Не сакаме или не разбираме

Апсолутно зачудува фактот како може да планирате вработување лица што не се во земјата или работат надвор од земјава. Значи, планирањата се од население во земјава, невработени и пријавени во Агенцијата за вработување. Како може според тоа да ги планирате вработените во други земји и непријавени во Агенцијата за вработување. Тоа создава дуплирање на населението во сите земји каде што има наши државјани и работат таму

Пред неколку дена пишував еден текст со наслов „Резидентно население“. Во овој текст не сакам да пишувам што значат препораките за попис донесени за сите земји во светот што спроведуваат попис на населението, домаќинствата и становите. Тие се потврдени и од Евростат, статистичкиот оддел при Европската Унија. Во нив пишува што е резидентно, а што нерезидентно население. Во нашата земја, според Законот за попис, во согласност со методологијата за попис е доволно објаснето што значи сето тоа. И тоа е сосема јасно.
Меѓутоа она што се говори за тоа што е тоа балансер постојат одредени и големи нелогичности. Впрочем, што е тоа? Нема земја ниту на Балканот, ниту во Европа, а ниту во светот да го прави она што го прави нашата земја. А што значи тоа? Надлежното Министерство за информатичко општество прави Програма за вработување за 2023 година и бара да се вклучи сѐ што е можно и неможно во таа програма по етничка припадност.
Имаме податоци од пописот за резидентно население и тоа е тоа. Значи, колку население имаме во земјата по сите карактеристики и се објавени. По таа основа, сѐ е јасно. Податоците од евиденцијата за сомопопишување што не е задолжително за државјани што се надвор од земјава повеќе од една година и работат во други земји не се целосни и не се за никакво вработување во земјава. Зашто? Затоа што се отсутни од земјава и се вработени таму каде што се. Како може да вработувате лица што работат во друга земја или да ги броите за невработени. Како може да планирате вработувања на лица од податоци од попис за лица неопфатени во попис, а се земени податоци од административни извори каде што нема податоци објавени по име и презиме или етничка припадност.
Веројатно на сето тоа што се предлага треба да реагираат Владата на Република Северна Македонија, Министерството за правда и Државниот завод за статистика. Затоа што е потребен нов балансер, кој одговара на светските и европските стандарди, особено во време на преговори за прием во Европската Унија.
Апсолутно зачудува фактот како може да планирате вработување лица што не се во земјата или работат надвор од земјава. Значи, планирањата се од население во земјава, невработени и пријавени во Агенцијата за вработување. Како може според тоа да ги планирате вработените во други земји и непријавени во Агенцијата за вработување. Тоа создава дуплирање на населението во сите земји каде што има наши државјани и работат таму.
Веројатно има уште многу за пишување, објаснување и коментирање, но треба да сакаме да се разбереме, да промениме што е нормално, логично, законско итн. Ако сакаме во Европа, треба да имаме и мерит-систем, тоа нѐ тера кон едно општество за сите, а не вработување по етничка припадност. Потребен е систем на знаење, стручност, квалитет, искуство, а не балансери, и затоа ќе повторам дека се потребни промени во системот на вработување, а не правична застапеност. За сето тоа треба добро и навремено да ги насочи активностите Владата на Република Северна Македонија, со своите министерства и други надлежни институции. Сите сме свесни дека се бориме за подобро во државата, сите сме свесни дека постојат промени во Уставот, законите, одлуките, правилниците и други документи, па и овде се можни промени.

М-р Дончо Герасимовски

(Авторот е поранешен директор на Државниот завод за статистика и демографски аналитичар)