Неподносливата леснотија на непостоењето

Судбина на секој редовен колумнист е што кога ќе му дојде редот, некои од поважните теми се веќе обработени, а искрснуваат нови, кои бараат внимание. Оттука и мојата дилема дали да се држам до оригиналниот наум да напишам некој збор за големиот писател што замина од овој свет, Милан Кундера, иако досега беа објавени пригодни текстови на сите меридијани. Или можеби мојата (дисидентска) мисија е да напишам нешто многу политички некоректно за „историскиот самит“ на НАТО, кој засега овде се толкува еднодимензионално (небаре Столтенберг лично ви се обраќа), без дилеми, со војничка решителност и милитантност обоена во (божемно) сочувство за браќата Украинци? Колку да ја разбијам монотонијата… Или поважно е да се пишува за тивкото исчезнување на „црнилата“ и „црното семе“ од видокругот на нашите ученици? Можеби тема на денот е воскреснувањето на рудниците на смртта во гевгелиската долина и протестот на оние што не сакаат да заминат тивко во ноќта? Или сето ова може да се „завие“ во насловот на најпознатото дело на Кундера – „Неподносливата леснотија на постоењето“?
Актуелниот историски миг во Македонија може да се опише само како неподнослива леснотија на посматрањето на сопственото самоукинување, самопоништување, на бришење на меморијата и на сопствениот идентитет. Препуштени на инерцијата, на секојдневието што успева да ти го исцица и последниот грам надеж дека нештата ќе се сменат на подобро, ние сме посматрачи на сопствените животи, кои само тежнеат да скрпат ден со ден. Во моментот кога оваа агонија земаше замав, со официјално бришење на Македонија и Македонците, за чудо се појави Кундера. (За волја на вистината, не беше чудо во прашање, туку личната комуникација на Венко со Милан, која вроди со поддршка за нашето писмо до меѓународната јавност против прифаќање на Преспанскиот договор. Се сеќавам колку ни значеше тоа и колку се радувавме). Водечките западни весници одбија да го објават, вклучувајќи го и лондонски „Гардијан“, кој веќе беше објавил писмо на поддршка потпишано од врвни западни професори и интелектуалци, кои на невидено и непрочитано заклучија дека сите што се противат на овој договор се екстремисти, националисти и популисти. Дури и со Кундера, и стотина други вредни имиња, нашиот глас не можеше да допре. Се задоволивме со објавување на еден американски портал, но потоа го ширевме писмото по сите нам достапни канали. Се сеќавам на реакцијата на еден италијански новинар, кој вџашено ме праша: дали е ова БАШ оној Милан Кундера? (THE Milan Kundera?) Во писмото, меѓу другото, пишуваше: „Спогодба што се обидува да дефинира политички, историски и културни граници помеѓу „класична Македонија“ и (она што треба да стане) Северна Македонија е бизарен потфат во 21 век. Конструкцијата на идентитетите не е работа на владите. Македонија е подложена на арбитрарен меѓународен инженеринг против волјата на народот. Со мала јавна поддршка, длабоко поларизираната атмосфера само ги продлабочува внатрешните поделби. Асиметричниот „договор“ нема да ги намали регионалните тензии, бидејќи само послабата (македонската) страна е принудена на попуштање, а со цел да се воведе во НАТО – и самиот во криза на идентитетот“.
Само за овој гест, застанувањето до нас „отпадниците“, наречени екстремисти, националисти и популисти, а кои всушност бевме гласот на мнозинството, на Кундера му должиме голема благодарност.
