„И излезе звезда со опашка зјело темна и не бје подобна звездам, токо таке саде опаш по вечера огреуеше откај Солун, заождаше куде Мореја“. Овој запис, врежан во камен во 1834 година, го испратил како сигнал до поколенијата отецот Кирил Пејчиновиќ, монах и просветител, писател од деветнаесеттиот век, кому перото и длетото му биле рамноправни писателски оружја во раката. Записот е сиот во духот на Кирила: човек опседнат со тоа да го запише и зачува знаењето од заборав – „Да се знае, да се знает“, како што упорно знаел и да запише во камен и да каже во своите проповеди, исправен пред постојаниот семиотички страв дека знаењето може да се изгуби и да не се пренесе понатаму. Затоа, врежувал записи за сѐ што мислел дека е важно: по камења, ѕидови и столбови на манастири каде што престојувал, во Карпино, Старо Нагоричане, Марков манастир, Теарце и секаде со истиот, знаковен порив: да се остави „нишан“ во каменот за себе и за својот народ: „да се знае, доидох аз недостоини игумен Марко манастирски, Кирил јеромонах…“ Страв ли е тоа дека некој ќе ги избрише него и неговиот род од меморијата на потомците?
Овој негов запис може да се смета за почеток на македонската астрономија, ако се изземат многу постарото Кокино и средновековните записи за помрачувањата на Сонцето и Месечината, на маргините од средновековните преписи на црковните книги. Пејчиновиќ, според тоа, не е само прв македонски просветител и прв писател (заедно со Јоаким Крчовски), кој стои на почетокот од векот, туку случајно и прв наш астроном, наш Едмунд Халеј без телескоп и кралска опсерваторија. Денес со сигурност знаеме дека записот се однесувал на Халеевата комета, која крај Земјата минала токму во 1834 година. И додека цела цивилизирана Европа го набљудувала настанот со телескопи, овој наш испосник го правел тоа со голо око, од тишината на самостанските ќелии, без да знае дека таа „звезда“ веќе има име според славен астроном, дека е научно регистрирана и дека веќе е пресметано: се јавува во просек на 76 години. Додека Европа пишувала на хартија, тој (иако имал хартија) се решил да ја вреже пораката во камен, зачувувајќи ја за вечни времиња, зашто знаел дека ниеден пожар не може да ја уништи меморијата на каменот, како што може да ја уништи меморијата на пергаментот или хартијата. Денес, пак, доволен е мал дисбаланс на магнетните полиња на земјата, па сѐ што е запишано на микрочиповите на Бил Гејтс да биде размагнетизирано и избришано, загубено во неврат. Ама она што стои на макрочипот на Пејчиновиќ е оставено за вечност.
Овој каприциозен, симпатичен, полемички настроен тетовец, просветител што во своите слова го кара својот народ затоа што не го познава Бога, затоа што „збесуе“ и се опива дури и на најголеми празници, овој полемик, колерик, нервик, инаетчија по природа (дошол во конфликт и со Белградската митрополија) е прв од сјајните ликови на просветата во македонскиот деветнаесетти век, но и прв дисидент од класичната црковна догма. Скепсата, впрочем, отсекогаш и била основно обележје на македонскиот дух: да се сетиме само на богомилското движење на овој терен. Во случајот на Кириловата „парафраза“ на црковната догма, духовната цензура на Белградската митропололија пишува негативна рецензија за неговата книга слова „Утешение грешним“, со забелешка дека во неа небесните работи биле насликани во „дрска споредба со земните“. Кај него ѓаволите се „Црни Арапи“, а Страшниот суд е „митница“ (царина), нешто како денешна патарина, на која се плаќа. Јасно е: таа дрска споредба на небесниот поредок со земниот само укажува на просветителскиот став на овој колеричен полемичар: тој сака религијата да му ја доближи на својот народ, макар и по цена да биде оквалификуван како „еретик“. Кај него, во неговите проповеди и слова, како и кај Цепенков и Папрадишки дури и ѓаволот е човеколик, па и нечестивиот и Бог зборуваат на истиот дијалект на кој зборува и Кириловиот народ – тетовскиот! Тоа сигурно ги нервирало канониците на духовната цензура: Бог да зборува на еден низок, народен јазик?!
Една година подоцна од овој запис за Халеевата комета, Пејчиновиќ, повторно во камен, го врежува епитафот, кој и денес стои на неговиот гроб, во Лешочкиот манастир. Тие камени стихови се и почеток на сета нова македонска литература и посебно, на македонската поезија, која во дваесеттиот век ќе даде и светски признаени имиња. Во ироничен, речиси шопенхауеровски песимистичко-циничен стил, Пејчиновиќ, целосно нетипично за некогашен хиландарски монах, како да е арапски газелист, разочарано ја констатира минливоста на материјата и животот, преку страшната метафора за тоа дека човековиот живот завршува со гозба на црвите во гробот:
Да речете: Бог да би го простил,
Зере у гроб црвите ги гостил
Кирил.
И тоа е „писано на камен“, за да не изгори, да не го голтне пламен, како што сомнителен оган и пламен ја проголтаа печатницата на уште една колосална, камена фигура на деветнаесеттиот век: Теодосија Синаитски. Овој чуден човек, дојранец, монах одаден Богу на Синај (каде што постоела голема македонска монашка колонија), ја отвора својата типографија во Солун во 1838 година. Што го збоднало Теодосиј, висок и ценет црковен великодостојник, хаџи папа Синаитски, да отвора типографија, која ќе му служи на неговиот народ, кога можел мирно да контемплира во Синајскиот манастир и да биде на „ти“ со Бога, молејќи се за спас само на својата душа? Дали мислел дека Македонија, која во Библијата се споменува вкупно 28 пати, мора и самата да се погрижи за својот опстанок, затоа што Бог има и поважни работи од спасот на Македонците? Печатницата е обновена, обновата ја помага Пејчиновиќ, а за возврат, во неа се печати цензурираната книга на Пејчиновиќ, за која самиот Синаитски пишува „предисловие“. Таму стои онаа реченица за која е срамота да има Македонец, а да не ја знае: за „народниот збор“ се вели дека е клуч, но не од злато или сребро, туку од челик, клуч што не се вие, а го отвора секое срце.
Печатницата на Синаитски ќе изгори уште еднаш, повторно во сомнителен пожар. Очигледно, некому му пречела печатница со речиси илјада претплатници за книги на македонски народен јазик, од Велес, Башино Село, Тетово, Ваташа, Кавадарци, Неготино, Уланци, Ресава, Берово, Крушево, Паланка, Сопот, Скопје, Штип, Кратово, Дебар, Галичник, Кочани, Ново Село – Штипско, Пијанец… Тие претплатници најдобро сведочеле за она што соседите го негирале: дека постои македонски јазик, а штом постои македонски јазик – постојат и Македонци што го говорат, настрана од Србите, Бугарите и Грците.
Денес пишуваме на хартија. На неа потпишуваме политички договори за пријателство со непријателски настроени соседи. За среќа, хартијата може и да изгори, а политичарите не сакаат длето. Мачна е таа работа – клесање, а тие се господа. Затоа и се минливи. И сите оние што решиле да ја уништат Македонија, треба да знаат дека за да ја уништат ќе треба да поведат војна против нејзините камени записи. Овде секој камен си има своја историја врежана во него. Војна против камен досега, никој ниту повел ниту добил. Ни нуклеарно оружје не помага тука. Затоа, не плашете се од никого, дури ни од Бугарите – македонофоби. Ќутук против камен нема шанси.