Нека пишува тишината

Ми бегаат зборовите. Она што умеам да го плетам и сплетувам, сега самото се расплетува и пред да започнам. Секој збор на пат од срцето кон умот создава горчина во градите, се заглавува во грлото и ги чека солзите да го измијат од напластената тежина. И така со денови, цела една недела, секоја буква онемува пред тагата.
Секогаш сум знаел да ја обликувам со зборови болката, да ги нанижам тие зборови во стихувана везилка и да ја допрам со нив суштината на тагата, но сега нив ги нема, на дното од бунарот е темница, а во умот бескрајна пустина што ја пече сонце кое за многумина нема да изгрева. Затоа и ја веднам главата, така почитта треба да тихува.
Но, има зборови кои шират тишина како темната морска длабочина, како бескрајната вселена. Со такви зборови сега сакам да се завијам, па и умот, срцето и душата да ги фрлам во толку длабока и бескрајна тишина што ќе го замолкнат постоењето од море до вселена.
Нека пишува тишината.
Има плач кој од срцето низ очите капе во тишина и со љубовно сочувство шири безгласна молитва. Тоа се солзи и за себе и за тебе, а најмногу за оние кои ги исплакаа сопствените, оти кога не можеш ништо да сториш за да го вратиш тоа што другите го загубиле, единствено полезна е љубовта што во тишина се плаче, прегратка за унесреќените која нема да ги излечи раните, ама можеби ќе им помогне за миг на оние во душа ранетите да почувствуваат дека не се оставени од ближните. Така се плачат молитви кои патуваат преку тишината.
Има страдање што се страда за постраданите, страдање што се јавува во душата кога на други им се скршени срцата и ако тоа страдање се завие во тишина, тогаш тишината со нежна гласност што не вознемирува, пренесува. И мора да се внимава, страдањето што се страда за постраданите да не го украде врескачката суета што се наметнува, туку да ѝ се даде на тивката скромност како капка сомилост во дланката која молчаливо се пружа подавајќи миг утеха за оние чии души се толку повредени што речиси и нема веќе што да ги утешува.
Има и прашања што се прашуваат во тишина. Трагедиите ги сплотуваат луѓето во несреќа. Но, зошто луѓето забораваат дека треба постојано да бидат сплотени, дури и кога меѓу нив има недоразбирања, зошто сите не сакаат да разберат дека треба едни за други да имаат сомилост и утеха, исто како несреќа кога ги поврзува, ете тоа љубовта ја прашува тишината, ама ние, обземени и облечени во бучавата на светскиот метеж, си ги затвораме ушите за да не ја слушаме тагата на вистината во тие прашања.

Има немоќ што раѓа горчина која горчи во грлото на умот и ја загорчува душата. Го послушав поетот и својата немоќна горчина ја закопав во длабока тишина, а тишината самата ми рече, љубовта е противотров за секоја отровна состојба среде која злото пирува и како што капка отров ја труе сета вода во чашата, така капка љубов може да разбрани океан омраза, па затоа, капни сочувствително смирение таму кај што немир се излева, оти на оние на кои вие не може да им го вратите тоа што го изгубија, додајте им го од своето она што и самите го имаат, ама сега им е прекупотребно, љубов која како малечка свеќа ја осветлува натрупаната темница, љубов која тихува и покажува дека заедно сме во тагата.
А има и тага толку страшно силна што не се преболува, тагата на мајката по загубената светлина што од утробата ја извадила, ја љубела, греела и растела, тагата на таткото по истата таа светлина што ја изнедрил од бедрата, ја љубел, чувал и воспитувал, ете таа тага што спушта темница на срцето поради загубената светлина, не гибај ја, молчи ја во молитва што ќе ја чуе вечноста и ако не можеш да бидеш таму за да дадеш прегратка за оние што влегоа во тагата што не се доболува, тогаш сврти се кон својата светлина и вети ѝ дека несебично ќе го дадеш овде долу сето она што ти е дадено одозгора, љубовта да твориш, создаваш, негуваш, помагаш, да менуваш креирајќи без да уништуваш и да даваш без да бараш стопати да ти биде возвратено, за што помалку да ни се случува она што сега нè згрозува и кога утре јас, ти, сите ние и самите ќе застанеме пред вечноста, да знаеме дека сме дале сè од себе за оние околу нас и оние по нас кои ќе нè паметат како битија што негувале светлина.
Има гнев… велат гневот е оправдан. Се согласувам. Има гнев и тој е оправдан, ама е бескорисен кога доаѓа отпосле како реакција на шок оти некој или нешто нè извадиле од незаинтересираноста и самоопседнатоста. Кога насила ни го сечеа коренот манипулирајќи нè со комфорноста на рајот во иднината, наместо оправданиот гнев, во нас седна себичноста за материјална удобност на просечноста. Дрвото без корен се суши, скапува. Тоа нам ни се случи и сè уште ни се случува, ама ние гневни сега мислиме дека ново дрво треба да кренеме садејќи го од крошната. И оправданиот гнев ќе продолжи да биде тука од трагедија до трагедија, но гневот испорачува два излеза. Низ едниот преоѓа во бес. Во нашиот древен јазик бес и демон се синоними. Низ другиот излез гневот мора да излезе како креација која создава садејќи го правилно дрвото на иднината. Од корен во земјата до крошната кон небесата.

Има и зло, толку упорно и гласно што од него не е поштедена ниту една трпеза, неважно дали на неа некој седи сам или се повеќемина. Има зло и јас го познавам, ама одбивам со него да зборувам. За него е само главава на рамења, ама уста да не отвора, туку во тишина да му ги врти образите, ту десниот, ту левиот, а тоа нека мава и ужива, оти вртењето на образот истовремено е пркос, трпеливост, но и гестикулација која се нарекува одмавнување со главата, кога фрлаш во тишина гласно НЕ кон муцката на злото која сака да те проголта.
Има читатели кои овие зборови ќе ги доживеат како молитва. Им благодарам! Има и такви за кои ова ќе биде провокација за да ме замаваат. Им благодарам! На оние што во овие редови ќе пронајдат нешто што не пишува, не можам да им помогнам. Ама има зборови кои се тишина и редно време е да замолкнам. Само треба да ја донаведнам наведнатата глава и да прошепотам:
Простете вие унесреќни ако со нешто ве навредив, ако ве вознемирив! Простете што немав сили да спречам, а сега не знам како да помогнам! Сочувство за упокоените. Светол пат до вечноста. А тагата што не се преболува кај ожалостените никогаш нема да помине, оти времето ништо не лечи, само треба да се научи како со таа тага да се живее.