Некој, на Фејсбук, дава предлог, оние заминати по одмори да не постираат слики од мориња, плажи, ресорти, егзотична храна и коктели, затоа што многу луѓе не можат да си приуштат летување, па сите тие полуголи селфија, убавини и луксузни патешествија може да ги растревожат. Море постирајте, клавајте селфиња, пучете усни пред камери, расфрлајте се со исончана кожа, кратки ф`станчиња, ефектите од пролетни диети, оти нам, заглавени тука, само тоа ни останува, да се возбудуваме на вашата убавина, секако духовна, ништо телесно, да не излезе сексистички, ама не воздржувајте се, за нас вие сте летната возбуда и рај за очите, кога веќе не можеме сами да го правиме тоа.
Гледате како може глупо да се почне колумна? Јас тоа намерно, за да ги задоволам апетите на еден трагикомичен лик, бидејќи случајно дознав дека ја репостира речиси секоја моја колумна со свои, демек дообјаснувања, за својата публика, интелектуалната бижутерија, па „Русјаков нема пари за одмор, затоа што неговиот режим одамна заврши“ би бил возбудлив наратив, иако јас, реално и во минатото…
Всушност, ништо од ова горенапишаното нема никаква смисла, едноставно пополнувам колумнистички простор, зашто не знам за што да пишувам, ама вам ви се допаѓа каква и да склопам бесмислица, оти знам со зборовите, тоа ми е единствен талент од Бога, умеам да го возам читателот низ глаголи и запирки, додека не стигнам до…
Русјаков, оти наеднаш ги прекинуваш речениците?
Трите точки ми се пожалија дека ги дискриминирам во однос на другата интерпункција.
„Русјаков призна дека ја дискриминира интерпункцијата!“
Ако минатата колумна требаше да бидам Супермен за да го сместам огромното количество безумности што на неделно ниво се случија во гротеската Нордистан, сега имам друг проблем. Не знам за што да ви пишувам. Не дека нордистанскиот протекторат не ја исполни неделната норма безумие, само што мене не ме возбудува ништо од она што оваа недела вам ви ги скокоткаше чакрите.
Обвиненија, притвори, пресуди, затвори… јок бре, не ме пали ништо од тоа, напротив, одеднаш ме фаќа жал за секој што му се случува тоа, но, огромното количество возбуда, сеир, па и злорадост кај јавноста, ме тера да заклучам дека, ако уште беа реалност јавни измачувања и линчувања, плоштадите низ светот ќе беа преполни со толпа во екстаза, со сите кои себе се доживуваат за урбани, цивилизирани и морално дотерани од глава до петици пред огледалата на сопствената вообразба дека се поинакви од оние што ги нарекуваат маса, стадо… односно, може околу нас да ги гледаме „Дали андроидите сонуваат електрични овци“ и „Неоромансер“ во живо, одредени сегменти на средновековен менталитет се фиксна категорија. Патем, на оваа тема, во нашите затвори, невини скапуваат луѓето кои ги нарекуваме уставобранители, осудени на драконски казни во политичко-полициски, судски монтирани процеси, со амин на западниот варваризам, а со цел внесување страв во коски кај Македонците, но и задоволување на крвожедноста на демек прогресивните, а јас постојано ја пцујам сопствената немоќ што не знам како да им помогнам, иако не е ова само слика за нордистанската духовна зомбифицираност, оти и кај онаа западна „меѓународна“ заедница за која нè отекоа дека од уши ѝ течат цивилизациски вредности, исто е, ене го Асанж (па и Гвантанамо), затворен среде средновековниот мрак на тоталитарноста облечена во демократија, ама сите разгугутени обожаватели на Запад и критичари на демек страшниот Исток, кога станува збор за ова, веднаш ги пикаат, како ноеви, главите в песок… нека ми простат гугутките и ноевите за езоповската злоупотреба на нивниот интегритет.
„Русјаков мисли дека гугутките и ноевите имаат интегритет“.
Вака-така, стигнавме до Западот, а таму… САД се многу лути на Кина поради одлуката на Пекинг да го намали извозот на германиум и галиум, елементи кои да ти биле потребни за чипови… оние чудни направи што Русите ги немаат, па мораат да отвораат пегли и миксери. Како и да е, оваа одлука на Кина, официјален Вашингтон ја доживеа како санкција, па велат дека тоа воопшто не е фер. САД се инаку земја која, нели, никому не му спроведува санкции. Јас бидејќи сум неписмен на тема чипови и периодни системи, особено ако тој систем го составил Менделеев… значи Русин, автоматски агресивен, назаден, море и одвратен (никогаш не ми било јасно зошто Западот не си смисли подобар Менделеев систем), муабетот ми е, ако Кина не дава веќе германиум и галиум, зошто САД и ЕУ не си ги набават од… што знам… па од Германија и Галија, на пример. Ене им го Шолц, тука им се Астерикс и Обеликс, што па мора да зависат од Кина, која нели е една нецивилизирана земја што економски се распаѓа?
„Русјаков мисли дека Галија е држава со која владеат Астерикс и Обеликс!“
Да бе, јас глуп сум! Како да не знам дека со Галија владеат Виталстатистикс и Гетафикс. Туку, кога сме кај галските петли, Галија гори. Се крена на бунт малцинството од некогашните француски колонии, затоа што… знаете зошто… па ја запалија половина Франција. Циниците тука веднаш склопија „македонски предлог“ за францускиот проблем. Имаше и такви кои се прашуваа да не случајно Пригожин ја згрешил трасата? Не знам дали Си-ен-ен беа разочарани за малото количество крвопролевање низ Франција како што беа за Русија, ама јас не наидов на информација каде што француски политичари ги обвинуваат Французите со марокански, туниски или сириски корени дека се инструирани од Москва. Оти тоа кај нас е нормална појава. МПЦ-ОА во триесет години првпат повика на некаков протест и ете го веднаш претседателот на Нордистан, кој секако ќе се отселеше од тука ако не ја вршеше функцијава, ни плесна в лице дека некои свештеници шурувале со Русија. Па, уште службите го информирале, и тоа не само домашните задолжени за политичко-полициски местенки на неистомисленици, море и службите на сите НАТО-членки. Веројатно НСА, БДН, МИ-6 само тоа прават, следат богослужби и свештеници во МПЦ-ОА. Којзнае каква им била размената на информации.
Слушнавте? Што? А бе, поповиве цел ден зборуваат за некој Јован Шангајски. Кој е тој? Русин, брат. Ама, Шангајски? Русин што работи и за Кинезите, гарант. Чекај малку, тука пишува дека името му е Јован Шангајски-Санфранциски. Значи двоен шпион, а?
Прости ми оче, Свети Јоване, моли се на Бога, за кај нас во Македонија, разумот да се врати!