна, тврда или гасовита состојба како досадната материја. Нордистан е посебна агрегатна состојба на шок. Шок поради поскапување на рускиот гас што го увезува од соседна Бугарија. Оној ист руски гас што на некој чуден начин трга од Русија. На која Нордистан ѝ акна санкции, ѝ протерува дипломати, ама и заедно со Урсула и со ЕУ ѝ фаќа сеир додека Русите се мачат чипот од миксер да го сместат во ракета. Има нешто налудничаво во сето ова, мора да признаете, ама бидејќи јас не се разбирам во (пали)гасификација на логиката, тука ќе запрам за да не му предизвикам непријатни фацијални грчеви на премиерот од ненадеен наплив на смеење поради овој пасус во колумнава.
Нормално дека Нордистан има уште многу специфични доблести, ама јас секако немам толкав простор да ги набројам сите. Можам само да додадам дека освен што е чудо, уникат, Пирс Броснан и агрегатна состојба на шок, Нордистан е ОБСЕсивно-комплузивна и ОНтолошки вообичаено воздржана банана-сплит држава. Воздржана да, освен кога е против осуда на фашизмот. Мислам, глупо е да го осуди фашизмот токму во момент кога треба да спроведе блескави фашистички уставни измени поддржани од ЕУ каде што Нордистан брзо ќе се зачлени, но само ако власта биде и власт и опозиција истовремено. За оние што не ме разбираат, пишувам за тангото што Нордистан го играше во ОН, а ќе го игра со ОБСЕ, две крајно бесмислени организации, затоа што првата (ОН) битисува за да носи резолуции што никому не му значат ништо, а втората (ОБСЕ) врска немам зошто постои. Што е сосема нормално, ако го земеме предвид фактот дека светот стана минско поле за културен и физички геноцид меѓу народите, па така, кога моќта на злото танцува, крајно е логична да има бесмислени организации и резолуции што глумат мир и загриженост за планетарната иднина. Оти со вакви вредности што ни ги рекламираат како врвни цивилизациски достигнувања, планетата и човештвото не треба да се грижат за иднината, затоа што е глупо да си загрижен за нешто што го нема.