На грчките плажи лежевме и плачевме за напалмот фрлен врз Македонците

Од сите ставови, наслови, коментари, пофалби, плукања и теории на заговор околу договорот со Британија, најблесава ми се виде претпоставката дека новата железничка линија во најава, сигурно ќе се прави само за да може мигрантите полесно да ни завршат во државата. Веднаш доживеав просветлување. Ми стана јасно зошто Македонија облечена во Нордистан, последниве десет години е руинирана. За да не се соблазнат мигрантите дека и кај нас е благосостојба како во Скандинавија или Германија, па да ни се напикаат во татковина, по дома и во постела.
Малку се разочарав кога Владата и британската амбасада демантираа дека мигранти ќе ни дремат по кампови. Изгледа ништо од таа приказна не бидува. Баш штета, оти кога гледам како копиљаци измачуваат штркови, нашмркани кршат детски игралишта или прават предизвици на Тикток кој повеќе ќе се изнаголта парацетамол, а возрасни мажишта протестираат против аутистични деца во училиштата, доаѓам до заклучок дека генот на нацијата скроз се изопачи и веднаш пред очи ми излегува Александар Македонски во Бактрија. Што мислите, зошто женеше и мажеше десетици илјади Македонци со тамошни жители? Да не го возбудуваа случајно свадби? Знаеше царот како треба да размрда ген и да разубави тен.
Патем, сосема ме збуни фактот дека околу можново населување мигранти во Нордистан, најмногу страв се ширеше од левата страна на политичката приказна. Низ светот тие се „мигранти френдли“ ако добро се сеќавам. Јас, на пример, од позиција на сиромашен писател што живее под кирија и секој месец се тртка како да истера скапотија, опкружен со сум нација во која повеќето имаат лична имотна сопственост, куќи и станови за чија квадратура западни граѓани можат да сонуваат, оние што работат во администрација, значи половина држава, имаат бајаги високи плати, кои вака така постојано се зголемуваат, а граѓанството со кое секојдневно се разминувам, дотерано е од глава до петици како за на модна ревија, во автомобили што не се разликуваат од оние во Германија, по цел ден шета по трговски центри, кои ги имаме повеќе од болници, и секогаш ги држи полни кафеаните и баровите со скапи менија каде што се расфрлаат со експертски ставови за сè што нè опкружува.

Па зошто тогаш, кога сме веќе толку паметни, убави и дотерани, да не пружиме рака кон Палестина каде што навистина се случува геноцид и не мора сите, ама барем мал дел од овие несреќници што се во состојба на истребување да вдомиме? Не, а? Знам, знам, ако ги донесеме сега, овие вмроовците гарант ќе употребат Бајденов метод и ќе ги направат гласачко тело. А всушност и да им пружиме рака, убеден сум дека по кратко време, откако ќе видат што чурук народ сме, ќе посакаат веднаш да се вратат назад.
Браво бе, Русјаков! Кога попрво стана промигрантска СОРОСпија?
Заглавен во дупка со интелектуална бижутерија, искрено ми се мигрира кон небесата, ама изгледа таму уште не ме сакаат, па цинизмот ми се гледа како единствена скала кон асталот на блесавоста каде што Данил Хармс и Емброуз Бирс ја мезат апсурдноста.
Туку да се вратам јас на договорот за партнерство со Британците. Господинот Филипче побара да се обелодени потеклото на парите. Прво помислив дека се „ЗАЕВава“ со вмроовците. Кога он мртов сериозен. Јас разбирам оној со три часа во петок што мисли дека сидрото ја влече напред лаѓата, да праша такво нешто, ама доктор со сериозно образование? Како бе, друже, од каде е потеклото на парите на Британската Империја? Од каде им се парите на империите? Па од освојувања и колонизација, по што следува сериозна пљачка на богатствата од оние што ги колонизирале. Ако не им веруваш на учебниците, мене секако батали ме, тогаш прашај го Гарет. Па нели со него и со Бејли од Штатите, имавте стратешко партнерство за рушење на Македонија? Прашај го Велшанецот од каде беше потеклото на парите што двете империи ви ги истурија во прегратките за да може интелектуалната бижутерија да ги фарба граѓаните? Патем, можеш да кажеш какво е потеклото на парите со кое се станува жител на Дубаи, оти за парите на Британците знаеме од каде им се.
А кога сме кај историја, добивме купишта лекции. Едно чудо луѓе објаснија дека Британците фрлаа напалм врз Македонците за време на Граѓанската војна во Грција и затоа е одвратно со тие гадови да тераме дилови. Тоа е вистина. Клемент Атли, кој го замени Черчил, ги крена авионите и фрлаше напалм врз македонските партизани, кои речиси ја ослободија од нацисти Беломорска Македонија. Со тој потег Атли ја преобрази Британија од антинацистичка во соработник на грчите монархонацисти. Има некои што мислат дека тоа се случило затоа што сме биле на погрешна страна од историјата, ама јас не можам да полемизирам со такви што се на погрешна страна од логиката.

Но ако нешто што се случило пред 80 години е причина да не соработуваме со некого, тогаш мора да видиме кој сè ни го малтретирал постоењето. Веднаш да ги затвориме границите со соседите. Па тие по 1913 година искасапија повеќе Македонци од Турците. А-ха, пет века Отоманска Империја и зулуми врз Македонија, значи марш и на Турците. А пред Атли да ги крене напалм-авионите, Сталин, Рузвелт и Черчил забранија обединување на Македонија. Патем, Русите ја создадоа модерната бугарска нација и ја измислија Санстефанска Бугарија поради која и денес не може глава да кренеме, а потомците на Френклин и Винстон ни го сменија името и ни начукаа нордистански идентитет. Значи САД и Русија, исто така можат да одат по ѓаволите. А нацистичка Германија и фашистичка Италија што нè окупираа и убиваа? Тие се сега членки на Унијата, а таа ЕУ, од Лисабонска декларација до француски предлог се обидуваат и успеваат да го поништат нашето постоење. Да не заборавиме и на Кинезите, тие во 2001 го тргнаа УНПРЕДЕП или како и да се викаше, од Македонија, додуша поради наше глупирање, ама не мораа до толку да бидат бљак и да му ги отворат портите на НАТО, од Косово да нè нападне. Значи итно да се прекинат и односи и договори со сите оние што низ времето ни наштетиле, од Штатите и Кралството, преку Европа и Русија, до Кинезите.
Искрено, ме заболе соработникот за стратешки договори, ама фала ти Боже што на Англичаните им даде смисла за хумор, фудбал и рокенрол, за ние еретиците да можеме да ги консумираме, оти немаме средства како нордистанските патриоти, да размислуваме на кои грчки плажи ќе ги поминеме летните, како напалм, горештини.