Кој за што – Маврово и Ростуше за мечките. А и Стојанче Ангелов сосе Владата не се подалеку. Ајде да ја повториме приказната: Општината Маврово и Ростуше веќе неколку години има проблем со зголемен број кафеави мечки, кои во потрага по храна за мечињата често се спуштат во населените места. Од 2019 година тие живеат во страв од овој опасен дивеч. Пишувале поплаки, поднесувале петиции, правеле фотоалбуми со докази за неканетите гости во нивните села, но за проблемот засега нема практично решение. Кафената мечка изминативе години поради забранетиот отстрел се множи масовно, го надминува капацитетот на националниот парк Маврово и се проценува дека нивниот број се движи меѓу 130 до 160.
Општината побара од Владата да прогласи кризна состојба на целата нејзина територија Оттаму написмено се бара помош од надлежните. Вклучувајќи го и проблемот со мечките, жителите од овие краишта се жалат дека не знаат со кого е потешко – со мечките или со државната администрација.
Не знам зошто се чудиме и креваме паника. Мечката во Македонија е позната од времето откога е познато официјално христијанството и откога е создавано четвртото светско писмо – глаголицата и кирилицата. Нема врска со Свети Климент, но има со Свети Наум Охридски Чудотворец. А Свети Наум е чудотворец, меѓу другото, и за случајот со мечката. Позната е приказната за селанецот што орал со волови близнаци, подарени од манастирот, кој ја изорал првата бразда околу манастирскиот имот да не го фаќаат поплави, да не паѓа град, да не го удираат громови, да го чуваат од природни и човечки непогоди.
Сметките ги побркала некоја гладна мечка, која го изела едниот вол. НаоЃајќи се на мака, Свети Наум, видел-не видел, ја впрегнал мечката во јаремот и така била завршена работата. Дали било така или е плод на народната митологија никогаш не ќе се дознае, но дека тоа чудо е блиску до вистината сведочи една од манастирските фрески на кои е зографисано, како што се насликани и други чуда господови и Наумови.
Мечкините корени на ова тло се стари и долги. Ова животно, царот на македонските планини и гори, е речиси постојан лик во македонските народни приказни со животни, во приказни за мали и големи. Нема дете што не знае или не чуло од баба или дедо сказна за Баба Меца. Нема возрасен што не знае или не чул анегдота, виц за мечката и лисицата, за мечката и глушецот.
Секое второ-трето село има приказна за медот и мечката. Речиси насекаде има топоними од типот Мечкина дупка, Мечкина јама. Ретко ќе се најде некој што сам не си направил некоја мечкина услуга. И нема човек што не чувствува страв од мечка, колку и да се прави јунак и фалбаџија. Мечка страв – мене нестрав, ама поголем е стравот од нестравот.
Не е најдоволно истражено од каде е дојдена, се спомнува евроазиското, дури и сибирското потекло. Но ако има македонска нација, македонска влада, македонска црква, македонска музика итн., зошто да нема животно именувано како – македонска мечка каква што е нашата. Со сопствен идентитет, со традиција, со навики, иако е интернационална по своето потекло. Иако и јазикот на кој рика нема вистинска етимолошка адреса, сепак, со текот на времето си е помакедончена, во согласност со вековното присуство, територијата, временските услови проследени со дождови и суши, магли и сонца и донекаде преку специфичната исхрана.
Трча, се храни, се множи и зимски сон преспива на Шар Планина, на Кораб, на Пелистер, а помалку на Огражден и Беласица. Значи пораспространета е во Западна, а помалку во Источна Северна Република Македонија. Ако е за верување низ нашите шуми живеат над 400 единки, машки и женки, од овие крупни диви животни, обраснати со кафеаво и црно крзно. Крупни, тромави, мирни во мир, опасни во војна со непријателот. А човекот ѝ е најголемиот непријател.
Ако се пишува некоја современа басна, како лајтмотив може да се земе фактот што мечките се заштитен вид по кој никој не смее да посегне. Правејќи метафори, алузии и користејќи други стилски фигури, тој мотив може да се пренесе, на пример, врз пратениците во Собранието. И тие, преку имунитетот, се заштитени како мечки, по нив никој не може да посегне без разлика дали како мечките им носат штета на селаните, на пчеларите, на сточарите, на земјоделците, носат штети на околината, на природата и на општеството. Многумина од тие народни претставници преспиваат зимски сон во собраниските клупи. Таму и за спиење се зема висока плата. Но, иако пушка не ги бие, глад не ги мори, мечката може да заигра и пред нивната врата.
Еден од големите руски писатели Варлам Шаламов, во својата култна книга „Приказни од Колима“, во која ги опишува деновите на логорувањето во Сибир запишал: „Постојат пци и мечки што се однесуваат многу поинтелигентно и поморално од луѓето“. Прашање е дали е нешто изменето?
Во приказните за мечките може да се прочита заклучокот дека „во шумата и во природата има ред и сѐ се знае: кој што работи, кој со кого живее и на кое место може да се најде, кој со каква храна се храни, кој од кого се брани, кој кого го гони. Така било, така останало, такви се законите на природата. И мечките, како и луѓето, имаат две страни на животот, една светла, друга мрачна. И за нив постојат убави и грди денови, имаат среќни и тажни периоди, добиваат убави или лоши вести.
На мечките во Македонија наскоро ќе им почне зимскиот сон. На оние што го прочитале овој текст им посакувам убави есенски денови.