Можат да се избројат малкумина современи европски и светски политички лидери државници што успеале со своето дејствување, авторитет и професионално политичко влијание да остават подлабоки општествени историски траги и автентично да ги обележат и да им дадат печат на времето во кое живееле и дејствувале и на политиката, која им била животна преокупација и професионален предизвик. Еден од ретките, несомнено, беше деновиве починатиот некогашен советски лидер Михаил Горбачов, прв и последен „претседател на Советскиот Сојуз“, кој по многу нешта во својот долг животен век ја обележи епохата во која живееше и на која ѝ припаѓаше.
Ентузијазмот за промени; „перестројката“, „гласноста“, „новото мислење“, што по смртта на некогашниот советски лидер Леонид Брежнев внимателно и срамежливо ги навести неговиот наследник Јуриј Андропов, во своето кратко управување со советската држава и партија, со желба и како обид да направи одредено „проветрување“ во зачмаеното советско комунистичко општество и да внесе макар и некои основни форми на демократизација, човекови права и слободи во земјата, тоа на голема врата го направи неговиот наследник Михаил Горбачов, кога во 1986 година дојде на чело на КПСС и на советската држава. Тој за кратко време од „проветрувањето“ направи вистински „провев“ во општествено-политичките текови на земјата, најавувајќи коренити реформи во сите области на внатрешниот општествено-политички живот во државата и особено во нејзините тогашни надворешнополитичка улога и влијание.
Како знак на добра волја и основа за „нов почеток“ во односите Исток – Запад, кон крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години на минатиот век и уривањето на идеолошките бариери меѓу двата остро спротивставени светски воено-политички блока, Михаил Горбачов кратко по доаѓањето на власт презеде и спроведе низа радикални чекори, кои влијаеја набргу да се смени текот на историјата. Тие ја отворија ерата на детантот и ѝ ставија крај на Студената војна. Најпрво беа повлечени воените сили на Варшавскиот договор од Источен Берлин и ДР Германија. Тоа го предизвика паѓањето на Берлинскиот ѕид – главен синоним на идеолошко-политичката и воената поделеност на Европа и во светот по Втората светска војна. Набргу потоа следуваа распуштањето на Варшавскиот воен сојуз и соединувањето на Источна и Западна Германија, што го отвори патот и кон скорашниот распад на Советскиот Сојуз и создавањето на новиот државен субјект – Руската Федерација.
Нема сомневање дека Горбачов токму во партнерството со Запад и со САД и во нивната поддршка бараше потврда на исправноста на своите во тоа време неочекувани и радикални мерки и чекори, од кои советското општество во почетокот беше затекнато и изненадено, речиси збунето. Разбирливо, во преден план на надворешната политика на Горбачов и на советската дипломатија во тоа време повторно се најдоа односите и соработката со големиот историски ривал и главен идеолошки и воен опонент – САД. Тогашниот американски претседател, републиканецот Роналд Реган, во поглед на СССР заговараше отвореност и подготвеност за соработка и поддршка на промовираните реформи во советското општество, економија и внатрешната и надворешната политика. Тоа, само по себе, значеше и поддршка на новиот курс на политиката на новиот советски лидер Горбачов. Како резултат на покажаната добра волја од обете страни и вложениот труд и напори на советската и на американската дипломатија, во октомври 1986 година дојде до историската средба меѓу Горбачов и Реган во Рејкјавик, на Исланд. Со оваа средба беа поставени темелите на новата политичка клима во односите и соработката меѓу двете најголеми воени и политички сили во светот кон крајот на минатиот век. Со манифестирањето пред светската јавност на определбата за јакнење на меѓусебната доверба, САД и СССР всушност ја промовираа и потребата од преиспитување на целисходноста на Студената војна. Во натамошните односи на СССР со развиените капиталистички земји на Запад, во првата етапа на спроведувањето на „перестројката“, се внимаваше и истакнуваше нивото и степенот на реципроцитет и рамноправност во тие односи. Тоа главно се остваруваше со дипломатски средства, но и со зачестените интензивни контакти и средби на високо државно и дипломатско ниво. Лично Горбачов, што дотогаш не беше практика на советските лидери, многу често патуваше во странство и остваруваше средби и разговори со голем број европски и светски лидери и државници, што создаваше клима на доверба и правеше мостови на пријателство и меѓусебно разбирање.
Тоа придонесе во тој период да бидат решени некои мошне важни меѓународни прашања: запирање на трката во вооружување, ограничување на арсеналот на нуклеарното оружје, (ограничување на бројот на ракетите од краток и среден дострел на САД и СССР во Европа), повлекување на советските воени трупи од Авганистан и некои други прашања. Тоа придонесе за проширување на контактите меѓу земјите со различни политички и социјални системи од Исток и Запад. Светот едноставно со поголема надеж и доверба почна да гледа на својата иднина. Продолжија средбите лице в лице на Горбачов со американските претседатели Реган и Буш Постариот и со другите западни лидери, Маргарет Тачер, германските канцелари и други.
Но како резултат на сите тие промени што ги донесе и овозможи политиката на Михаил Горбачов кон крајот на 20 век, во СССР се појавија и низа субјективни политички противречности на субјекти и поединци, на кои новата политика на Горбачов не им одеше во прилог и ја сметаа за погрешна. Во тоа треба да се бара и причината што последниот генерален секретар на КП на СССР и прв и последен претседател на Советскиот Сојуз, Михаил Горбачов, во меѓувреме и добитник на Нобеловата награда за мир, во 1991 година, по присилен пат беше принуден да му ја предаде власта на својот наследник Борис Николаевич Елцин, кој набргу стана и сукцесорот на некогашната моќна комунистичка империја СССР. По што работите во „првата земја на комунизмот“ значајно се променија и тргнаа по други патишта, а Горбачов својот ангажман го најде и ѝ се посвети на својата фондација „Горбачов “, која и денес активно и успешно функционира во Руската Федерација и особено во странство.
И на крајот на овој краток ин меморијам животопис, една мала лична дигресија: На една од неколкуте ад хок средби, главно во фондацијата „Горбачов“, на „Ленинградското шосе“ во Москва, за миг вниманието ми го привлече белегот на високото чело на Михаил Сергеевич и во тој миг, не знам зошто, од потсвеста ми исплива премисата на големиот Максим Горки: „Во безумството на храбрите е скриена мудроста на животот“!
Почивај во мир, Михаил Сергеевич. Нека ти е вечна слава.
Автор: Драган Јањатов