Полумртвата ООН го означи својот дефинитивен крај токму преку механизмот „Обединети за мир“, односно со резолуцијата на Генералното собрание со која ја осуди агресијата врз Украина. Како и во сите претходни војни (кои останаа неосудени и покрај милионите цивилни жртви од Авганистан до Сомалија и Сирија), сѐ се сведе на вербална осуда. ОН, кои немаат механизам за спроведување ниту на сопствените судски одлуки (како онаа во наша полза во спорот со Грција), и сега си ја смирија совеста со една резолуција. Фактички, тие се посматрачи на почетокот на трета светска војна, онаа што требаше да ја спречат. Меѓу колегите од ОБСЕ земјите ја слушнав истата дилема: дали организацијата воопшто постои? Која е нејзината смисла, кога нема ни безбедност ни соработка во Европа? ЕУ нешто глуми (вклучувајќи и проширување), а НАТО сакајќи да избегне директен судир со Русија, сега се ужаснува од употребата на касетни бомби (истите што ги „промовираше“ во 1999). Дури и Кондолиза Рајс е вџашена од нападот на суверена држава, очекувајќи дека сме заборавиле како под нејзина палка беше столчен цел Ирак, почнувајќи од Багдад.
Трета светска војна е веќе започната, иако на неконвенционален начин. Сите индикации се тука без забуна. Ова е месечарење, со многу сличности утврдени во книгата „Месечарите: како Европа тргна во војна во 1914“ на историчарот од Кембриџ, Крис Кларк. Уште во 2014 година, тој за првпат направи паралела со започнувањето на Првата светска војна, токму на нејзината стогодишнина. Врвни професори по меѓународни односи со години предупредуваа на овој исход, почнувајќи од Мершајмер.
Нобеловецот Самараго вели дека ние сме слепи луѓе што имаат вид, ама не гледаат. Ниту една цензура на „непријателски медиуми“ и наметнување на „само една вистина, од нашите медиуми“ (ко друкчије каже, тај клевеќе и лаже), нема да ги скрие ефектите од војната во која не само што превенцијата изостана поради неспособни институции и алфа-мажјаци туку и заради постоење повеќе пиромани отколку мировници. Деструкцијата на Украина и страдањата на популацијата се само највидливите ефекти. Во нормален свет би се очекувало сите напори да се свртени кон итно запирање на насилството, но наместо тоа, сведоци сме на сѐ поголем број повици за долевање масло на оган (поединци, медиуми, држави). Додека цивилите бегаат (веќе преку 1,5 милион), овие навиваат – што полошо, тоа подобро (за нив, а против Путин). Се восхитуваат на необучени цивили со молотови коктели, сведени на обично топовско месо, кое нема шанси во борба со една од најмоќните армии на светот. Економските санкции имаат цел девастирање на руското општество, односно таква изолација и осиромашување што ќе доведе до соборување на Путин (во меѓувреме, Украинците ќе умираат и натаму). За возврат, Русија го запре дотекот на гас кон Европа (Германија) – „зимата“ за економиите и популациите допрва почнува. Американски сенатор повика на атентат, барајќи го Брут што ќе го елиминира Цезар. (Никој никогаш не го побара тоа за оние од Белата куќа, кои почнаа војни од кои секојдневно страдаат луѓе.) Бумеранг-ефектите ќе ги погодат силно граѓаните на ЕУ, па и на САД, навикнати на благосостојба (за нас и да не ви зборувам, хаосот веќе е незапирлив). Восхитот за храбрите Украинци без никакво војничко предзнаење за употреба на оружјето што се доставува го осудуваат како поттик за самоубиство само неколкумина храбри луѓе, воени известувачи што на терен виделе како изгледа тоа. (Внимавајте, денес е опасно и да си пацифист.) Крис Хеџис вели: „Не постои добра војна. Ниту една. Тука спаѓа и Втората светска војна, која беше санитаризирана и митологизирана за лажно да ги слави американскиот хероизам, чистота и добрина. Ако вистината е првата жртва на војната, амбивалентноста е втората. Воинствената реторика прифатена и зголемена од американскиот печат, демонизирањето на Путин и подигањето на Украинците на ниво на полубогови, барањето поробусна воена интервенција покрај санкциите наменети за уривање на власта на Путин, е инфантилно и опасно. А рускиот наратив е исто толку симплистички како и нашиот“.
