Секогаш кога поминувам пред бронзената биста на Ристо Крле на левиот кеј од коритото на реката Црн Дрим, во туристичка Струга, ме опфаќа некоја тежина кога на постаментот не го гледам натписот со името и презимето, кое треба да кажува на кого се однесува таа. Таа тежина понекогаш преминува во притаен срам кога тоа го гледаат со чудење и домашни и странски туристи, особено писатели и поети. Или, како што се вели, ме уби туѓиот срам. Се обидувам да ги замислам двете раце, како арамиски, под закрилата на темнината од некоја ноќ, со чекан удираат за да ги отстранат невините букви на постаментот. Секоја биста, без натписот што кажува на кого се однесува, е обичен модел со кој некој уметник се обидел да ни прикаже нечиј лик. Без натпис, таа може да се однесува и на кој било друг лик, што зависи од фантазијата на тој што гледа во неа. Ако таквата состојба потрае со години, некои идни генерации не ќе знаат ниту на кого се однесува таа. Тогаш бистата може да стане непотребна, да биде отстранета и, во краен случај, да заврши како отпаден материјал. Можеби таа е целта на тие што осквернуваат. Дури и која било друга уметничка скулптура (дрвена, мермерна, метална и сл.) ако нема натпис (или наслов, име) зададен од нејзиниот автор, губи од вредноста на својата уметничка порака.
Македонскиот драмски писател Ристо Крле (3.9.1900 – 29.10.1975), скромниот струшки чевлар, својот огромен талент за пишување драмски текстови ќе го докаже уште со својот прв драмски текст „Парите се отепувачка“, кој по неговата изведба на 27 декември 1938 год., во тогашниот скопски театар, ќе доживее голем успех и ќе наиде на голем одзив низ Македонија. Таа драма подоцна ќе стане омилена лектира на многу генерации. Со пишувањето на следните негови драмски текстови: „Антица“, „Милиони маченици“, „Гроф Миливој“, Ристо Крле ќе се приклучи кон веќе познатите драмски автори од тој период Антон Панов и Васил Иљоски. Тој е еден од првите членови на Друштвото на писателите на Македонија (формирано во 1947-та).
На три-четири метри од оваа биста се наоѓа бистата на Владимир Мошин, член на МАНУ, византолог, медиевалист и славист. Основач е на словенската палеографија во Македонија. Бил еден од најголемите проучувачи и познавачи на македонското словенско ракописно книжевно наследство. На натписот со неговото име и презиме се останати уште две-три едвај читливи букви, но затоа, пак, е „украсен“ со понекоја налепница на искршениот постамент.
Но тоа не е сѐ. На истата страна од кејот, во непосредна близина на Центарот за култура, се наоѓаат бисти на загинати борци од Струга за време на Втората светска војна. Повеќето од нив се извалкани, неуредни, со исчкртани натписи, а некои дури и без самите бисти, туку само преостанатите постаменти, за среќа, засега, со зачувани натписни плочки.
При толку културни институции, установи и организации (што владини, што невладини), колку ли само вода е протечена низ Црн Дрим, колку ли само општински советници и републички пратеници се избрани од народот, откако оваа состојба трае ли трае. Како да постои некаква аверзија или фобија кон спомен-бисти. А спомениците, спомен-плочите и спомен-бистите се само објекти на почитување и присетување за нешто значајно и нешто важно, кон некого или кон нешто. Тие претставуваат меморија во бронза. Будат мотивации и инспирации кога се загледуваме во нив. Покрај тоа, тие ја облагодаруваат и визуелната естетика на амбиентот во кој се наоѓаат. Некој ќе се запраша дали отупевме, одрвенавме, немаме време, не знаеме, не гледаме, не нѐ интересира, мрзливи сме, та не можеме ваквите непријатни слики со осквернавени бисти да ги превенираме или санираме навреме. Ако сами не ги решаваме ваквите навидум едноставни проблеми, никој од надвор нема да ни ги реши. Напротив. Некој можеби сака да ги снема…, не проблемите, туку спомен-бистите. Неодамна, во медиумите се појави вест дека во Струга се оштетени бистите на поетите Анте Поповски и Славко Јаневски. Едната – откорната и фрлена во Охридско Езеро, а другата – оштетена и свртена наопаку. За среќа, овој пат е реагирано многу брзо за нивно враќање во првобитната состојба.
П.С. Изминатата, 2021 година, со разни пригодни манифестации се одбележа 100-годишнина од раѓањето на Блаже Конески (19.12.1921-7.12.1993), поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог, лингвистички научник, академик на МАНУ и на повеќе академии, почесен доктор на неколку универзитети. Тој е прв претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Претседател е на првиот фестивалски одбор за организирање на меѓународната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“. Пред 40 години, во 1981-та, ја добива и наградата за поетско творештво „Златен венец на Струшките вечери на поезијата“, која досега ја добиле врвни поетски имиња од светот. Дали ова не беше доволен повод да му се подигне биста во поетска Струга? Покрај бистите на неговите браќа по стих: Гане Тодоровски, Анте Поповски, Ацо Шопов, Славко Јаневски, Сергеј Есенин и Адам Мицкјевич?
Димитри Јанкоски, Вевчани