Ќе победи ли демократијата во борбата на идеите во дваесет и првиот век? Како никогаш по 1989 година, светскиот поредок е сериозно разнишан и демократијата, како политички поредок, повторно се наоѓа под опсада. Притоа, уште не постои сериозен и заокружен идеен проект што би ја заменил демократијата. За разлика од состојбите пред еден цел век, дури век и половина, не кружи над светот ниту еден нов бауч. Пред Првата светска војна анархизмот беше сериозна закана за економските, политичките и културните елити. Иако тие никогаш не развија кохерентна програма, насилниот анархизам доведе до голем број атентати што ја здрмаа глобалната владејачка класа.
Далеку поопасни за демократијата беа фашизмот и комунизмот, двете идеологии што се воспоставија во сериозни држави на Земјината топка. Не може да бидат оспорени економските и социјалните успеси на овие режими, но уште помалку е спорна и цената што беше платена од општествата каде што беа воведени овие поредоци. Глобалната демократија и тогаш е под сериозен предизвик, демократските институции околу себе шират реа на декаденција и гнилеж, никој не умее да ги разбере разликите помеѓу парламентарните партии, а дејствува и дека демократите не умеат да се спротивстават на „мускуларниот“ фашизам и комунизам. Нормално, интелектуалците се првите што ќе се вљубат во милозвучните песни на радикалните сирени. Денес подзабораваме дека тогашни славни културни работници, филозофи, економисти, правни теоретичари, врвните имиња од медицината, физиката и математиката, како и светски познати инженери, се ставаат отворено во служба на фашизмот и на комунизмот. Деспотите на XX век се воздигнати во стихови, отсликани на платна, овековечени на филмска лента, издлабени во мермер и славопоени во обемни романи. Имплозијата на реалсоцијализмот во 1989 година придонесе кон заборавањето цел океан литература напишан во одбрана на недемократските поредоци, од тогаш врвни политички, правни и економски теоретичари.
Меѓутоа, не е тајна дека демократијата повторно е во рецесија. Посебно под удар е глобалистичката елита, која имаше одврзани раце да управува со светскиот поредок безмалку цели три децении. Кога ќе се навраќаат идните историчари кон ова време, веројатно, ќе го определат трагичниот 11 септември 2001 година како прва покрупна точка што го начна поредокот. Нападот на една мрачна терористичка група врз кулите близначки, сместени во епицентарот на глобалните финансии и во најмоќната земја на светот, беше сигнал дека завршија еуфоријата и оптимизмот. Веднаш потоа очекуваниот жесток и робустен одговор на САД, но истовремено и едностран, укажа на тоа дека суверените нации нема да се воздржуваат и да се придржуваат кон утврдените правила на игра доколку се загрозени нивните витални национални интереси. САД тргнаа во војна и против Ирак без одобрение од Советот за безбедност на ООН. Вториот момент кога глобалниот поредок беше ставен на испит дојде на 15 септември 2008 година. Колапсот на банката „Лиман брадерс“ ја поттикна глобалната финансиска криза. Сето дотогашно проповедање на неолибералните капиталистички начела беше заборавено со цел да се спаси глобалниот финансиски систем со масовна државна интервенција. Нормално, лекцијата не беше научена, па никому од креаторите на хаосот не му фалеше ниту влакно од главата, а товарот на спасувањето на системот падна врз обичниот граѓанин – неговите пари, собрани од даноци, наместо да отидат во порамнување на нееднаквоста, ги затвораа дупките, создадени од алчност и јавашлак, а на неговиот грб дојдоа и социјалните трошоци, во форма на осиромашување, губење на домот по активираните хипотеки и така натаму. Третиот голем шок за поредокот го приредија гласачите со пенкало. Во 2016 година се случи двоен шок, кога во јуни британските граѓани гласаа за излез од Европската Унија, а потоа во ноември Американците го избраа Доналд Трамп за претседател. Либералниот консензус на глобалистите претрпе тежок земјотрес, кој ги начна и самите темели на зданието.
Кон ова треба да се додадат и годините на коронавирусот. Јасно е дека пандемијата ги предизвика државите да бараат решенија што често одеа на самиот раб на законите (а и длабоко надвор од него), уставните поредоци беа ставени надвор од сила, човековите права беа суспендирани, извршните власти зедоа уште повеќе моќ, сила и контрола отколку што им припаѓа. Ќе бидат потребни години и цели генерации истражувања во сите области за да се објасни сето тоа што се случуваше во годините на коронавирусот. Трагично е тоа што целото справување со кризата дополнително ја поткопа довербата на граѓаните во институциите.
