Да појаснам за оние што не знаат (или „заборавиле“) кое е значењето на поимот mission civilisatrice (цивилизирачка мисија): оваа фраза е поврзана со средновековната традиција на ширење на вредностите и уверувањата на христијанската вера, која процут доживува во времето на колонијализмот. Во 18 век, францускиот маркиз Кондорсе ќе изјави дека постои света должност да им се помогне на тие луѓе „на кои, за да се цивилизираат, им се потребни средства ’од нас, потребно им е да најдат браќа меѓу Европејците и да станат нивни пријатели и следбеници’. Британскиот колонијализам ќе зборува за товарот на одговорноста што го има на себе преземено белиот човек (white man’s burden), а денес е попозната фразата за ширењето на американскиот „начин на живот“. Под претекстот на чинење добро за заостанатите и примитивни народи, освојувачите и колонизаторите добиле одврзани раце („легитимитет“) да ги „упристојат“ и усреќат племињата, дури и со нецивилизирани методи. Иако ниту една европска нација нема тргнато по патот на соочување со минатото и злосторствата од времето на колонијализмот (нешто што топло им го препорачува на постјугословенските народи, на пример), фактите не само што не можат да се скријат, туку последиците од таа брутална политика се видливи и денес.
Концептот на „цивилизирачка мисија“ доживува теориски и практични реинтерпретации (во теориите за модернизација или развојните теории), но суштината останува иста (иако методите се менуваат): некои народи, или поточно племиња, се инхерентно неспособни за да се управуваат себеси и да ги одржуваат високите цивилизациски норми (оние, западните, се разбира), доколку не добијат надворешен поттик и помош, а за нивна (културна) асимилација и пацификација (особено кога се експлоатираат нивните природни ресурси). Најновата верзија на цивилизаторската мисија е стратегијата на ширење демократија („пролет“), со сите средства, вклучувајќи и преврати и воени интервенции. Европската верзија на „мека моќ“ и „политика на европеизација и евроинтеграција“ се разликува повеќе по методите одошто по суштината. А од многу ширење „цивилизација“ и социјален инженеринг (особено во полза на американските интереси), денес ЕУ се занимава со бумеранг-ефектот на ваквите потфати, во вид на мигрантски бранови. Впрочем, тоа и беше темата на самитот на ЕУ, а не постигнувањата на Заев и/или новото „(северно)македонско чудо“. Мигрантите се и натаму злото, а не оние што се примарно одговорни за нивните судбини и разурнати домови.
Но, централна тема на оваа колумна е неоколонијалниот менталитет што го носат не само (македонските/балканските) политичките елити, туку нивната медиумска и (квази)интелектуална камарила. Како пример ќе посочам колумна објавена пред неколку дена, со наслов „Да се биде племе Македонци или цивилизирани Северномакедонци!“. Ида Протуѓер, бивша новинарка, сега преквалификувана во советник за живот и животни предизвици (life coaching) во Австрија, во својот професионален занес се обидува да му помогне на македонскиот народ да го фати вистинскиот пат и да се ослободи од племенскиот назив. Самиот текст е толку површен и проѕирен, иако „поткрепен“ со референци од антрополошки и психолошки истражувања, па до Шекспир, што не заслужува поголемо внимание. Но почнувајќи од насловот, па до заклучокот, суштината е толку расистичка и навредлива, што мнозина вознемири. Интересно е што таа и не забележува дека опишувајќи го обредот на племето Еторо од Папуа Нова Гвинеја (каде што момчињата за да влезат во светот на возрасните, треба орално да задоволат маж и да му ја голтнат спермата, поради уверувањето дека така стануваат достојни возрасни членови на таа заедница), таа пластично го опишува она што (треба да) го прави македонската влада за да стане достојна за НАТО и за ЕУ! Таа им советува на граѓаните на нејзината (бивша) татковина како да дојдат до квалитетен живот и да излезат од сегашната „племенска“ позиција на Македонци (недостоинствени, бедни итн.), треба да направат само еден значаен чекор – да прифатат да станат северномакедонци (Sic! Назив за кој пропагандната машинерија убедува дека не е вметнат во Преспанскиот договор овде се користи како крунски аргумент на „советничката“). Наместо „Сезаме отвори се“, овде треба да се каже „северномакедонци“ и сите блага на светот се наши! Со други зборови, промената на „етикетата“ ќе го направи квалитетот на производот подобар, европски и цивилизациски вреден! Парадоксот е во тоа што Протуѓер, која веројатно не го прочитала договорот, или не го разбрала, се обидува да го забошоти фактот дека со договорот со Бугарија и овој со Грција, Македонците од припадници на народ што го остварил правото на самоопределување (со АСНОМ, 1944 година) се деградирани на припадници на словенско племе, кое некако чудесно се нашло на територијата сега наречена „Северна Македонија“. Американскиот сенатор Рорабахер (истиот што пред неколку месеци изјави дека Македонија не е земја, и дека нејзините граѓани треба да решат дали ќе се спојат со Бугарија или со Албанија) експлицитно и восхитено порача колку е среќен од тоа со каква милост/грациозност „новоименуваниот народ го прифатил својот нов идентитет како северномакедонци“.
