Тодор Петров
Македонците во соседните земји и во светот (нема дијаспора) се анкерите да не летне балонот Македонија, за да не нѐ сведат на едно од многуте малцинства во државата Македонија, до последниот Мохиканец… Пописниот инженеринг во Албанија е последица на договорот Заев – Борисов од 1 август 2017 година и на спогодбата Димитров – Коѕијас од 17 јуни 2018 година. И ако не им дојде умот на властодршците во Македонија, за итно и безрезервно еднострано раскинување на овие договори, нѐ очекуваат уште поголеми катаклизми до национална апокалипса. И наместо да го решаваат македонското прашање, „нашите“ бркаат руски вештерки и се радуваат, бидејќи биле најпослушни НАТО-измеќари помагајќи ја Украина во војната со Русија, наместо да предлагаат мировни иницијативи за историско украинско-руско помирување и договор за траен мир и добрососедство помеѓу Украина и Русија, бидејќи и двата се македонски братски народа и земји. Владата и Собранието знаеја сѐ што прави Софија за денационализација и асимилација на Македонците и во Албанија, и во Косово и во Македонија. Со прст не мрднаа! Ги изрезилија Македонците од Мала Преспа на локалните избори во Општина Центар во 2013 година и ги пуштија низ вода по судови. Само како илустрација, Светскиот македонски конгрес годинава, 2024, организира поставување биста на Гоце Делчев на истоимениот плоштад во Општина Пустец. Дојде министерката за култура на Македонија да положи цвеќе на една цивилна иницијатива… По една недела, бугарската фондација на Милен Врабески, другарот на шарлатанот Зоран Заев, ја опреми новата општинска зграда на Пустец. Бугарија асфалтира пат до егејското село Врбник. Бугарската потпретседателка Јотова отвора школи за дополнително образование на бугарски јазик кај Македонците во Голо Брдо, бугарски емисари наголемо делат бугарски пасоши, компјутери, отвораат канцеларии на бугарски друштва современо опремени низ цела Албанија… Што сторија владите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, наместо тие да го прават тоа што го прави Бугарија? Молат нашите Македонци од Албанија во Македонија како просјаци од еден до друг да добијат спонзор за да одржат конгрес на единствената македонска партија во Тирана. Бугарија секоја година, повеќепати во текот на годината, со автобуси без пари носи деца од Албанија „да ја запознаат татковината Бугарија“ на повеќедневни екскурзии, ги индоктринира. Македонската влада една кола деца не донесе на државна сметка да ги рашета по убавините на Македонија. Ама зошто не го правеше тоа македонската влада? Затоа што власта во Македонија СЕ ОТКАЖА од Македонците во соседните земји и во светот! Ги сатанизираа како зло на нацијата. Едно време, се сеќавам, претседателот на Друштвото на писателите на Македонија, по порачка на Киро Глигоров, за да се испоганат Светскиот македонски конгрес и Македонците во светот, фрлаше клетви: Еднаш заминале, третата генерација забораваат од каде дошле, да даде Господ повеќе никогаш да не се вратат во Македонија! Што одиме подалеку, Милен Врабески, сопственик на бугарската фондација „Бугарска памет“, ги дели бугарските пасоши, отвора и опремува канцеларии на бугарски друштва во регионот, ги отвори канцелариите на Ванчо Михајлов во Битола и на цар Борис во Охрид, ветува дека ќе отвори канцеларии во сите општини низ Македонија. Милен Врабески е другар на шарлатанот Зоран Заев, другар е и на дедото Наум, кој на сите неистомисленици им лепи етикета „социопати“. Владиката Наум го венча Милен Врабески во Струмица. Милен Врабески инвестира во проекти во регионите каде што живеат Македонци… Е сега лесно е да гледаме сеир во кого е вината за пописните резултати во Албанија, кај Васил Стерјовски или кај Едмонд Темелко, самите да си вадат очи меѓу себе. Ете тоа се лицето и опачината на вистината за Македонците во светот и во Албанија!
