Откако срамно потонаа на политичката сцена, по сите штети што ги направија, вазалите малку се созедоа и тргнаа веднаш да ги вперуваат прстите кон идната власт. Тие што ни ги сместија БЈРМ, територијалната поделба, лажниот попис, нелегитимниот Преспански договор, тие што прифатија бугарските уцени да бидат вгнездени во преговарачката рамка со ЕУ, ете токму тие тргнаа божем во одбрана на нашата замислена „иднина“, која без нив никако немало да стане стварност. И на рекламите ветуваа „иднина“, небаре со временска машина можеме да се вратиме назад. Иднина без Македонци.
Се поткрена бура во балканскава бара наречена „Северна“, откако претседателката Силјановска-Давкова даде заклетва во Собранието нарекувајќи ја земјава „Македонија“. Истото тоа се случи и по изјавите на следниот, веќе извесно, премиер Христијан Мицкоски, кој исто така вети дека државата ќе ја нарекува со нејзиното име, Македонија.
Тргнаа разни бивши функционери од пропаднатиот како „Титаник“ СДС, заедно со новинари од нивната провиниенција, „невладини“ аналитичари да се силат и закануваат со апокалипса. Кому? На Македонците? Не се свесни дека поради нивната дива и континуирана распродажба на државата и македонскиот народ, истиот тој народ ги испрати за долго во политичка пензија? Се прашувам за кого тие работеле и одработувале и се надевам дека набрзо ќе дознаеме. Не толку Грција, туку токму тие се најдоа повикани да им се закануваат на Македонците, дека со „непочитување“ на нивните абнормални егзибиции и нелегитимни договори, државата ќе потонела, ќе се вратела назад, Грција ќе ни ставала вета на нашиот, сосема извесно, неизвесен пат кон ЕУ.
Наместо да му се извинат на народот за капитулациите што ги потпишуваа со неподнослива леснотија, тие будно, како џандари, демнат кој ќе го изусти забранетиот збор „Македонија“.
Па така, една новинарка ќе ја спореди Македонија со мало посрамено дете, кое чекало возрасните да му простат. Не, станува збор за ќор-сокак, а не за ќоше, во кој тие нѐ доведоа со капитулантските договори. Настрана фактот што тие „возрасните“ си играат мајтап со нас во секоја можна пригода, она што особено ме изнервира е реченицата: „Ставањето на коцка на она што е постигнато со многу откажувања (патем, без согласност и против волјата на народот), нема да биде поен за партијата освен што краткорочно ќе ги задоволи емоциите на СИРОМАШНОТО население, кое чека европски животен стандард“. Од ова произлегува дека сиромашно население имаме многу, што се покажа на изборите. Друго, тоа „сиромашно“ население е со поголема љубов и свест за татковината. Трето, истото тоа не е сиромашно поради ветувањата (без реализација) за повисок стандард, туку поради дивото крадење на државата. Нека ги погледне ценетата новинарка сите можни извештаи за корупцијата кај нас.
Откако потонатата партија се истакна со прифаќање на референцата БЈРМ во 1993 година, за да нѐ примеле во ООН, сега пак се во напад. Кој нормален смееше да прифати такво срамно име за една држава, која сите со потсмев ја нарекуваа „бивша“? Прифатија дека нашата држава не постои во сегашноста, ниту во иднината, нарекувајќи ја „бивша“. Дух од држава, која уште долго се надевам ќе ги прогонува во соништата. Наместо да ги бараат истите услови како за сите републики во Југославија, па и да почекаат, па и да спроведат дипломатска офанзива во наша полза, тие брзо паднаа под уцените од Грција. Дури, оној што беше директно виновен за тој срам без преседан во светот, а тоа беше министерот за надворешни работи, својот комплетен неуспех во дипломатијата го фрли врз божемните македонски „националисти“. Пееле, замислете, песна: „Едно име имаме… не го даваме“ и ја оплескале работата. Многу ги налутиле Грците. Дали талентов знае дека и партизаните пееја песна: „Македонско име нема да загине“? Среќа што повеќето не се живи да го видат овој срам.