Медиумската цензура (на која се придруживме, иако немаме медиумски слободи туку диригирана пропаганда дури и по однос на националните интереси) е првото средство на војување: креирање на имиџот на непријателот, кој никогаш и по никоја цена нема право на своја верзија. Цензурата е и чин на инфантилизација на јавноста, која се третира за неспособна да разликува Добро од Зло, на која треба некој да ѝ каже што е што во маглата на војната. Ефектите се создавање едноставен наратив што се проголтува лесно, не остава простор за дилеми и прашања, за контекст и заднина, но создава „висок морал“ и омраза кон „непријателот“. Одземањето на имотот на руските олигарси, се разбира, не се поврзува со западната олигархија и плутократија – бидејќи тие се либерални ангели. Исто како и во почетокот на југословенските војни, кога одмаздата за запалено хрватско село беше палење на соседното српско, без оглед што неговите жители немале никаква врска со палежот, така и сега – ако не можете да удрите по Хитлер – Путин, тогаш од вас се очекува да мразите сѐ руско, и живо и мртво. Зошто сме НАТО! Настрадаа Чајковски (симнат од репертоарот на Загрепската филхармонија), „Лебедовото езеро“ симнато како неподобно од балетот во Атина, театарот „Бољшој“ е забранет во Лондон, Достоевски е непријател на одделите за литература во Италија итн. Листата секојдневно расте, не може да се наброи сѐ – но пораката е јасна. Грижата за лицата со специјални потреби е универзална вредност, ама не важи за руските параолимпијци. Дури и мачките (за изложба) добија предзнак на непријателски. Руските студенти полека се пакуваат од странските универзитети како непожелни, а автомобилите, дуќаните, па и животите на луѓе со руско потекло (без оглед на државјанството) се цел на напади во Германија, Холандија, САД… Парламентарци повикуваат на прогон на сите со руско потекло. Каква е нивната вина за дејствата на Москва? Тоа е неважно. Мораат јавно да се колнат дека не се за Русија за да ги задржат работните места. Како таквиот однос кон луѓе што немаат никаква врска со војната, па дури се и антивоено настроени и прогонувани, ќе им помогне на Украинците, останува енигма. Битно е да се обележи, да се мрази оној од другата страна на ровот (кој сѐ уште е само симболички) – сцени што толку потсетуваат на оние на Ремарк. Сведочиме демонизација на цела нација заради потеклото. Тоа е веќе видено и за него има правна дефиниција. Сведоци сме на расистички третман и на мигрантите и бегалците со темна кожа и без сини очи на границите на тврдината Европа. Војната навистина го разголува најлошото во човечката природа, но и во општествата. И не се случува одеднаш. Семето на оваа омраза беше посеано одамна, уште од божемното завршување на Студената војна. Западот секогаш имаше потреба од архетипски непријател заради одржување на воената доминација и контролата со стравот: Срби, терористи, Арапи, Руси (погледнете ги само филмската индустрија и дискурсот). Анализите покажуваат дека руската инвазија доби многу поголема медиумска покриеност и осуда за само 24 часа отколку целата седумгодишна американско-саудиска војна на Јемен со над 377 илјади цивилни жртви.
Несфатливо е луѓе што го посветиле животот на мир со мирни средства, на антиимперијализам и антимилитаризам, да изразуваат солидарност со Украина по пат на џингоизам, барање повеќе оружје, странски платеници (вклучувајќи и приватни воени компании) – и жнеење повеќе смрт. Тука особено место зазема интелектуалната класа, па и европската (божем) левица. Малцинство се оние што истовремено бараат запирање на војната, но и на милитаризацијата (особено таа на Западот). Без оглед како (и кога) ќе заврши оваа војна, светот го живее својот нов „момент од 30-тите години на минатиот век“. Ова е ера на раст на тоталитаризмот и милитаризмот (во име на мир), прогон на оние што немаат ариевска крв, нивно гетоизирање, јакнење на лидерскиот принцип и медиумското конструирање на имиџот на непријателот. ЕУ одамна не е сила на мир, таа е за (праведна) војна. Целиот Рајхстаг на нога им аплаудираше на канцеларот и на лидерот на опозицијата, кои се договорија за потребата од дуплирање на воениот буџет и го посочија непријателот, кој им бил пред врата. Ни (повоена) Германија не е тоа што беше, како ни швајцарската неутралност. Да не се лажеме, и првата Студена војна беше само смоквин лист за затскривање на длабоките цивилизациски и империјални апетити и дискриминаторски политики на големите сили. И втората и третата „студена“ војна се империјални војни на големите сили. Војување со посредници (прокси). Ништо ново под сонцето, освен што темни облаци го сокриваат…
Не само Западот, ами светот влегува во ера на незапирлива инфлација, недостиг од енергенти, пад на производството (освен военото), осиромашување, тоталитарна логика – а знаеме што раѓаат таквите околности. Властите можат уште полесно да ги скријат неспособноста и корумпираноста, повикувајќи се на непосредната опасност и на злобниот непријател. Критичарите треба да молчат. Ова е западноцентрично гледање на нештата, бидејќи секој друг поглед на редефинирањето на светскиот економски, политички, воен и културен поредок е ставен под цензура.
Додека месечариме, одејќи по умот на военоиндустрискиот комплекс и неговите апологети, светот драматично се менува на полошо, со изгледи за тотална војна и нуклеарна зима. Додека овде владееше паника околу загрозувањето на нуклеарката во Запорожје, во непосредна опасност од шумски пожари беше нуклеарка во Јужна Кореја. Веќе никој не зборува за растечката сиромаштија и социјална нееднаквост, жртвите во Јемен ќе мораат да се нагрнуваат со украинско знаме за да привлечат трошка внимание и сожалување (ако не и хуманитарна помош), климатските промени и исцрпувањето на ресурсите, загадувањето на воздухот, водите и почвата – сето тоа е во втор план, бидејќи „Хитлер“ чука на портите. Колку згодно за производителите на оружје, за воинствените медиуми и аналитичари, за една цела каста, која не би имала од што да живее ако не се војните! Секоја војна завршува на преговарачка маса, прашањето е: по колкава цена во човечки животи и со какви изгледи за траен мир? Двата можни одговори засега се траурни…