Но за потсетување на тие со плитко паметење: со македонско-грчката Привремена согласност склучена од министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Стево Црвенковски и Каролос Папуљас, на 13 септември 1995 година, Владата на СДСМ се откажа од Македонците во Грција. Членот 6 од оваа Привремена согласност гласи: „(1) Втората страна (се мисли на Македонија) со ова свечено изјавува дека ништо од нејзиниот Устав, посебно преамбулата (АСНОМ) и членот 3 (границите) од Уставот, не може и не треба да се толкува дека претставува, или дека некогаш ќе претставува основа за какво било барање од Втората страна кон која било територија што не е во состав на нејзините постојни граници. (2) Втората страна со ова свечено изјавува дека ништо од нејзиниот Устав и особено дополнителниот член 49 (за грижа за положбата и правата на Македонците во соседните земји) не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање на Втората страна во внатрешните работи на друга држава со цел да ги заштити статусот и правата на кои било лица во други држави кои не се државјани на Втората страна“.
Со заедничката декларација, пак, склучена од премиерите на Македонија и на Бугарија, Љупчо Георгиевски и Иван Костов, на 22 февруари 1999 година, Владата на ВМРО-ДПМНЕ се откажа од Македонците во Бугарија. Владата на ВМРО-ДПМНЕ го препиша тоа што со Грците претходно го договори СДСМ. Точката 11 став 4 гласи од оваа заедничка декларација гласи: „Република Македониjа изjавува дека ништо од неjзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање на Република Македониjа во внатрешните работи на Република Бугариjа со цел да го заштити статусот и правата на лица кои не се државjани на Република Македониjа“.
ВМРО-ДПМНЕ во 1995 година ги критикуваше од СДСМ дека се откажаа од Македонците во Грција, СДСМ во 1999 година ги критикуваше од ВМРО-ДПМНЕ дека се откажаа од Македонците во Бугарија, овие им одговорија, го препишавме тоа што вие претходно сте го договориле. Одговорноста остана мисловна именка. Сложни браќа и во петок мрсат.
И договорот Заев – Борисов од 1 август 2017 година и спогодбата Димитров – Коѕијас од 17 јуни 2018 година претставуваат продолжение на веќе претходно договорените односи по прашањето за Македонците во Бугарија и во Грција во 1995 и 1999 година.
Бугарската и грчката антимакедонска агресија се усогласени меѓусебно. Само слепи не можат да го видат тоа. Зошто? Затоа што и Софија и Атина, со сувереноста и самостојната на државата Македонија од 8 септември 1991 година, сакаа да се заборават бугарската и грчката окупација врз Македонија и бугарскиот и грчкиот геноцид врз македонскиот народ од Балканските војни 1912-1913 година. И договорот Заев – Борисов од 1 август 2017 година и спогодбата Димитров – Коѕијас од 17 јуни 2018 година го санкционираат Букурешкиот договор од 10 август 1913 година. И Софија и Атина и Белград и Тирана, културата и историјата од окупираните делови на Македонија ја инкорпорирале кај нив како државна култура и историја и затоа, единството помеѓу сите метрополи околу нас по реинкарнацијата на темата Македонија по дисолуцијата на поранешна Југославија, да нѐ снема! Негација по сите основи од сите страни: ни негираат име, народ, јазик, култура, историја, црква, држава, граници, територија, ни измислуваат приказни дека сме Словени дојдени од зад Карпатите по 6 век од нашата ера, за да ни кажат оваа територија не е ваша, таа е наша, ние имаме право на сопственост и наследство, вие вратете се повторно зад Карпатите. Па војната на ОНА и ОВК во 2001 година беше војна за „ослободување на албанските земји од славомакедонските окупатори“…
Трагедијата да биде уште поголема, со спогодбата Димитров – Коѕијас, шарлатанот Зоран Заев ѝ го пренесе на Грција ексклузивното право врз културата и историјата на Македонија од пред новата ера до денес! Остана уште само Софија, поради нејзината неизживеана романса за руската креација санстефанска голема Бугарија од 3 март 1878 година по Руско-турската војна во 1877-1878 година, да ја ревидира историјата на државата Македонија како бугарска, односно да „потврди“ дека „северномакедонците“ како нација од 1944 година се Бугари. Да биде појасно, според спогодбата Димитров – Коѕијас и меѓународното право само Грците во светот се Македонци, она нашето е за домашна употреба меѓу глуви, одек пред огледало!
Да не заборавиме, на 17 јули 2022 година министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, потпишаа протокол за спроведување на договорот Заев – Борисов од 1 август 2017 година. Во нестандардна процедура, Македонија и ЕУ на 19 јули 2022 година одржаа политички состанок на кој се донесоа заклучоци со кои се поздравува протоколот од 17 јули 2022 година и се препорачува впишување на Бугарите во Уставот на Македонија како услов за одржување на првата меѓувладина конференција на која ќе се утврди француската преговарачка рамка. Протоколот од 17 јули 2022 година е всушност анекс на договорот од 1 август 2017 година. Собранието посебно не го ратификува, ама го прифати со заклучоците за француската преговарачка рамка!
