Со секој изминат ден станува сè поочигледно дека Македонија не е само држава во криза, како што е перципирана дома и во светот, туку држава фатена во надолна спирала на хаосот. Хаосот произлегува од неспособноста на власта да ја реши политичката нестабилност и повторно да ја активира економијата. Легитимитетот на државата се поткопува со години со застојот на политичкиот процес, кој се чини неспособен да креира политики потребни за насочување на државата. Ова сценарио за возврат ги поларизира и фрагментира политичките актери и групи, правејќи ги неспособни да го запрат распаѓањето на државата. Со оглед на слабоста на демократските институции, долгата историја на стерилни и бескорисни политичари и неспособноста на сегашните политички институции да ги решат проблемите на земјата, очекувано е системот на крајот да колабира. Некогаш се зборуваше дека политичките кариери завршуваат со неуспех. Ова од наша перспектива изгледа премногу оптимистички: повеќето од нив кај нас едноставно продолжуваат. Македонската политика во моментов е преоптоварена со неспособност, глупост, заситена со неуспех. Таа е навреда на интелектот на обичниот граѓанин. Таа е нашата срамота со која треба да живееме. Не паметам дека неспособноста и глупостите на политичарите биле некогаш доволна причина да ги завршат своите кариери. Дури ни нивното коруптивно однесување не било доволна причина да си заминат од политиката. Срамот не е нешто што се поврзува со политиката. Кај нас политичарите заборавија на него. Тоа е чудна еволуција за политичарите, оваа нова способност да бидат изложени на јавен срам со недели и да не трпат никакви последици. Можеби тоа има некаква врска со несигурните главни партии, совршено избалансирани во нивната слабост и нивните колебливи лидери, кои чувствуваат потреба да ја наградат лојалноста наместо компетентноста. Или можеби тоа значи нешто повознемирувачки. Можеби причината поради која политиката е исполнета со неспособни е затоа што медиумите се слаби, а богами и политички контролирани. Тие викаат, но никој не слуша. А како да ги слуша некој кога имаат историја на „печурки растени во темни подруми“ и историја на „полициски бракови“. Затоа не изненадува зашто срамот си замина од политиката. Ако помисливте дека замина со Заев, сте се излажале. Тој, срамот, живее и по него.
Неспособните и бескорисните политичари може да нѐ нервираат и фрустрираат.
Но, според мене, тие ни се потребни – затоа што тие имаат апсолутно клучна улога во политиката. Замислете, што би правела демократијата без нив? Да, некои наши политичари се далеку од интелигентни и паметни. Но тоа значи дека и некои членови на јавноста се исти како нив. И тие имаат право на демократско претставување како и секој друг. Во нашиот модерен свет, сите ние ја препознаваме важноста на различноста и се согласуваме дека политиката и политичарите се сликата на земјата на која ѝ служат. И така, како што мора да имаме пратеници од сите вери, етникуми и општествени класи, разумно е дека мора да имаме пратеници од сите нивоа на способност и интелектуални преференции. Од блескаво остроумни до беспрекорно нискоинтелигентни. Да не кажам глупави. Овој пристап може да има повремени фатални недостатоци. Како фијаското со името, Договорот за добрососедство со Бугарија, економската криза, енергетската неподготвеност, здравствениот ковид „геноцид“, добивање датум за преговори уште пред четири години, а ЕУ сѐ уште да не знае за тоа, брусење на шахтите и што уште не. Неспособни политичари колосални промашувања. Но, како и да е, мора да истраеме. Замислете, само за момент, каков би бил животот кога сите наши политичари би биле интелигентни и способни. Во каква држава би живееле. Можеби на хартија изгледа убава идеја, но во реалноста тоа би било кошмар. Затоа што интелигентните би дејствувале исклучиво во интерес на интелигентните. Помислете на животинската фарма на Орвел. Најинтелигентните животни, свињите, имаат целосна моќ над помалку интелигентните. А резултатот е сурова и пеколна тиранија. Сосема јасно, свињите никогаш не би можеле да ги искористат овците, кравите и коњите на овој ужасен начин доколку овците, кравите и коњите биле соодветно претставени во политиката. Оваа лекција изгледа добро ја разбра поранешниот премиер. Можеби не премногу интелигентен, тој секогаш водеше голема грижа неговиот кабинет да содржи дарежлив контингент од нискоспособни и неинтелигентни политичари. Исто се погрижи и за новиот што го октроира по слика на својот. Ваквата стратегија нормално дека привлекува критики, но јас ја сметам за охрабрувачка. Тоа покажува дека тој е вистински демократ.
Наместо да се фиксираме на недоследности, промашувања и дебакли на неспособните и бескорисни политичари во Македонија да се фокусираме на позитивните страни, да ги фалиме кога, на пример, успешно ги врзуваат врвките од чевлите или држат говор додека се свртени во вистинската насока. И тоа е постигнување во нивниот свет на бескорисноста. На истиот начин треба да му честитаме и на некогашниот премиер за неговите приказни за историјата, животот и политиката – приказни што будат инспирација за нашите деца дека секој, ама баш секој може да дојде до врвот. Ако може тој, зошто не и вие. Само треба да посакате. Политиката на неспособните ќе го направи другото.
Велат дека политичарите се продолжение и мерило за квалитетот што го дефинира општеството од кое се извлечени. Затоа: дали е важно што нашиве политичари се бескорисни? Или што мислам дека политичарите во Македонија се срам за нацијата, штетни, суетни, аморални, неспособни, под секое интелектуално ниво и бескорисни шарлатани. Изгледа не. Да беше поинаку ќе живеевме во поинаква држава.
Автор: Проф. Звонимир Јанкулоски