Кој ги помеша европските брзини – ЕУ, Франција, Македонија или некој трет? Се чини дека деновиве буквално секој во Европа има да каже нешто за проширувањето. Сезоната ја отвори Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет, кој во својот историски (или „историски“) говор на бледскиот стратегиски форум порача дека „до 2030 година Европската Унија мора да биде подготвена за ново проширување“. Имајќи предвид дека неговите ставови се (или треба да бидат) производ на консензусот на шефовите на државите и владите на земјите–членки на ЕУ, оваа заложба уште утрината пред неговиот говор започна да бранува низ европската јавност. Меѓутоа, на Западен Балкан, регионот најжешко заинтересиран за проширувањето, безмалку никој особено не се потресе околу неговата заложба. Исклучок е само македонската влада, која никако да излезе од грчот дека моментот е „сега или никогаш“ за македонската европска интеграција. Остатокот од регионот, пак, само ги преврте очите и воздивна „ајде, повторно ќе рецитираме стихотворби“. Уште истиот ден, францускиот претседател Емануел Макрон, најмоќниот лик во политичкиот систем на Европската Унија, ја поништи изјавата на претседателот на Европскиот совет при своето традиционално обраќање на годишниот собир на шефовите на француските дипломатски мисии. Тој јасно кажа дека нема натамошно проширување на Европската Унија без нејзината внатрешна реформа, а потоа потсети на концептот на „повеќебрзинска Европа“. Потоа следевме вистинска какофонија на изјави, деманти, дообјаснувања и други вербални еквилибристики. Најпрво, Урсула фон дер Лејен го прекори Мишел дека не се консултирал со Европската комисија пред да ја даде изјавата (и тоа преку заменик-гласноговорничката на ЕК), па австриската министерка за Европа, Каролине Едштадлер, зборуваше дека Австрија се залага за фазно интегрирање на земјите-кандидати, потоа француската министерка за Европа, Лоренс Бун, да каже дека проширувањето можело да се случи и пред 2030 година, за на крајот унгарскиот шеф на дипломатијата Петер Сијарто иронично да забележи „а, зошто не ги примиме уште утре“.
Веројатно оваа сезона на сапунската опера „европска интеграција на Западен Балкан“ ќе заврши кон крајот на септември во Толедо, кога во рамките на шпанското претседателство ќе се одржи средба на министрите за надворешни работи на земји-членки на ЕУ со земјите-кандидати, а под претседателство на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел. Потоа ќе следуваат некои меѓусезони, а за новото големо продолжение на сапуницата ќе почекаме до завршувањето на европските избори и изборот на нови европски органи.
Во меѓувреме, кај нас во Македонија се случува срамна кампања на владата, составена од лажно претставување (#НиеСмеЕвропа), оцрнување, бележење и клеветење на сите што размислуваат поинаку (странски платеници, руски ботови, изгубени очајници и така натаму), но и бесрамно лажење (извитоперено толкување на „повеќебрзинска Европа“). Немам намера да се расправам со првите две тврдења, но ајде малку да се дообјасниме што значи „повеќебрзинска Европа“.
Македонија е веќе дел од „повеќебрзинската Европа“. Актуелниот политички систем на Европската Унија подразбира фазен влез на земјите во сите институции на ЕУ, но и во други европски, атлантски и плурилатерални организации што се дел од новиот „европски концерт“ ако веќе може така да го наречам. Па, така, една држава што се наоѓа во географска Европа прво влегува во Советот на Европа и склучува партнерство за мир со НАТО. Потоа следува договор за регулирање на односите со Европската Унија, па барање за членство во ЕУ, стекнување статус кандидат, влез во НАТО (очигледно задолжителен за сите посткомунистички земји), почеток на преговори, полноправно членство, интеграција во шенгенскиот простор, воведување на еврото и на крајот и зачленување во Организацијата за економска соработка и развој (оваа организација веќе има јасна ролја во некои од најпроблематичните области на нашата европска интеграција, а со неа и ќе се преговараат некои поглавја). Ете, најгрубо тоа е „повеќебрзинска Европа“, иако и тука има исклучоци, во форма на царинската унија (турскиот случај), целосна интеграција во единствениот европски пазар, кој останува јадрото и срцевината на ЕУ (било преку Европскиот економски простор или со серија билатерални договори, како Швајцарија).