Сите бугарски барања, за Македонија од држава да стане територија без македонски народ и историја, веќе се инкорпорирани во француската преговарачка предлог-рамка, на Бугарите нови барања не им се потребни!
И затоа, демагогија е реториката, ајде Бугарија да вети дека „Бугарите во Уставот“ се нивното последно барање, нема да има други! Па, сите бугарски барања за да нѐ (с)нема, на рати, малку по малку, веќе се запишани во протоколот од 17 јули 2022 година! ВМРО-ДПМНЕ не смее да ја продолжи агонија на македонскиот народ од времето на СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ не смее да нуди свилен гајтан за „убиј ме нежно“, мислејќи дека ќе „ја убеди“ јавноста дека, Бугарите во Уставот се последното барање на Бугарија, со изјава на бугарскиот претседател, влада или премиер, за да прифатиме подметнување за продолжување на разговорите со ЕУ. Гувернантите Анџела Агелер и Дејвид Гир веќе јавно ги ишамараа Мицкоски и Владата дека нема менување на договорите со Бугарија и со Грција. Ќе ни подметнат „невеста што е малку, не е многу трудна“, но проблемите ќе се испорачаат кога таа ќе се породи, како крај од демонтажата на македонската држава…
Во протоколот Османи – Генчовска од 17 јули 2022 година се содржани сите идентитетски и историски прашања со кои Македонија од држава треба да стане територија без македонски народ и историја! Во протоколот се содржани сите бугарски барања од: „Рамковната позиција за почеток на преговорите на Македонија и Албанија со Европската Унија“ усвоена од бугарската влада на 9 октомври 2019 година, а потврдена со декларација на Народното собрание на Бугарија на 10 октомври 2019 година, таканаречениот „Објаснувачки меморандум“ на Софија до земјите членки на Европската Унија од 16 септември 2020 година и декларацијата на Народното собрание на Бугарија од 24 јуни 2022 година со дополнителните услови за одржување на првата меѓувладина конференција на Европската Унија со Македонија: да бидат впишани Бугарите во Уставот на државата Македонија.
И да нема нови, СИТЕ бугарски барања веќе се инкорпорирани во француската преговарачка предлог-рамка, која Собранието на Македонија ја прифати на 16 јули 2022 година.
А тие „СИТЕ“ бугарски барања значат денационализација на Македонија и македонскиот народ по сите основи, Скопје да прифати дека: До 1944 година Македонците се Бугари, македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, Македонија е втора бугарска држава, не постои бугарска нацистичка окупација во Македонија во Втората светска војна, да се ретушираат сите споменици и учебници…
Ирелевантни беа сите изјави на Бујар Османи, Бојан Маричиќ и на Димитар Ковачевски дека идентитетот е бетон! Особено што, поради конфликт на интереси, Бујар Османи не требаше да ги води преговорите со Софија за решение на македонското прашање! Македонското прашање во односите помеѓу Македонија и Бугарија не е малцинско прашање во Македонија и Албанците не треба да се мешаат!
Единствено решение од оваа агонија е: итно и безусловно еднострано раскинување на договорот Заев – Борисов, како и договорот димитров – Коѕијас и итно и безусловно еднострано распуштање на меѓувладината македонско-бугарска и македонско-грчка комисија за ревизија на македонската историја!
Македонија не е против договор за добрососедство со Бугарија и Грција, како и со сите соседи, меѓутоа врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост, што значи: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи!
Во Македонија, Албанија и во Косово етнички бугари НЕМА! Отфрламе впишување на софиски врховисти односно колаборационисти како „етнички Бугари“ во Уставот на државата Македонија!
А, Софија? Софија е должна да ги признае Македонците во Бугарија и да им ги даде сите права и слободи утврдени во меѓународното право: право на образование, информирање и вероисповед на мајчин македонски јазик и правото на протест, собир и регистрација на здруженија и политички партии. Впрочем, Софија е должна да спроведе 17 пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур по тужби од Македонците во Бугарија, во спротивност треба да биде исклучена од Советот на Европа!