Уште пак нивни платеници пишуваат текстови со божем шеговит наслов: „Ако не, БЈРМ да ја вратиме“. Кому треба да му ги посветат таквите текстови?
Бившиот, но и денес гласен тогашен министер, поетски ни го воспева Преспанскиот договор, кој бил како еден висок мост, надвор дофатот на, замислете, народот. Бидејќи за нив народот е недоветен и, во крајна линија, неважен. Како да е државата негова, а не на тој народ што во огромен број (околу 63 отсто) не го прифати животното дело на муртинецот, кому му подметнаа готов текст за потпис. Поезијата му е во крвта, се гледа. Ова со мостов навистина визуелно ми ги долови нивната големина и нашата губитничка, непоправлива неукост. Тие градат мостови, а ние сакаме да ги рушиме. Можеби е навистина така, бидејќи преку нивните мостови некои од нив си изградија цели населби на Халкидики и ни се смеат нам, кои останавме под мостовите.
И откако тие завршија „огромна работа“ за државата, само со промена на името, сега, поради новата власт, замислете Грција ќе ги отворела прашањата за идентитетот и јазикот. Ако не знаат дека битката на Грците отсекогаш била само за нашиот идентитет, да не бидеме Македонци, тогаш како смееле да се занимаваат со такви крупни прашања. И кој идентитет го спасија? Јас веќе не знам што сме ние, запишани како „граѓани на Република Северна Македонија“, повеќето земји нѐ нарекуваат северномакедонци (ама за тоа вазаливе не смеат уста да отворат), зборуваме на јазик со фуснота, не смееме да ја употребуваме придавката „македонски“. Тоа е идентитетот за кој се избориле? Меѓу нив има и правници. Не чуле за врвното колективно право на секој народ на самоопределување?
Не ги чув овие наши разбеснети бивши, кои едвај дочекаа повод да го вперат прстот кон новата власт и кон Македонецот, да упатат некој збор со критика кон соседна Грција за непочитување на минималниот сет на нејзините обврски од договорот. Мицотакис ниту имаше ниту има намера да го почитува договорот, за што пишува и самиот Коѕијас, тогашен министер за надворешни работи. Мицотакис бара алиби за трите протоколи што никогаш не ги стави во нивниот парламент, ниту ќе преземе ризик да ги стави бидејќи владата веднаш ќе му падне, а табли низ нивната земја, макар и со „Северна Македонија“, нема. Не смеат да го употребат името „Македонија“ ниту под смртна закана. Им пречело и тоа што некои таму, во Европа, нашите вина ги нарекувале „македонски“. Веројатно нашиве вазали и за тоа ќе интервенираат. Да останеа на власт уште некој ден, сега ќе пиевме само северни вина и никако македонски.
Последниве години не се живееше од нивниот притисок за уставни измени. И повторно со лаги од типот дека ги заштитиле идентитетот и јазикот. Не гледаат дека со тоа се отвора преговарачката рамка, каде што Бугарија ја ограничува нашата временска вертикала на постоење, откако Грција нѐ ограничи на Вардарска Бановина? Ама тоа на вазалите ништо не им значи. Сега ми е јасна старата поговорка дека „наведната глава, брич не ја сече“. Така се води надворешна политика, со проголтување на сѐ што ќе ви се побара? Еве до каде стигнавме со нивните „напредни“ идеи. Да, влеговме во НАТО, кое и да не сакавме, насила ќе нѐ внесеше заради своите геостратегиски интереси, а за ЕУ ќе сонуваме додека истата таа не реши да нѐ прими. Исто така поради свои интереси.
Им порачувам да не се грижат. Побрзо ќе стигнеме до секоја цел ако не веднеме глава. Инаку ризикуваме истата таа да ни биде отсечена.
Проф. д-р Солза Грчева