Треба да сфатиме дека љубовта кон своето не значи дека сме помалку космополити или помалку Европејци: колку повеќе го сакаме своето толку повеќе ќе имаме да му дадеме на светот наш сопствен влог во космополитизмот. Треба да сфатиме дека да ја сакаш својата татковина, да бидеш патриот, не е „простачки“, како што нѐ убедуваат и наведуваат одредени глобалистички дискурси на моќта
Д-р Славица Гаџова Свидерска, поетеса, книжевна теоретичарка, лекторка по македонистика на Факултетот за странски јазици во Тирана
Како да се популаризира и актуализира македонскиот стандарден јазик? Како да навлезе во секоја пора од општеството? „Нова Македонија“ со повеќе написи ќе ги објавува одговорите, идеите на нашите интелектуалци – докажани и истакнати македонисти, професори, уметници, писатели…
Личниот и колективниот идентитет, пред сè, се текстуални, дискурзивни ентитети. Ние сме создадени од мноштво текстови, дискурси, писанија, преданија зачувани писмено или усно. Низ нас минуваат и во нас се создаваат мноштво светови создадени од јазик и во јазик: човековото постоење во историјата е збор, текст, логос. Личната и колективната меморија исто така се исткаени од текст, во текст, со јазик и низ јазик.
Современата наука прави поделба на мали и на големи јазици, во согласност со бројот на говорители и влијанието што го има јазикот на геополитичката сцена. Во согласност со оваа поделба, која со глобализацијата се наметнува сѐ посурово, македонскиот јазик спаѓа во групата на мали јазици. Процесите на интензивно иселување на многубројно население од државата, а со тоа и намалувањето на бројот на говорители, ја подвлекуваат оваа припадност на малите, кои сè повеќе се смалуваат. Намалувањето на бројот на говорители преку миграциите, заедно со фактот дека поколенијата на оние што одат во доброволен егзил сè помалку ќе го користат и ќе го познаваат мајчиниот јазик, го засилува трагизмот на малите јазици, каков што е и македонскиот јазик.
Но секој трагизам има свое исцеление и своја катарза. Колку што е мал според бројот на говорители и според поделбите и класификациите на современата наука, нашиот македонски јазик е голем во својата катарза во книжевноста. На „малиот“ македонски јазик се создава голема книжевност: голема по естетска вредност, голема по емотивна вредност, голема по својот катарзичен дострел. Македонската книжевност допрва ќе го освојува светот и допрва ќе дава свој придонес во Големиот архив на историјата.
Се поставува прашањето зошто да се чувствуваме мали, кога сме големи. Кој ни го наметна тоа чувство на маленкост и како да го вратиме чувството на величие, кое ни припаѓа по сите мерила на човековото достоинство?
Најпрво, треба да сфатиме дека љубовта кон своето не значи дека сме помалку космополити или помалку Европејци: колку повеќе го сакаме своето толку повеќе ќе имаме да му дадеме на светот наш сопствен влог во космополитизмот. Треба да сфатиме дека да ја сакаш својата татковина, да бидеш патриот, не е „простачки“, како што нѐ убедуваат и наведуваат одредени глобалистички дискурси на моќта. Тоа е наш долг кон татковината и кон јазикот.
Што треба да се направи? Македонскиот јазик треба да се заштити на сите нивоа и во сите сфери на општественото живеење. Македонскиот јазик треба да биде основа на образованието и терен на кој не смееме да доживееме ниту еден пораз.
Треба да се поддржат македонските автори, затоа што тие се оние што на јазикот му обезбедуваат траење по нас; тие се оние што ја шират македонската реч и во светот и низ времето. Треба да се поддржат лекторатите по македонски јазик во светот, затоа што тие овозможуваат една културна и благородна експанзија на речта: создаваат нови говорители, нови обожаватели и нови читатели на македонскиот јазик. И за сето ова треба една темелна стратегија и вклучување соодветни луѓе на соодветните места. Треба да се направи добра стратегија од темелот, па до покривот, затоа што македонскиот јазик е жив мит, жива легенда, а пред сè тоа е материјалот од кој се изградени нашите души.
Д-р Славица Гаџова Свидерска