Проф. Звонимир Јанкулоски
Цинизмот е нужен зашто сервилноста веќе не се трпи, зашто ајвар-политичарите речиси никогаш не се сметаат за лично одговорни за своите лаги, глупости и фијаско. Цинизмот е начинот на кој ја контролирате политичката штета што ја предизвикуваат. Без цинизмот, граѓаните интелектуално се разоружуваат пред политичките агресори какви што имаме денес во власта. Зошто да ја прифатиме пасивната послушност?
Дали граѓаните се должни постојано да ги потиснуваат својот здрав разум и сеќавања за да ја смират разулавената неодговорна власт? Ако граѓаните се обврзани да веруваат и се потчинуваат, тие стануваат жртвени понуди за следната политичка измама
Велат дека скептикот се сомнева и прашува во обид да ја спознае вистината, додека циникот се сомнева зашто верува (по дефиниција) дека секој играч на политичката сцена е мотивиран од лични лукративни цели. Онаму каде што преиспитувањето на политиката претходно се сметаше за смело и храбро, политичкиот цинизам стана новото „секси“. Што се случува кога колумнистот станува циник наместо скептик? Еден од можните одговори е дека циникот е разочаран идеалист, кој безнадежно верувал дека секој настан, секоја акција што ја презема власта е во функција на благосостојбата на граѓаните и државата. А наместо тоа, се соочува со бесрамно лажење и личен интерес на политичарите, заборавајќи на некои веќе „застарени“ вредности во политиката, како што се принципиелноста, чесноста, транспарентноста и отчетноста. Затоа цинизмот ви помага да ја поставите и одржите дистанцата од тековната политика. Цинизмот го храните од недовербата во власта да одговори на обврските што си ги задала како изборно ветување. Цинични сте зашто не можете да ги видите бенефициите од владеењето на оваа политичка гарнитура, но можете да се фокусирате на нашите разочарувања од продажбата на државните интереси и обезличувањето на нацијата. За жал, македонската држава со оваа власт стана ендемско подрачје на цинизмот.
Изгледа дека сега е вистинско време на цинизмот да му се даде вниманието што го заслужува. Во ера на „безумни“ гласачи, апатичен и дезориентиран народ, политички циркусанти и медиумска пристрасност, цинизмот може да биде еден од најефективните начини на контрола и рамнотежа на забеганата политичка моќ. Цинизмот во моментов е вистинскиот одговор на измамите и глупостите на оваа власт во последните пет години. Одговор на најголемиот грабеж на политичката моќ во поновата македонска историја. Цинизмот е нужен зашто сервилноста веќе не се трпи, зашто ајвар-политичарите речиси никогаш не се сметаат за лично одговорни за своите лаги, глупости и фијаско. Цинизмот е начинот на кој ја контролирате политичката штета што ја предизвикуваат. Без цинизмот, граѓаните интелектуално се разоружуваат пред политичките агресори какви што имаме денес во власта. Зошто да ја прифатиме пасивната послушност? Дали граѓаните се должни постојано да ги потиснуваат својот здрав разум и сеќавања за да ја смират разулавената неодговорна власт? Ако граѓаните се обврзани да веруваат и се потчинуваат, тие стануваат жртвени понуди за следната политичка измама.
Цинизмот во вакви услови поттикнува отпор наместо повлекување кога политичарите измислуваат нови изговори за да ја нарушат слободата на говорот и печатот, кога заговараат да го прекршат Уставот; кога се обидуваат да ја вовлечат државата во нови концесии кој своите соседи; кога предлагаат опсежни виртуелни нови програми за справување со енергетската криза. Што е најважно, не може да не бидете цинични кога оваа генерација политичари се аболираат за целата штета што им ја нанесоа на овој народ и држава. Како да не бидете цинични за изјавите за македонската жица, за македонскиот воздух што го дишете, за македонските корени на вашите предци, истовремено продавајќи им го националното достоинство на вашите соседи. Оди на биди циничен на изјавите за чесност и транспарентност кога државата ви е главен инвеститор на бизнисите што ги водите како политичар, или дека искуството за раководење со државата сте го граделе на „Калиниќ пијаца“. Политичкиот цинизам е она фрустрирачко чувство дека политичкиот систем е корумпиран и безнадежно неспособен.
Ќе се согласам дека цинизмот не е ништо друго освен целосно негативен политички став и не изгледа убаво. Но цинизмот никогаш не е навистина изолиран од политичкиот амбиент. Зарем можете да имате поинаков однос кон политиката денес? Ако се обидете да ја одбраните власта како сила на доброто во македонското општество, можете да се изложите на потсмев. Ако не сте целосно цинични за она што го прави власта и говорат политичарите, веројатно некои луѓе ќе ве сметаат за наивни. Вашите читатели ќе ве доживеат како лековерен или униформиран – или и двете. Да зборуваш добро за власта во моментов значи дека треба да го ризикуваш својот интелектуален дигнитет. Да, цинизмот не изгледа убаво, но е опасен за власта, затоа што има моќ да ја шири заразата на недоверба во нејзината способност да ги менува работите на подобро. Само политичкиот цинизам ја има моќта да го исмева нашето верување во способноста на политичарите рационално да ги проценат последиците од своите акции. Кога не успевате да бидете медијатор помеѓу светот на идеи и појавната реалност во Македонија, ви останува само цинизмот како единствен одговор на корупцијата на власта, нејзините лажни ветувања, извештаченоста, медиокритетството, лицемерството, сервилноста и организираниот грабеж. Како израз на длабока разочараност зашто сте верувале дека може поинаку.