Свесна сум дека живееме во време кога едвај книга да се фати в рака. Читањето е заборавена „дисциплина“, па така, не само Кундера туку и многу други наши и светски класици се некаде во ќошиња напластени со прав. Колку што е доблесна и оправдана јавната битка за враќањето на „Црнила“ и „Црно семе“ во училишната програма за македонски јазик и литература, толку обеспокојува фактот што сè помалку се чита. Така, се чека момент кога некој (подзаборавен) великан ќе почине за да почнат славопојките и споделувањето соодветни цитати (веројатно за да се скрие неначитаноста). Кундера (94) го заврши своето последно дело пред речиси една деценија, во време кога веќе беше познат чешко/француски писател. Јас го „запознав“ во моите зрели години; не знам како се случило на толку читање, токму него да го заобиколам толку долго време. Но кога еднаш почнав да го читам, бев веќе навлечена на неподносливата леснотија низ која те водеше и низ најтрауматични моменти и теми, дури и со доза хумор и цинизам. Го читав на англиски (чешки и француски не знам, а на нашите преведувачи, нека ми простат, не им верувам баш). Омилена ми стана „Книгата за смеата и заборавот“, маестрално дело напишано во 70-тите, во превод на англиски авторизиран од Кундера лично. За неа Карлос Фуентес, познатиот мексикански писател, ќе каже дека Кундера е наследник на Гогољ и Кафка, а дека книгата нè учи дека кога умираме, она што го губиме не е иднината, туку минатото. Во оваа книга, Кундера ќе порача нешто што толку често го забораваме: „Битката на човекот против моќта е битка на сеќавањето против заборавот“. Ние ја губиме таа битка неосетно, со мрморење, ама и помирување со судбината во име на „светла (европска) иднина“. Кундера додаде уште нешто многу важно за режимите (на тотална власт): „Тие беа подготвени на луѓето да им продадат иднина во замена за нивното минато… Сакаа да го натераат човекот да го отфрли својот живот и да стане сенка, човек без минато, актер без улога, па дури и да го напушти својот отпаднички залуден живот, па и улогата што актерот веќе ја напуштил. Откако ќе го претворат во сенка, ќе го пуштат да живее“.
Дали ова го зборуваат мудроста и талентот на Кундера (инаку, човек што минал низ низа етикетирања, лустрација, клевети, вклучувајќи и за мизогинија во своите дела поради што никогаш не ја доби ни Нобеловата награда)? Дали неговото животно искуство всушност толку наликува на она што денес го живееме (под друга тоталитарна власт, која решила да нè престори во сенки пред да ни дозволат да живееме како Европејци)? Дали секоја тоталитарна власт наликува една на друга, а човекот најчесто ѝ се препушта со надеж дека ќе најде спас во еротиката, сексот, адреналинот, смеата и заборавот? Како што велеше Кундера, идејата на романот не е да дава одговори туку да поставува прашања, да ја проблематизира стварноста, да ги открива нејзините замки таму каде што навидум се оцртува осветлен автопат кон иднината.
Не знам како да ја завршам оваа колумна; неретко помислувам дека дури и читањето колумни стана преголем товар за читателите, навикнати на брзи наслови, кратки фејсбук-објави, видео или фотоилустрации, кои не бараат задлабочување и размислување. Всушност, живееме во време кога секој на свој начин трага по брзо средство на заборав, на бегство од стварноста. Како тогаш да го препорачаш Кундера како задолжителна литература кога децата и младите се одучуваат од читање (дури и ако не е „Црно семе“ во прашање), возрасните посегаат по алкохол или „дијазепами“ за полесно да заспијат. Во колку наши домови има книги? Сакам да верувам дека Кундера стана бесмртен за време на живот, но се плашам дека беше објект на заборав како и толку многу мудри великани за кои нема место во свет предводен од лудаци, воинствени и крвожедни лидери, амбициозни и празноглави аналитичари и толкувачи на стварноста. Грубо кажано, нобеловецот што никогаш не доби Нобелова награда за книжевност беше „канселиран“, прогласен за неподобен поради „незгодната сексуална политика“, а критичарите тврдеа дека престанал да биде релевантен, т.е. не пишувал за светот каков што станал. Кундера беше заборавен многу пред да почине, токму од оние што го величаа поради критиката на животот под социјализмот. А тој самиот, всушност, кажуваше дека го преокупира неподносливата леснотија на апсурдот на човечкиот живот. Робин Ашенден деновиве ја напиша најточната дијагноза: „Повеќе од кој било друг автор, во неговите рани дела тој го предвиде нашето време: атмосферата на растечка нетолеранција и на ’групно мислење‘, кое сè повеќе наликува на ’советскиот свет за кој мислевме дека е минато‘“. Во време на #MeToo, читањето на еротиката на Кундера стана бласфемија.
Јас ќе го читам и натаму, сакам да го чита што поширока публика (заедно со други вредни и заборавени автори), но знам дека ни оние 4.000 страници што ги произведоа планерите на смртта во Вилнус некој ќе ги прочита и ќе се замисли над нив. Како построени маршали ќе почнат да ни ги наметнуваат нивните планови за одбрана како од (првата) Студена војна, ќе ни одземаат од уста за да има за војна. А ние остануваме во битката против заборавот, ние заборавени очајници, кои одамна го загубиле патот – кон себе и кон човекот до себе. Како што велеше Кундера, застрашувачка е визијата на свет што ја изгубил смислата за хумор. Уште полошо е кога светот се навикнал на мирисот на смртта.