(петти дел – заклучок)
Како до алтернативна македонска надворешна политика? Иако замислив уште барем три продолженија на овој серијал, сепак, добив забелешки од неколку легенди на македонската дипломатија дека завлегувам во премногу специјализирани, па дури и помалку опскурни, теми што секако дека не се од интерес за општата публика што го следи судирот со идеи преку колумнистичките страници на весникот „Нова Македонија“. Така што оваа сабота ќе заклучам со изложување на клучните точки за преобразба на македонската дипломатија.
За жал, во Македонија уште во самите зори на нашата независност го запоставивме Министерството за надворешни работи. Дипломатијата не е само една од државните служби, а не може да се сведе ни на трите класични функции коишто ѝ се пропишани дури и со Виенските конвенции, односно да претставува, да информира и да преговара. Дипломатијата е, всушност, чувар и печат на државноста, своевиден трезор на државната меморија. Дипломатската служба е ферментиран и дестилиран патриотизам. Не случајно во некои традиции министерот за надворешни работи се нарекува државен секретар или канцелар. Исто така, во најразвиените држави кога партиите градат коалиции по демократските избори, стожерната партија го презема премиерското место во владата, додека, пак, најзначајниот коалициски партнер станува министер за надворешни работи. Моќта на премиерот може да се урамнотежи само со моќта на шефот на дипломатијата.
Но кај нас дипломатијата беше сфатена многу повеќе како нужно зло отколку како чувар на државниот печат. Македонија уште како република имаше многу атрибути на државност, па по осамостојувањето системот продолжи да си функционира по некаква инерција, па, за несреќа, продолжи да функционира „министерството за односи со странство“ на една федерална единка, наместо да се изроди силна и моќна дипломатска служба. Исто така, не се направија позначајни напори да се институционализира и да се искористи искуството што го донесоа македонските кадри од некогашна југословенска дипломатија, искуство на една моќна, разгранета и глобална дипломатија, сериозен играч на светската сцена.
Прва точка во преобразбата на македонската надворешна политика мора да биде целосна професионализација на дипломатската служба. Македонија одамна созреа за прекинување на партизацијата, непотизмот и врскаџиството. Потребен е јасен годишен приемен испит за влез во дипломатската служба, јасни правила, настава и испити за напредок во службата, како и одбранет труд за влез во повисоките дипломатски звања и за најврвниот дипломатски степен на министер–советник. Второ, погрешно е резонирањето дека Македонија има скапа, гломазна и преобемна дипломатска мрежа. Македонската дипломатија треба итно да отвори нови амбасади во сите главни градови на државите-членки на Г20, но и конзулати во сите глобални алфа-центри, како и мисии во најзначајните континентални интеграции. Само на тој начин ќе може да ѝ се дадат конзуларни услуги на нашата глобализирана македонска нација, но и само така македонската дипломатија ќе може да се факторизира и да се избори за место во повисоките дипломатски лиги, онака како што ѝ прилега на земја-членка на НАТО и идна земја-членка на Европската Унија. Трета точка на промената би било воспоставувањето глобална дежурна конзуларна мрежа, каде што на секој македонски граѓанин, на која било точка на Земјината топка и во реално време ќе му бидат понудени сите конзуларни услуги. Целта ќе биде постигната кога конзуларната мрежа ќе се бори за секој граѓанин со истиот жар и интензитет како што би го услужила синот на претседателот на Републиката.
Четврта точка на програмата се мултилатералата и упатувањето во странските мисии, со трансформација на Директоратот за мултилатерала во нервен центар за водење кампањи, пласирање, менаџирање и насочување на сите Македонци што работат во дипломатски, полициски и воени мисии во странство, како и формирање македонска агенција за развојна помош, како орган во состав на МНР. Петта и можеби најнеопходна точка за реализација на оваа програма е МНР да се избори за буџет што ќе изнесува најмалку 0,5 отсто од државниот буџет. Дипломатијата можеби е скап издаток, но е суштински за функционирањето, одбраната и промоцијата на една држава.
Се разбира, тука е неопходно да се зборува и за демократизација на дипломатијата. Не постои демократија без повеќепартиски систем. Партиите ги изнедруваат политичарите коишто ѝ даваат цели, содржина и насока на надворешната политика. Често се случува да дојде до тензии помеѓу политичарите и дипломатската служба. Ова донекаде е и логично. Како што веќе порано забележав, иронично се вели дека „дипломатите се политичари што никогаш не излегуваат на избори, додека политичарите се дипломати што мора да се потврдат на избори“. Меѓутоа, дипломатската служба може да се отвори кон пратеничките групи во Собранието на Република Македонија, па да им се овозможи на политичките партии застапени во Собранието да изберат професионален дипломат, во рангот на амбасадор, кој ќе им помага во дипломатскиот дел од нивните активности, но и кој ќе биде офицер за врска помеѓу министерството и партиите. Оваа практика е добро позната во многу етаблирани демократии, овозможува повратна врска помеѓу политиката и дипломатската служба, но и запознавање на идните врвни политичари со клучните државни прашања. Покрај тоа, постои и практика врвен дипломат да добие и „внатрешен“ мандат, па да биде деташиран во Стопанската комора, при Ректоратот, во Град Скопје, при ЗЕЛС, како и во други институции на државно и на локално ниво каде што е потребна и дипломатска димензија во работата.
Четирите државни универзитети овозможуваат и неколку вектори на институционална врска со МНР, во форма на истражувачки центри каде што академската заедница и дипломатијата може заеднички да работат на научни проекти и на аналитички трудови од државен интерес. Покрај тоа, четирите државни универзитети може да се стават во функција и како јазични институти на МНР, но и како места каде што може да се воспостават истражувачки единици за специјализирана географска или функционална експертиза.
Македонија прескапо го плати запоставувањето на сопствената дипломатска служба. Премногу грешки, заблуди и беспаќа беа направени поради погрешни информации, анализи или толкувања. Да не зборувам, пак, колку често, дури и ден-денес, Македонија е мени на дипломатските трпези затоа што е отсутна од клучните глобални настани, но и од жаришните точки каде што се кројат глобалните односи. Малите држави немаат право на грешка во меѓународните односи, немаат простор за импровизација и не добиваат многу шанси.
По триесет години беспаќа, Македонија созреа за поинаков и сеопфатен пристап. Време е да се породи новата македонска глобализирана дипломатија.
(крај на серијалот)
Ивица Боцевски