Неписмениот не може да описменува и да води институции од јавен интерес

Образованието е столбот на општеството, а заедно со културата ја чини неговата срцевина. Преку наменските воспитно-образовни институции и наставни програми и дисциплини, тоа има цел да се формираат комплетно образовани граѓани корисни за сопствен и за сеопфатен развој и напредок на општеството и државата.
Знаењето е светлина, незнаењето е темнина. Знаењето е моќ и сила, незнаењето е немоќ и слабост. Знаењето ја симболизира светлината, која овозможува јасно да се распознаат времето, просторот и состојбата во која се наоѓаме и да се дефинираат нивните најситни својства, додека незнаењето ја симболизира темнината, која ја одзема таа можност и нѐ наведува на бледо, контурно и нејасно распознавање на истите тие. Облеани со светлина никој не може да нѐ излаже дека она што јасно го гледаме не е тоа, туку дека е нешто друго, додека во темнината, поради нејасното распознавање на таквите својства, подлежиме на манипулација. За да не бидеме манипулирани и лажени како општество, ни требаат комплетно и квалитетно образовани граѓани. Знаењето е скапа работа, а незнаењето е уште поскапа.
Во светската образовна практика, како средство за описменување на луѓето се користат три графички писма: книжевно, математичко и музичко. Последните две се универзални. Синтагмата: „Цело е кога има сѐ“ упатува на заклучок дека за комплетно писмен човека се смета личност што ги владее сите три писма и еднакво се служи со нив во своето битисување. По таа логика, писменоста во нашето општество не може да се оцени позитивно, бидејќи, за комплетна писменост, недостига – музичката. Состојбата во областа на музичкото образование култура е катастрофална – без малку, целосна музичка неписменост.
Тоа е така, зашто во нашиот образовен систем, неоправдано им е даден приоритет само на книжевното и на математичкото писмо, додека музичкото е маргинализирано до степен на непостоење – потценување, од што може да се извлече логичен заклучок, дека произведуваме нецелосно писмени и образовани граѓани. Таквите, со ретки исклучоци, се носители на високи јавни функции на сите нивоа во системот на државните институции.
Поради музичката неписменост, тие го немаат потребниот интелектуален капацитет за да ја сфатат и да ја разберат нејзината суштина, огромната индивидуална и општествена придобивка и, конечно, нејзиниот универзален јазик за комуницирање, разбирање и за „…културен натпревар меѓу народите“ – Гоце Делчев. Поради недостиг од знаење, таа материја ја туркаат на маргините од општествениот интерес и не создаваат услови за нејзино успешно реализирање. Ваквиот однос е претворен во стандард што го следат сите јавни институции: министерството, Бирото за развој на образованието, Републичкиот просветен инспекторат, универзитетите, факултетите, средните и основните училишта и предучилишните установи.

Но во таа хиерархија, сепак, најодговорни за ваквата состојба се педагошките факултети и факултетите што произведуваат стручни кадри од тој профил. Најодговорно тврдам дека тие институции генерално произведуваат основно музички неписмени воспитувачи и одделенски наставници, кои во пракса треба да ја реализираат целокупната наставна програма, значи и по музичко, во која, основна цел е музичко (нотно) описменување на децата и неговата практична примена – читање.
Значи, токму тие кадри се факторот за успешно реализирање на таа сложена материја! Таа, покрај основната музичка писменост, од нив бара повисок степен на музичко образование и култура. Спротивно на тоа, нивната стручна немоќ во таа област создава непроценлива индивидуална и колективна штета.
Крајно време е да се сфати и прифати горката вистина за катастрофалната состојба во музичкото образование и култура и да се преземат сеопфатни дејствија за нејзино успешно и трајно решение. Решение има, само треба свест, желба и акција. Во нормални услови на функционирање на гореспоменатите факултети, националната цел – целосно писмени граѓани, е остварлива, но во реалноста не е така, затоа што тие институции функционираат по најниски стандарди и критериуми на вредности, изразени преку: прием на наставници и нивно унапредување во повисоки наставнички звања, избор на студенти без претходна проверка на музичката писменост и музички способности, без статистичка процена се одредува бројот (главно прекумерно) на примените студенти, мал број семестри, часови и вежби за изучување на музичката материја, недостиг од соодветни просторни услови и наставни помагала и средства за реализирање на наставната програма, како и многу други естетски и етички аномалии. По сите тие изместени вредности, по завршувањето на студиите, тие „стручни“ (пред сѐ по музичко) кадри ја продолжуваат својата пракса во предучилишното воспитание и образованието во одделенската настава. И ете ја гаранцијата за нецелосно и неквалитетно образовани граѓани – градители на општеството.
И така се создава состојба на кружно движење во општеството. Резултат од ваквата состојба е: сѐ помал број хорски, оркестарски и друг вид училишни музички состави и со сѐ понизок квалитет, сѐ помал број посетители – консументи на музичките и културните настани, низок степен на музичкиот вкус, видлив на масовните социјални настан и музички манифестации од типот: концерти, рецитали и друг вид настани, што е особено изразено на матурски прослави, свадби, родендени и ред други активности, каде што, со ретки исклучоци, кичот е главна духовна храна и има широк спектар на етичко и естетско-некултурно и недостојно однесување во општеството.