Од постјугословенските држави, единствено Словенија го изоде целиот овој пат, а на Хрватска ѝ останува само уште членството во ОЕЦД. Македонија има одминато долг пат и веќе смени неколку брзини. Договорот за стабилизација и асоцијација ги регулира односите помеѓу Македонија и ЕУ, како и степенот на интеграција на Македонија во единствениот економски пазар. Наедно, овој договор специфицира и обврски за Македонија целосно да го усогласи своето законодавство со збирката на правни прописи на ЕУ („EU aquis“), но и обврска за Унијата целосно да нè интегрира како полноправна членка. Значи, ние веќе сме Европа и сме на некој запченик од менувачот на брзини на Европската Унија.
Емануел Макрон не вели дека Франција се откажува од обврските Македонија (и другите земјите-кандидати) еден ден да влезе во Европската Унија како полноправна членка. Тој едноставно порачува дека тоа нема да се случи за време на неговото претседателствување со Франција (ова е мое слободно толкување на неговите позиции). Дебатата за внатрешната реформа на Европската Унија, пак, е посебна тема и оттаму произлезе целата приказна за „повеќебрзинска Европа“. Претходно, пред излезот на Обединетото Кралство од ЕУ, дебатата беше и што всушност претставува унија. За Британците тоа беше само некој малку поцврст трговски сојуз, па тие немаа проблем не само со балканските земји туку и со евентуалниот влез на Турција, кавкаските држави и така натаму. Меѓутоа, „француско-германското јадро“ на ЕУ, како што популарно се нарекува, има други цели, вклучувајќи и создавање федерална Европа. Веројатно тоа се целите и на „оригиналните шест земји-основачи“, како што би се нарекол „вториот концентричен круг“. Проблемот со внатрешната реформа на ЕУ е проблемот со политичката моќ. Федерална Европа ќе значи дека Брисел е центарот на политичката моќ во Унијата и дека претседателот на Европската комисија е најмоќен политичар во ЕУ, дека европските институции дејствуваат на целата територија на ЕУ, дека директно собираат даноци, дека директно спроведуваат одлуки и дека буџетот на ЕУ е потежок од буџетите на која било земја-членка. Во моментов најмоќни политичари во ЕУ се францускиот претседател и германскиот канцелар, а најдлабок буџет е германскиот федерален буџет. Секоја промена на политичкиот систем на ЕУ ќе значи и промена на равенката на политичка моќ внатре во Унијата, па затоа вечно се зборува за реформи, а никако да се случат. Претпоставувам дека и Емануел Макрон нема проблем еден ден претседателот на Европската комисија да биде најмоќниот човек во ЕУ, побитен и од францускиот претседател. Тој единствено не сака да биде шеф на француската држава во моментот кога ќе се случи промената.
Така ќе размислува и неговиот наследник на функцијата, па и тој потоа. Тоа е суштината на проблемот зошто не се случува внатрешната реформа на ЕУ. Истото тоа важи и за консензусот во одлучувањето. Во моментов е полн европскиот печат со колумни што бараат суспензија на Унгарија или одлучување без унгарскиот глас, но што би било ако утре-задутре Шпанија биде надгласана или, не дај боже, Германија или Франција. Покрај тоа, треба да се постигне консензус и за поништување на принципот на консензус. Сето ова е тема на расправите во групите за реформа на Европската Унија, а за нас во Македонија тие немаат никакво значење во моментов.
Така што, за Владата ќе биде најупатно да излезе од грчот и да престане да ја малтретира целата јавност. Тие направија огромна грешка со влезот во авантурата наречена „преговарачка рамка“ и уставни измени. Нема потреба од никакво брзање затоа што полноправното членство не е на дофат, а ни зад аголот. Очигледно е дека војната во Украина создава потреба во Европа „нешто да се стори“, па ајде ние во Македонија да дефинираме предлог, да го издискутираме со преостанатите земји од Западен Балкан и заеднички потоа да го претставиме пред европските институции и пред земјите-членки. Итен влез во единствениот европски пазар и можност за користење на структурните и кохезивните фондови на ЕУ, со барање јасни одредници за почнување на интеграцијата во шенгенскиот простор и за воведување на еврото веќе се наметнуваат како консензус во критичката јавност во Македонија. Ајде да го помрднеме македонскиот менувач на брзини во ЕУ и да стигнеме до потребното и до можното. Во спротивно лесно можеме да ги помешаме брзините и да завршиме во лер!