Развојот на универзална вакцина против настинки, грип, ковид и алергии значително напредува, веруваат научниците.
Експерти од Медицинскиот факултет на Универзитетот „Стенфорд“ во САД развија универзална вакцина што може да се администрира како назален спреј и може да заштити од широк спектар на респираторни вируси, бактерии и алергени.
Истражувањето, чии резултати беа објавени во списанието „Сајенс“, беше спроведено на глувци и им обезбеди широка заштита во белите дробови во текот на неколку месеци.
Вакцинираните глувци беа заштитени од ковид и други коронавируси, стафилококи (кои можат да ја инфицираат кожата и да предизвикаат сепса), бактеријата Acinetobacter baumannii (која може да предизвика инфекции на крвта, уринарниот тракт, белите дробови) и грини од домашна прашина.
Доколку овие резултати се пренесат на луѓето, вакцината би можела да ги замени повеќекратните годишни вакцини против зимските респираторни инфекции.
Исто така, според, авторите таа потенцијално би можела да дејствува против нови пандемиски патогени.
Д-р Бали Пулендран, директор на Институтот за имунитет, трансплантација и инфекции на Универзитетот „Стенфорд“ и главен автор на студијата, рече: „Мислам дека имаме универзална вакцина против различни респираторни закани“.
Замислете да добиете назален спреј во есенските месеци што ве штити од сите респираторни вируси, вклучувајќи ги ковидот, грипот, респираторниот синцицијален вирус (РСВ, најчеста причина за бронхитис) и обичната настинка, како и бактериската пневмонија и ранопролетните алергени. Тоа би ја променило медицинската пракса.
Истражувачите сега се надеваат дека ќе ја тестираат вакцината кај луѓето.
Д-р Пулендран верува дека две дози од назалниот спреј би биле доволни за да се обезбеди заштита кај луѓето и проценува дека, со доволно средства, вакцината би можела да биде достапна во рок од пет до седум години.

Премногу добро за да биде вистина?

Во студијата научниците демонстрираа заштита кај глувци и покажаа дека корисните Т-клетки во белите дробови, кои се борат против патогени, можат да испраќаат сигнали до вродените имунолошки клетки за да ги одржат активни.
Значи, наместо да се обидува да имитира дел од патогенот, вакцината ги имитира сигналите што имунолошките клетки ги користат за да комуницираат едни со други за време на инфекцијата.
„Студијата што тврди дека постои универзална респираторна вакцина звучи премногу добро за да биде вистина, но истражувачите можеби смислиле нов концепт за вакцинација ако резултатите кај глувци се потврдат во идните испитувања на луѓе“, рече Брендан Рен, професор по микробна патогенеза на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, кој не беше вклучен во студијата.
Концептот се базира на имитирање на сигналите што нашите имунолошки клетки ги користат за да се заштитат, наместо на традиционалните вакцини, кои се потпираат на компоненти на индивидуални патогени.
Новата вакцина стимулира повеќе делови од имунолошкиот систем и се чини дека ја објаснува широката заштита кај глувците.
Тоа е ветувачки пристап што би можел да има широка примена и важни импликации. Сепак, сè уште е рано бидејќи студиите досега се спроведени само кај глувци, иако тие покажуваат добри имунолошки одговори.
Следната фаза би биле целосно контролирани испитувања на заштитата на вакцината, со директни споредби со постојните формулации на вакцини, но долг е патот пред да знаеме дали овој пристап произведува безбедна и ефикасна вакцина за луѓето.

(Сајенс)