Следствено, не случајно, нашето образование, односно, ниту еден од нашите универзитети не е на позитивната Шангајска листа. За да се подобри таквата состојба во општеството, потребна е итна, сеопфатна и темелна реформа на сите нивоа на јавните воспитно-образовни институции, а пред сѐ на педагошките и факултетите што произведуваат стручни кадри – воспитувачи и одделенски наставници. Таму треба да се направи најстрогата реформа. Мора да се применуваат највисоките стандарди и критериуми на вредности при избор на наставничкиот кадар, приемот на студенти и при реализирањето на наставните програми и содржини. Да се создадат потребните условите за квалитетно реализирање на истите тие. Приемните и завршните испити да бидат јавни за да може секој заинтересиран граѓанин, на самото место, да ја проследи нивната веродостојност – знаење и оценување. Квалитетот на целокупната музичка активност да се одвива и да се проверува преку јавни манифестации. Особено е важно, за да ја сфати суштината на музиката, секој студент, за време на целото времетраење на студиите, да учествува и во хорските, оркестарските и во друг вид музички активности каде што, покрај утврдување на музичката материја, ќе го развива и чувството за заедничко музицирање и живеење.
Под тие критериуми и услови, формираните стручни кадри за својата работа да бидат наградени со највисоки примања во образовната хиерархија, зашто ја вршат најодговорната, најсложена и најважна задача во образованието, затоа што, покрај тоа што комплетно описменуваат, ги поставуваат и основите на етичките и естетските вредности кај децата – идни граѓани, градители на општеството.
Квалитетни граѓани градат квалитетно општество. Дополнително, секоја воспитно-образовна институција: универзитет и посебно секој факултет, без разлика на нивната стручна насока, основни и средни училишта, во своите програмски содржини да има и музички активности – хорски, оркестарски… Само на тој начин ќе се реши овој хроничен проблем на музичкото и воопшто на образованието во државата. Никако поинаку!
Зошто е важна музиката? Музиката е суштински дел од животот на секоја цивилизирана личност. Таа има моќ да создава и да развива чувства на многу различни емоции. Преку занимавањето со музика кај децата и младите се создаваат услови за развој на когнитивните способности за целосно и внимателно воочување на мали, ситни работи и, особено важно, во нивната невронативна мрежа се создаваат такви својства што не би се создале самостојно, а тие се и влог за штитење на духовното и физичкото здравје на личноста и општеството.
Имајќи ги предвид современите техничко-технолошки услови на живеење и зависноста од нив, занимавањето со музика е неопходна дејност за зачувување на тие својства. Во тој контекст, невролозите ги квалификуваат современите т.н. образовни технологии, скратени текстови и кратки аудио и видеосодржини како главен фактор за негативно влијание врз когнитивниот развој, односно когнитивните способности. Според нив, човечкиот мозок не е создаден да учи преку такви кратки содржини и резимеа. Луѓето се биолошки програмирани да учат преку директна интеракција – со наставници, врсници и преку жив контакт лице в лице.
Како потврда на индивидуалното и општественото значење на музиката, од мноштвото цитати од врвните светски умови, го издвојам: „Музиката ја обликува личноста“ – Хенри Вадсворд Лонгфелоу. Според значењето на синтагмата „заболените телесни органи се отстрануваат со хируршки рез“, јасен е патот кон решението на оваа катастрофалната состојба во (музичкото) образованието во нашето општество. Не познавам општество што толку го понижило музичкото образование на своите граѓани.

Проф. Запро Запров, редовен професор во пензија