Во вторник светот ќе го слави Денот на победата над нацифашизмот. Меѓународната заедница ќе го прославува Денот на Европа. Јас нема да славам ништо. Како човечко битие, срам ми е. Срам ми е од себе, срам ми е од човештвото, цивилизацијата што се распаѓа. Добив покана од руската амбасада за чествување и положување цвеќе по повод овој ден (опаа, рубља-патриот, а?) и вистина, последниов месец, мене вторник ми е работно најкомплексниот ден, да не ви објаснувам сега, нема да ви биде интересно, но вистинската причина што не сакам да чествувам е она што веќе го споменав… пред душите на милионите жртви на нацифашизмот, срам ми е.
Мојата држава, еднаш како Македонија, вторпат како Нордистан, во Обединетите нации најпрво гласаше воздржано, а потоа и против резолуцијата за осуда на нацифашизмот и изопачените форми што произлегуваат од него. Тоа значи дека оваа психопатска појава е добредојдена кај нас или барем ни е сеедно за неа без разлика што таму, во ОН, не сум гласал јас или вие, туку некои ликови наречени политичари, ама тие нè преставуваат нас. Затоа ми е срам.
Меѓународната заедница чиј еден дел во вторник ќе слави некаков си Ден на Европа, значи таа Западна Европа, плус САД, веќе триесет години, а особено последниве неколку, извршија софистициран вид геноцид врз нас Македонците, но и покрај фактот што нема концлогори и гасни комори, геноцид си е геноцид. Ги погазија сите човечки вредности и цивилизациски достигнувања за да ги задоволат нациапетитите на две свои членки, кои бараат нас Македонците да нè снема од светската мапа на народите. Ни ги збришаа името, коренот, историјата, културата, јазикот и мене, срам ми е што мора да го гледам и преживувам нивното варварство.
Американците и Британците во Втората светска војна војуваа против нацифашизмот, но само три години подоцна застанаа на страната на грчките монархофашисти, па го поддржаа, премолчеа, дури и учествуваа во геноцидот врз Македонците во егејскиот дел на Македонија. Што кажува тоа за нив? Русија е најгласна во осудата на нацифашизмот и формите што произлегуваат од него. Тврдат дека, меѓу другото, спроведуваат денацификација во Украина, но во случајот со нас, и покрај фактот што знаат дека Западот ни го промени името преку незаконски и нацистички договор за кој Македонците рекоа НЕ на референдум, ама со фашистичките методи на октроираната власт беше насилно аминуван во Собрание, Русија го прифати зомбито наречено Нордистан (Северна Македонија) што значи дека ја призна како легитимна софистицираната нациагенда спроведена врз нас и нашето право на припадност, идентитет и слобода. Што зборува тоа за нив? А мене, срам ми е, од Западот, од Истокот, ама и од нас, оти ние во средината меѓу нив, најконформистички го прифативме тоа што ни го спроведуваат, преземајќи го, во својата суштина на битисувањето, терминот, среќни робови.
Човештвото е многу гордо на себе и технолошкиот напредок што му се случува во 21 век, сеедно што не гледа подалеку од носот набиен во екранот на мобилниот телефон. Е, ама во овој ист 21 век, пред некој ден беше годишнина од страшниот масакр во Одеса каде што украинските нацисти живи запалија проруски настроени граѓани и колективниот Запад не само што не го осуди овој чин туку убеден сум, нека ми прости Господ ако грешам, тивко го прослави почетокот на граѓанската војна во Украина. И не само тоа. Во овој 21 век, Американците и Британците, лажејќи и манипулирајќи со светот, извршија геноцид врз Ирачаните, а со своите европски сојузници вршеа геноцид во Авганистан, Либија и во Сирија. Израилот заборави што му се случи во Втората светска војна, па сега врши геноцид врз Палестинците, муслиманите, пак, постојано си вршат геноцид меѓу себе, исто како и Словените, едни во грозоморната граѓанска војна при распадот на Југославија, другите денес, кога најпрво украинската војска спроведе геноцид низ Донбас, а сега Русите, кога ѝ го прават истото на таа украинска војска. Западот сè уште врши геноцид во Африка и како човек да не се срами од целата оваа монструозност, која не само што не запира туку се мултиплицира и забрзува?
Човек на човека му е волк, заклучиле Старите Римјани. Човек на човека му е монструм, ете како ние еволуиравме, возгордеани и самољубиви, постојано барајќи вина кај другиот. Каков заклучок може да извлечеме по ужасите што ѝ се случуваат на Србија? Социјално вмрежениот сезнајко вели дека е згрозен од масакрите, па малку продава морал повикувајќи се на сопствените етички стандарди, за веднаш потоа да го најде виновникот (детето, родителите, системот, Западот, оружјето, „Тик ток“, реалните шоуа) и претставувајќи се како високоцивилизирано битие, демек со изградени вредности, веднаш да се претвори во крвожеден џелат што бара линч за „проблемот“ што го „детектирал“. Нацифашизмот (и комунизмот) не се само изопачени форми на општествено уредување. Може да се набљудуваат и како внатрешна карактеристика на едно човечко битие. Лажната морална величина, згрозена од одредена појава и нечие дејствување, веднаш заклучува дека тоа што го згрозило мора да се убие. Човекот станува истражител, обвинител, судија и џелат истовремено, ваму се гади од некакви ретроградни непрогресивни религиски учења, а самиот станува инквизитор, обземен од самовеличањето на сопствената догма.
Не, не сакам да ви „продавам“ духовни начела и Христова наука, не ми е тоа поентата, ама ќе ги цитирам Давидовите псалми 13 и 52. Во нив пророкот и цар Давид, кој и самиот во еден момент, заслепен, од позиција на моќ, извршил страшно злосторство, потоа горко се каел, ама бил и казнет, вели: „Рече безумниот во срцето свое, нема Бог. Се развратија луѓето, вршат гнасни дела, нема кој да прави добро. Господ погледна од небесата кон синовите човечки, за да види, има ли некој разумен, кој го бара Бога. Сите застранија, сите станаа лоши, нема кој да прави добро.“ И циникот Диоген, векови по Давид, среде бел ден со фенер в рака, меѓу луѓето бараше човек и не го најде. Духовниот мистик, цар и пророк заклучи дека за човекот веќе нема Бог, циникот филозоф додаде дека веќе нема ни човек. Ако го преведам ова на јазикот на оние што не се религиозни или не се занимаваат со филозофски концепти, би рекол, нема веќе љубов, затоа нема ни човечност. И срам ми е поради тоа, ама најмногу се срамам од себе, оти еве ме, демек мудрувам, а всушност и самиот судам и пресудувам.
Александар Русјаков