Порано Словените немаа книги, туку се служеа со рески и цртички, читаа и гатаа, исто како и многубошците. А кога се покрстија, беа принудени словенските зборови да ги пишуваат со римски и грчки букви, без некое посебно правило. Но како може добро да се пишува со грчки букви: бог, или живот, или ѕелов, или црков, или человек, или широта, или штедроти, или јуност, или јаду, или јазил, или јад и слични на овие? Вака напишал умниот, аналитичен Црноризец Храбар пред десетина века.
И така се продолжуваше многу години. Солунските браќа светите Кирил и Методиј, за нас Македонците се важни како основачи на првата словенска азбука – глаголицата, како учители и просветители што во основата на глаголицата ги поставиле јужномакедонските говори од околината на градот Солун, од селата Сухо, Велика и Зарово. Во неа било вградено и стекнатото искуство на Методиј, а потоа и на Константин (Кирил), при управувањето на Стримонската склавинија – „словенско кнежевство“.
Севкупната мисионерска и културна работа на браќата Кирил и Методиј им ги донела именувањата и епитетите еднакви на апостолите, апостоли на Словените и заштитници на Европа. Почетокот на Моравската мисија – 24 мај (11 мај по стар ст.) 863 г., Црквата во XI век го прогласила за ден на светите просветители Кирил и Методиј. Чествувајќи го 24 Мај оддаваме почит кон нивната севкупна мисионерска и културна работа…
Јазикот, писменоста и верата нѐ одржале како народ и тогаш кога не сме имале наша сопствена држава и тогаш кога сме биле поделени, покорени и прогонувани. Во такви тешки услови, македонскиот јазик бил нашата единствена комплетна татковина. А, меѓите на таа татковина што отпрво ги втемелија светите Кирил и Методиј, ги зацврстија нивните ученици светите Климент и Наум, а го продолжија и раширија на македонски јазик светиот тајнопис, но и голем број духовни и световни дејци, поети, писатели, уметници, како што се Крчовски, Пејчиновиќ, Џинот, Синаитски, Жинзифов, Миладинови, Прличев и др., кои во своите книжевни дела по свое видување си прават сопствени јазично-изразни идиоми што ги претставуваат низ своите сопствени своевидни правописи.
Во едно писмо од 1902 година Гоце Делчев со мала доза на резигнација ќе напише: „Толку ли нема кој да напише барем една книга на македонски?“ Тоа, заедно со легендарната мисла за „светот како поле за културен натпревар меѓу народите“, преставува сведоштво за духовните хоризонти и ставови за апостолот на македонската борба и за прашања надвор од чисто организациски, револуционерни и војнички карактер. Во 1903 година Мисирков ќе ја исполни желбата на Делчев. Напиша не обична книга, туку таква каква што замислувал Делчев: програма на македонското обособување – епохалното дело, знаменитата книга „За македонцките работи“, објавена во Софија во 1903 година како резултат и сублимат на долготрајната борба на македонските творечки сили, дело што ги затегна лабавите струни на македонскиот роб, писание – патоказ за понатамошна акција, показ на светот да чуе и да разбере дека во Македонија има сили што имаат јасно изградени ставови за самостојниот македонски национален и државен развиток. Делчев не ја дочека книгата, но Мисирков го дочека нејзиното запленување.
Дваесеттиот век е оној најзначајниот за македонскиот јазик и за неговото кирилско писмо, кога се појавува Мисирков, кој, со својот кристално чист став за изгледот на современиот македонски јазик, ги потврдува ставовите на Пулевски од 80-тите години на 19 век за посебноста на македонскиот јазик, кој не е ниту српски ниту бугарски – ами свој, МАКЕДОНСКИ! Четири децении подоцна визиите на Мисирков ќе се материјализираат во решенијата од Првото заседание на АСНОМ (2.8.1944 г.) за тоа дека во основата на македонскиот литературен јазик треба да се најдат говорите од Централна Македонија, а писмената реализација да се одвива со македонска кирилица ослободена од црковнословенски анахрони графемски решенија, туку врз современ фонетски принцип, што значи: секој глас да си има своја буква.
Денес во светот се зборуваат над 6.500 јазици, а само неколку стотини од нив се во официјална, службена употреба. Македонскиот јазик со донесувањето на македонската азбука на 5 мај и на македонскиот правопис на 7 јуни 1945 година, се вброи во јазиците што имаат свој правопис, своја официјална, службена употреба во една држава и кај една нација. Македонскиот јазик изоде голем пат, помина низ историски сцили и харибди, премрежиња и преобразби и денес се наоѓа високо на листата на современи светски јазици. Создавањето литературен јазик е духовна потреба. Многу од народите без писменост неповратно исчезнале во историјата, а македонскиот народ е еден од народите што опстанале и опстојуваат. Македонскиот јазик е еден од избраните јазици во светот што имал своја кодификација. Денес – како одговор на заветот Делчев – имаме илјадници книги напишани со оваа азбука и овој правопис. Преведени се и помакедончени значајни многубројни светски класици, вредни публикации и книги од областа на науката. Благодарност од македонски народ кон сесловенските светители и просветители Кирил и Методиј, со кирилско писмо е впишано на плочата во чест на Св. Кирил и Методиј што е поставена во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим.
Нивното дело е вградено во секоја буква што ќе ја напишеме и во секој македонски збор што ќе го изговориме, во секој стих, песна, поема, расказ, роман, драма… Кирилицата и македонскиот јазик се најголемиот жив споменик, кој ние сме должни да го штитиме, да го чуваме, негуваме, унапредуваме за овие и за идните поколенија. Македонците се народ што имал и има и свој оригинален етнички карактер, свои традиции, свои стремежи, специфики и неоспорна етничка оригиналност, со свој посебен јазик и сили што имаат јасно изградени ставови за самостојниот македонски национален идентитет и државен развиток. И имаат право да се нарекуваат Македонци.
Аљоша Симјановски