Ајде малку далечна историја. Италијанскиот државник, писател и воен стручњак Николо Макијавели, во својата надалеку прочуена книга „Владетелот“, напишана уште во почетокот на 16 век, на одреден начин упатува визионерска порака и до денешните Македонци, се разбира без да имал намера или да пророкувал што ќе се случува во далечната иднина. Во четвртата глава од книгата, пишувајќи за последиците од војните меѓу Александар и Дариј, го зема случајот на распадот на македонското античко царство.
Имено, Макијавели кажува дека по смртта на Александар Велики, Македонците немале никакви тешкотии да ја задржат големата и силна држава. Единствена закана биле меѓусебните судири на водачите поради нивната преголема самољубивост. „Да беа сложни неговите наследници, ќе можеа безгрижно да живеат во неа, бидејќи единствените немири беа оние што самите тие ги предизвикаа“. Така пишува Макијавели, а од историјата е познато дека Александровата македонска држава била поделена меѓу неговите најблиски генерали, кои завладееја со свои царства и дека од нив е останат само блед спомен во легендите и историјата.
Што се случува со неговите наследници денеска? Македонските делби, вистински, поттикнувани или фингирани, се обележје и на новиот век, на сегашните партии и на нивните лидери. И по цела една епоха се поставува прашањето што ќе биде со државата и со иднината на македонскиот народ. Прашањето не е излишно, зашто државата е во долга транзиција, оптоварена со внатрешна неслога, опсадена со надворешни уцени и ултиматуми, со сменето име и со можна загроза на националниот идентитет преку барањето за запишување на Бугарите во Уставот. И што секоја партија е всушност посебно царство.
Тие неколку фактори, покрај други економски и социјални, ја предизвикуваат и одолжуваат општата политичка и институционална криза од низок интензитет. Слаба, но постојана. Не е никаква утеха ако се знае дека во криза се и многу поголеми и посилни држави, особено сега по второто доаѓање на власт на Доналд Трамп на чело на Америка и по обидите за разнебитување на Европската Унија. Македонија, колку и да е географски далеку од земјите на ЕУ или од војната меѓу Русија и Украина, стратешки и политички е блиску до тој врел котел, ако веќе не е и во него.
Имајќи го предвид тоа, пред голем испит е политичката елита, како владејачката предводена од ВМРО-ДПМНЕ така и опозициската СДСМ. Несомнено дека на испит пред иднината и пред своите гласачи се и владејачкиот Влен и опозициската ДУИ, двете најсилни политички групации на Албанците во Македонија.
Дали Македонија ќе ги помине сите сцили и харибди, ќе го одбере својот сигурен пат или ќе направи големо промашување?
Ако претходните генерации издржале и опстанале под власт на други држави, дали овие нови генерации ќе дозволат да ја изгубат во сопствената? Во изминатите 35 години од независноста продефилираа на чело на државата или на владата млади и неискусни политичари, без развиено чувство за лична и општествена одговорност, повеќето без историска поткованост, некои со сомнителна или поинаква национална свест, припадници на иноверни религии, молчеливци, деструктивци и министри шарлатани. Не се на мал број и измамници и криминогени типови во власта, кои станаа милионери крадејќи ги парите од народот.
Историски мерено, борбата на Македонците за сопствена држава не била едноставна, не одела по еднонасочна нагорна линија. Великата идеја за самостојност и оформување на идентитетот, од периодот на првите преродбеници наваму, главно била спречувана, злоупотребувана, манипулирана, прокоцкувана, задушувана, упропастувана, уништувана. Што од самите Македонци, што од странските држави, служби, војски, дипломатии, пред сѐ од комшиските. Но и покрај сите пречки, овој народ има своја историја, свое национално достоинство и големи заслуги за културната историја на Словените.
Македонците (нека биде само како име) не се загубија ниту по пропаста на античкото царство на Филип и Александар, ниту по пропаста на Самоиловото Царство, не се загубија ни под јаремот на многубројните турски султани, ни пред агресивноста на богатите грчки фанариоти, не тргнаа масовно по понудите на мисионерите на други христијански цркви, ниту пак (во неколку наврати) подлегнаа на подмитливите понуди на бугарскиот царски двор и на бугарската егзархија и благоспевите за еден народ. Не се асимилираа и не сменија вера ниту во турско, бугарско и српско световно и грчко духовно владеење. Повеќе со ум, разум и итрина, со итропејовштина, ги преживееја сите владетели. Се спасија од обидите за освојување од сите соседи, што го покажува нивниот неспорен виталитет за опстанок, иако поради низа надворешни историски околности не се во старите заеднички етнички и географски граници.
Навистина, не кревале многу буни, не се одликувале со голема колективна храброст кога кревале востанија, наведнувале глава (навалена глава сабја не сече), виткале кичма, секому му служеле по малку, колку што се морало, подлажувале кога требало, менувале сојузници, но речиси секогаш, во клучни историски пресврти, во големо мнозинство се определувале на страната на победникот, ако го исклучиме малцинството, кое лесно се подмитувало или било доведувано во заблуда. Иако, хронолошки гледано, делбите, неслогата, меѓусебните политички расправии и оружени пресметки заземаат видно место во борбата за место под сонцето на европските народи.
Грижливо чувајќи ги својот статус, својот јазик и своите религиски традиции и фолклор, Македонците го зачувале и својот идентитет и низ тие историски процеси конечно создале своја самостојна суверена држава. На темелите на три Илиндена (1903, 1944 и 1990) останале свои на своето во национална и духовна смисла, Македонија стана реален субјект на мапата на светската политика. Што ќе биде понатаму, колку што зависи од политичките елити толку зависи од народот и од нивната отпорност и издржливост пред предизвиците што претстојат. А тие не се мали.
































