Министерство за циркус и културни метаморфози

Сликата на културното битисување на нашите простори, главно, е хаотична. Освен фазата на предимензионирање, што во извесна смисла е природен и логичен процес и делумно последица на стеснувањето на културниот простор со осамостојувањето, ја доживува во некоја рака судбината на советскиот циркус и на организациски план, како културна стратегија и појава сѐ повеќе се заглавува во сопствениот неинвентивен и бирократизиран метеж

Повторувањето е мајка на знаењето, според древната мудрост, а јас би додал и на осознавањето. Како во мноштвото информации и изобилство содржини да препознаеме, изведеме заклучок, спознаеме. Упатно е и корисно на некои од темите и содржините да се потсетиме и одвреме-навреме да се навратиме и препрочитаме. Министерство за циркус е насловот на ова писание и навраќање на една сериозна социолошка тема, малку видлива и малку понастрана од шумот и екот на силниот вртеж на дневнополитичката центрифуга.
Историјата на циркусот во поранешниот Советски Сојуз го бележи импресивниот податок дека секојдневно два милиона луѓе посетувале циркус во 73 постојани државни циркуски арени, изградени во советската империја како дел од глобалниот концепт на планирање на духовните суптилни сфери на советскиот човек. Комунистичките лидери сметале дека циркусот треба да биде една од најважните уметнички форми. Таа беше проектирана како државна претприемачка линија со министер на чело, со цел и задача супервизија и глорификација на државната идеологија во циркуската арена. Со распадот на советскиот модел, многу од артистите на овој диригиран и некогаш толку важен уметнички жанр се раштркани низ Европа и светот во потрага по парче леб и многу од нив одвај преживуваат и се снаоѓаат во новонастанатите постинформациски транзициски услови.
Сликата на културното битисување на нашите простори, главно, е хаотична. Освен фазата на предимензионирање, што во извесна смисла е природен и логичен процес и делумно последица на стеснувањето на културниот простор со осамостојувањето, ја доживува во некоја рака судбината на советскиот циркус и на организациски план, како културна стратегија и појава сѐ повеќе се заглавува во сопствениот неинвентивен и бирократизиран метеж.

Бегол поглед и пресек на културните собитија се формира и отвора фајл од чудни концепти, невешти сурогати на глобалните естетски токови. Оро водат дузина транзициски концептуалисти, синеасти, културтрегери со малку или никакво искуство, со дипломи „стекнати“ на белосветски „престижни школи и универзитети“, автори во креативен транс, кои се во континуирана потрага по некакви догма-форми, модерен израз, културни егзибиции што безмилосно го парчосуваат и празнат културниот буџет. Сето тоа остава малку простор на површина да се појави еден нормален, чесен разбирлив културен продукт, проект или филм од кој, ако ништо друго, барем нема да се срамиме низ светот. За овде е лесно, неколку наслови низ печатот, интервјуа, агресивен пиар, и работата е завршена, проектите, перформансите, филмовите се ремек-дела пред да бидат видени и веќе собориле рекорди.
Многу од протагонистите на културното живеење и кај нас останаа затекнати во новонастанатите услови и во состојба на шок, затворени во магичниот круг на некритичка исклучивост, негирање и себесожалување, никако да ја согледаат суровата и динамична димензија на уметничката метаморфоза.
Силно заплиснати од бурниот технолошки развиток, аналогните уметнички генерации се исправени пред сериозна задача за навремено детектирање на потенцијалот на новите медиуми, како и пред предизвикот на продолжениот простор на уметничкото дејствување низ кој треба да се движат според ритамот на перцепција на сегашноста, глобалните медиумски параметри и законитости, суштинска претпоставка и вруток на новиот сензибилитет.
Современиот микрочип на мал простор може да содржи милијарди информации, теоретски достапни секому и во секој миг, но ноторен факт е дека информацијата сама по себе не претставува спознание, цинично ќе забележат традиционалистите. Но, според филозофско-теоретскиот мејнстрим, медиумскиот карактер на стварноста како појдовна рамка претпоставува и налага еден нов вид поимање, редефинирање и проширување на онтолошката рамка на уметноста во која е вграден креативниот нов сензибилитет што секојдневно може да се забележи на рабовите на сè поатрактивната медиумска графика, на модните и музичките ТВ-канали, или во многубројните и кампањи на сеприсутниот интензивен маркетинг.

Зарем е помалку уметност создавањето атрактивни видеоигри што со својата динамична визуелност и драматургија сè повеќе се претвораат во театар, во кој сме и гледачи и артисти. Слободно и со право можеме да ги прогласиме за уметност современиот графички дизајн на шпиците и џингловите или доброто одбирање лица со висока телевизуелност и трендовите на т.н. „социјално новинарство одблизу“ или континуираната духовитост и високоартистичка изведба на одделни епизоди на играно-документарни секвенцијали и многубројни ТВ и интерактивни продукции.
За креативен уметнички чин може да се окарактеризираат и директните телевизиски преноси од зимските и летните олимписки игри, американскиот врвен баскет и одделни телевизиски жанрови. Зарем преносот на натпреварите за Формула 1 не е автентична уметност и креативен чин? Изгледот и креацијата на болидите, фасцинантната адвертајзинг-иконографија, одличната поставеност на камерите и покриеност што формира монтажен простор, секвенци на временска и просторна истодобност во која активно се вклопуваат милијарди гледачи.

Директните фудбалски преноси од англиското фудбалско првенство, шпанската Примера, италијанското Калчо, Бундес-лигата, американската НБА. Секое продолжение е посебна епизода, во која основниот динамичен дел е драматуршки конзистентен и непредвидлив, местото на случување – различно, севкупно – висок естетски чин во духот на новото време и сензибилитет. Фактот дека тоа технолошки е лесно достапно како еднаква информатичка и естетска наслада за милијарда консументи е силна потврда за демократскиот потенцијал на голем број медиумски жанрови.
Светот и реалноста се медијализирани до степен на усвитеност. Човечкиот од е длабоко навлезен во постинформатичкиот универзум. Силниот и сеприсутен технолошки подем преставува придобивка и значајна перцептивна рамка што го изострува нашето историско и цивилизациско чувство и ни овозможува да бидеме дел од играта во глобалното цивилизациско битие.