Има многу објаснувања, но едно од најочигледните е порастот на нееднаквоста, проблем што произлегува од современиот неолиберален капитализам, кој исто така може да се поврзе на многу начини со ерозијата на демократијата. Економската нееднаквост неизбежно води до политичка нееднаквост, иако степенот на нееднаквост се разликува од земја до земја. Во земја како САД, која практично нема ограничувања за придонесите во изборните кампањи, слоганот „еден човек, еден глас“ се претвори во „еден долар, еден глас“
Постои сериозна загриженост околу повлекувањето на демократијата и подемот на авторитаризмот во последниве години – и сосема е оправдана. Од унгарскиот премиер Виктор Орбан до поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро и поранешниот американски претседател Доналд Трамп, списокот на авторитаристи и потенцијални автократи што презентираат навистина невообичаена форма на десничарски популизам станува сè подолг.
Тие ветуваат дека ќе ги заштитат обичните граѓани и ќе ги зачуваат долгогодишните национални вредности, меѓутоа спроведуваат политики што ги штитат моќниците и ги погазуваат долгогодишните норми – а нам, другите, ни преостанува да се обидуваме да ја објасниме нивната вредност.
Има многу објаснувања, но едно од најочигледните е порастот на нееднаквоста, проблем што произлегува од современиот неолиберален капитализам, кој исто така може да се поврзе на многу начини со ерозијата на демократијата. Економската нееднаквост неизбежно води до политичка нееднаквост, иако степенот на нееднаквост се разликува од земја до земја. Во земја како САД, која практично нема ограничувања за придонесите во изборните кампањи, слоганот „еден човек, еден глас“ се претвори во „еден долар, еден глас“.
Оваа политичка нееднаквост самата се надградува, а со тоа и наградува, што доведува до политики што дополнително ја вкоренуваат економската нееднаквост. Даночните политики се во полза на богатите, образовниот систем ги фаворизира оние што веќе се привилегирани, а антимонополската регулатива, што не е соодветно конципирана и несоодветно се спроведува, има тенденција да им даде слобода на корпорациите да акумулираат и да ја експлоатираат пазарната моќ. Згора на тоа, бидејќи медиумите се под палката на приватни компании во сопственост на плутократи како Руперт Мардок, голем дел од општоприфатениот дискурс тежнее кон закотвување на овие трендови. Така, на консументите на вести одамна им е кажано дека оданочувањето на богатите му штети на економскиот раст, дека даноците на наследство претставуваат давачки за смрт итн.
Во поново време, на традиционалните медиуми контролирани од екстремни богаташи им се придружија компаниите за социјални медиуми контролирани од екстремни богаташи, освен што вториве се уште помалку ограничени во ширењето дезинформации. Благодарение на членот 230 од Законот за пристојност на комуникациите од 1996 година, компаниите со седиште во САД не можат да одговараат за содржини од трети лица презентирани на нивните платформи – или за повеќето други социјални штети што ги предизвикуваат (во најмала рака не за тинејџерките).
Во овој контекст на капитализам без одговорност, дали треба да бидеме изненадени што толку многу луѓе се сомнителни во однос на растечката концентрација на богатство или што веруваат дека се манипулира со системот? Општото чувство дека демократијата доведе до нефер исходи ја поткопа довербата во демократијата и доведе до заклучоци кај некои луѓе дека алтернативните системи може да дадат подобри резултати.
Ова е стара дебата. Пред седумдесет и пет години, многумина се прашуваа дали демократиите можат да растат исто толку брзо како авторитарните режими. Сега, многумина го поставуваат истото прашање за тоа кој систем „испорачува“ поголема правичност. Сепак, оваа дебата се одвива во свет каде што оние што се многу богати имаат алатки за да го обликуваат националниот и глобалниот начин на размислување, понекогаш служејќи се и со комплетни лаги („Бесправна изборна победа!“ „Гласачките машини беа наместени!“ – лага што го чинеше Фокс њуз 787 милиони долари).
Еден од резултатите е сè подлабоката поларизација, што го попречува функционирањето на демократијата – особено во земји како САД, со избори на кои победникот добива апсолутна застапеност (систем во кој „победникот добива сè“). Во моментот кога Трамп беше избран во 2016 година, иако доби помалку гласови од вкупниот број гласачи во САД, американската политика, која порано го претпочиташе решавањето на проблемите преку компромис, веќе се беше претворила во очигледна партиска борба за превласт, натпревар во борење каде што барем едната страна, се чини, верува дека не треба да постојат правила. Кога поларизацијата ќе отиде во таква крајност, честопати се чини дека не смее да се попушти по ниту една точка, оти премногу би се изгубило.
Наместо да бараат заеднички јазик, оние што се на власт ќе ги користат средствата што им се на располагање за да ги зацврстат своите позиции – како што републиканците отворено го направија преку манипулирање на границите на избирачките окрузи и со мерки за потиснување на одзивот на гласачите.
Демократиите најдобро функционираат кога луѓето сметаат дека ризикот односно влогот не е ниту пренизок ниту превисок (ако е премногу низок, луѓето нема да чувствуваат нeкаква посебна потреба да учествуваат во демократскиот процес). Има начини на конципирање на демократиите со кои тие ќе можат да ги подобрат шансите да се погоди оваа идеална средина. Парламентарните системи, на пример, го поттикнуваат создавањето коалиции и честопати им даваат моќ на центристите, наместо на екстремистите. Задолжителното и преференцијално гласање (каде што гласачите ги рангираат кандидатите), исто така, се покажа дека помага во овој поглед, како и присуството на посветена и заштитена државна служба.
САД долго време ја имаат улогата на демократски светилник. Иако отсекогаш постоело лицемерство – од спријателувањето на Роналд Реган со Аугусто Пиноче со цел да извлече добивка од тоа, до Џо Бајден, кој не успеа да се дистанцира од Саудиска Арабија или да ги осуди антимуслиманските предрасуди на Владата на индискиот премиер Нарендра Моди – Америка барем беше отелотворение на заеднички збир на политички вредности.
Но, сега, економската и политичката нееднаквост отидоа во такви крајности што многумина ја отфрлаат демократијата. Ова е плодна почва за авторитаризам, особено за видот десничарски популизам што го пропагираат Трамп, Болсонаро и другите. Но таквите лидери покажаа дека немаат ниту еден од одговорите што ги бараат незадоволните гласачи. Напротив, политиките што тие ги спроведуваат кога ќе добијат власт само ги влошуваат работите.
Наместо да бараме алтернативи на друго место, треба да го свртиме погледот кон себе, во нашиот систем. Со соодветни реформи, демократиите можат да станат поинклузивни, со повеќе слух за граѓаните и помалку слух за корпорациите и богатите поединци, кои моментално ги држат конците. Меѓутоа, за да ја спасиме нашата политика, ќе бидат потребни и еднакво драстични економски реформи.
Можеме да почнеме правично да ја подобруваме благосостојбата на сите граѓани – и да го намалиме залетот на популистите – дури откако ќе го оставиме неолибералниот капитализам зад нас и многу повеќе ќе се посветиме на создавање заеднички просперитет каков што тврдиме дека имаме.
Џозеф Е. Стиглиц
(Республика.еду.мк)