Следната година нема да биде изборна година само во Македонија, туку и во Европската Унија и во САД. Не ми се допаѓа оваа атмосфера на опсада што владее во демократскиот табор, особено помеѓу глобалистите. Разбирам дека е тешко да се излезе накрај со непознат противник, а особено е непријатен фактот што граѓанството не реагира на паника. Барањето кабает во измислици и во фантастични приказни нема да даде резултат. Ниту брегзит, ниту Трамп не се случија заради некакво странско влијание во британскиот и во американскиот изборен процес. Немало никакви туѓински пари, заговори на велешките хакери и слично. Одговорот лежи во тоа што огромен дел од населението не гледа никаква корист од глобалниот поредок, се плаши за економската и социјалната благосостојба на своето семејство, не успева да состави крај со крај секој месец и не верува дека остава подобар свет за своето потомство. Овие луѓе не се ни јадници, ни бедници, ни губитници, туку се убедливото мнозинство граѓани. Тие бараат некој да го слушне нивниот глас.
Глобалистичка елита се отцепи од граѓанството и не сакаше да го слуша нивниот крик, нивните жалби и молби. Меѓутоа граѓанството многу добро разбра како да ја погоди елитата по брегзит и по изборот на Трамп. Кога се слушнаа пискотниците на глобалистичката елита, граѓаните го пронајдоа инструментот за да го искажат нивното несогласување – гласот. Да се разбереме, јас лично да бев граѓанин на Британија ќе гласав за останување на земјата во Европската Унија. Сметам дека европската интеграција е полезна за Британија, од многу аспекти, а меѓу другото и затоа што англискиот јазик се наметна како де факто службен јазик на Европа. Да не зборувам што значи лондонското градско јадро за европските финансии. Но, Британците одлучија поинаку. Исто така, јас не се препознавам во Трамп и, да сум американски државјанин, секако дека не би гласал за него. Секако дека е интересна личност и дека би бил чудесен соговорник, но околу него има премногу драма за успешна политика. Сепак, мора да му се честита за успехот да ги канализира незадоволството и бесот на обичниот Американец, да му даде платформа и глас да се изрази. Нормално, ептен не ми се допаѓаат и некои други аспекти од неговата агенда, како незауздениот американски национализам, отсуството на минимална политичка пристојност и означувањето на цели групи со погрдни имиња. Меѓутоа, американскиот граѓанин е тој што ќе го цени целото негово дејствување на изборите.
Демократите, особено глобалистите, може повторно да најдат формула за победа, но таа не може да оди со нивната актуелна агенда. Враќање кон европскиот социјалдемократски консензус од повоениот период, повторно факторизирање и вклучување на синдикатите, сведување на миграцијата на неопходно ниво (неограничената миграција води кон намалување на платите на работничката класа), обнова на некоја форма на државна служба во формативните години за младиот човек, вложување во домувањето, здравството и образованието, борба против епидемијата на злоупотреба на наркотици, средства за смирување и алкохолизам. Ова се елементите каде што може да се најде новата демократска политика.
Најлош можен одговор е овој што го следиме во САД со обидите Доналд Трамп да биде исклучен од изборниот процес. Секоја нова правна измислица само му го крева рејтингот, прави околу него ореол на жртва и дополнително му ја дразни изборната база. Изворните и искрени демократи не бегаат од соочување. Недемократите посегнуваат по луди средства за да му го ускратат правото на граѓанинот на избор. На крајот на краиштата… Дури и Доналд Трамп повторно да победи на изборите, тој по четири години ќе си оди во заслужена политичка пензија, а во услови на ваква поларизација во Вашингтон не може ништо суштински да измени. Оттаму е дополнително нејасна оваа хистерија. Неговата популарност е само симптом дека американската нација се променила и дека американското граѓанство сака некои поинаку, а не крај на американската демократија.
Недемократскиот предизвик, за жал, сега е кај поддржувачите на агендите за ускратување на можноста Доналд Трамп повторно да се кандидира. Многу личности чии книги, есеи и настапи сум ги голтал ме разочаруваат со поддршката на неуставните и незаконските методи за ограничување на демократскиот избор на американскиот граѓанин. Оневозможувањето Доналд Трамп да се кандидира на изборите ќе биде сериозен удар во борбата за глобална демократија. За мојата генерација САД беше „градот на ридот“, пример за целиот свет, особено во делот на демократијата. Следната година ќе даде одговор дали оваа грандиозна земја останува светилник на слободата или ќе потклекне пред недемократските предизвици.
Ивица Боцевски