Северномакедонскиот „идентитет“ веќе го прифатија и некои спортски сојузи, европратеници, еврокомесари, и слично. Ситуацијата со која се соочуваме личи на онаа изрека дека е доволно на човек да му пуштиш прекар, и работата е завршена – бидејќи колку повеќе ќе се обидува да се ослободи од него, толку повеќе се заплеткува и го задржува новиот „имиџ“. Да бидеме начисто дека во наредните месеци ќе се служат со политика на свршен чин, не дозволувајќи ниту уставноправната процедура да заврши, ниту граѓаните да се изјаснат на (евентуален) референдум. Тоа не треба да нѐ вознемирува, бидејќи битката ќе биде загубена само ако поверуваме во евтината пропаганда.
Република Македонија е тажно, сиромашно, па некогаш и грдо место за живеење. Но, поентата е дека никакво преименување (шминки, парфеми, гардероба и слично) нема да може да ја смени таа стварност, освен ако за вистински реформи не се зафатат политичките актери и граѓаните. Европеизацијата е облик на неоколонијализам, и тоа мотивиран од геополитички и економски побуди, не од алтруизам. И во рамките на ЕУ има не само енклави, туку и цели држави што се тажни места за живеење, без социјална правда, со сиромаштија, дискриминација и ксенофобија. Одлуката на Европскиот совет, и пораките на неколкуте лидери-скептици за натамошно проширување, се брутално јасни, но почесни од лажговците, кои тврдат дека сме добиле „кристално чист датум за почеток на преговори“: освен двата договора со соседите, Владата на Република (Северна) Македонија не покажа капацитет за „цивилизациски“ преродба во ниту една битна област. А за да го знаеме тоа, нам не ни беше потребна порака од ЕУ – ние го живееме тоа. Датум можеби е споменат, но не се знае годината, деценијата, за почеток на преговори – крајот на преговорите е нешто од сосема друга димензија, која мојата генерација нема ни да ја доживее. Расистичката реторика и самомразечкиот однос на пропагаторите на „европската цивилизација“ зборува за нив, а не за нас. Племињата се историска категорија, а денес исклучок во изолирани делови на светот (што не ги прави ни недостојни, ни назадни).
Нациите се модерен конструкт, и македонскиот народ (успешно) минал низ тој процес на себепрепознавање и самоопределување. Тоа нема да го смени ниту еден меѓународен договор, исто како што ни грчката нација нема да стане директен потомок на Сократ и покрај изнуденото „признание“ од својот послаб сосед. Она што е константа (и за Македонија и за Грција) е политиката на моќ, неоколонијализмот и „цивилизаторската мисија“, во која без оглед на препораките (условни или безусловни), Балканот е сѐ уште темното место за кое пишуваше Марија Тодорова. Моќните зборови на Едвард Саид се нешто што треба да ни биде водилка во месеците во кои пропагандната машинерија ќе создава лажни дилеми и ќе нуди спасоносни решенија: „Секоја империја во својот официјален дискурс вели дека таа не е како другите, дека нејзините околности се посебни, дека таа има мисија да просветли, цивилизира, доведе до поредок и демократија, а дека користи сила само како крајно средство. И уште потажно е што секогаш постои хор од ентузијастички интелектуалци, кои ќе изговараат смирувачки зборови за бенигните и алтруистички империи, за да се убеди човекот дека не треба да им верува на доказите што ги гледа, а кои упатуваат на деструкција, беда и смрт до кои довела најновата mission civilizatrice“.