Шегата настрана, оваа пиеса, и покрај нејзината „конзервативност“ по однос на европските „аисториски“ и „ненационални“ гледања, и денес е една од нашите најиграни театарски претстави, а секоја нејзина нова постановка во нашиот театар е настан број еден, со многу публика и најчесто со грст стручни награди. Како да се објасни тоа, освен како – копнеж не само по естетика туку и по она што одамна го немаме – национално достоинство?
Минатиот пат пишував за раната лингвистичка свест кај Крсте Петков Мисирков за политичката моќ на јазикот (неговата апелативна функција), со која можеме да поттикнеме и практични реакции кај собеседникот, да управуваме со неговото поведение и така да остваруваме прагматски цели. И токму пријателот на македонскиот Сосир, дебарчанецот Војдан Поп Георгиев Чернодрински е човекот што со својата легендарна трагедија „Македонска крвава свадба“ на практичен начин ја покажа токму таа функција на влијание врз театарската публика: тоа е првата претстава наменета за МАКЕДОНСКА ПУБЛИКА и проследена со ОДУШЕВЕНИ РЕАКЦИИ на таа публика. Затоа, Чернодрински е основоположник на македонскиот современ театар: тој прв ѝ се обраќа на МАКЕДОНСКАТА публика. Овој наш Македонец од Дебар, ќе тргне во прекрасната и културно сјајна Софија по леб, но таму неговиот љубопитен дух ќе дојде во контакт со „Младата македонска книжевна дружина“, со „Лозарите“ и ВМРО, но и со социјалистичките идеи на Васил Главинов. Од сето тоа ќе се роди неговиот завет кон театарот, преку кружокот „Македонски зговор“. Во Спомените, Чернодрински пишува: „Театарската болест не ги заобиколи и членовите на кружокот ‘Македонски зговор’“.
„Македонска крвава свадба“ е првата вистинска македонска театарска претстава, изведена на 7, односно 20 ноември (нов стил) 1900 година, во салонот „Славјанска беседа“ во Софија. Кого поттикна и на какви реакции Чернодрински со таа драма? Чернодрински се сеќава: „Претставата беше големо изненадување за присутните. Тоа се гледаше од нивните лица што сјаеја од радост и од нивните тажни просолзени очи.“ Тоа биле Македонци во Софија, кај кои се јавила реакција – солзи радосници. Исполнето е она Мисирково „шчо сакат нашијот собеседник“. Собеседникот Чернодрински сакал тогашните Македонци да ги расплаче од тага (поради тажната приказна за крвавата македонска свадба) ама и од радост – поради македонскиот јазик на кој е напишана пиесата. Велам „јазик“, иако на плакатата на пиесата Чернодрински напишал „трагедија во 5 дејствија на македонски ГОВОР“. Притоа имам предвид дека македонскиот „говор“ на кој е напишана пиесата му припаѓа на оној „најчист“ дијалектен дел, кој Мисирков три години подоцна ќе го предложи за идна основа на македонскиот литературен јазик: Велес-Прилеп-Битола-Охрид-Струга (а кај е Струга, тука е и Дебар). Значи, три години пред Мисирков да ги постави теориските основи на македонскиот нормиран литературен јазик, неговиот пријател Чернодрински веќе има целосна свест за посебноста на македонскиот јазик и за „најчистите“ македонски говори, па на сцена го остварува она што лингвистот Мисирков теориски го обмислува: „Најмалку требаше да имаме една пиеса на македонски говор од македонскиот живот (не вели од бугарскиот – заб. В.А), макар во две дејствија. Но кој да ја напише? Никој не се нафаќаше… И јас се помачив да мислам. Замислив да скицирам свршувачка на двајца заљубени без благословот на агата-полјак во селото и напишав свадба, крвава свадба“.
Веќе следната, 1901 година, Чернодрински ја оформува легендарната патувачка македонска драмска група „Скрб и утеха“, која го надоместува отсуството на институцијата „македонски театар со постојана адреса“. Тоа е номадска театарска група: со неа Чернодрински ќе ги обиколи повеќепати Бугарија и Србија, а ќе се играат, покрај „Македонска крвава свадба“, и неговите пиеси „Од глаата си патиме“ и „Зло за зло“. По гостувањето во Белград, во декември 1903 година, на кое присуствувал и воодушевениот Мисирков, Чернодрински ја преименува трупата во „Македонски драмски театар“.
Оваа колосална фигура на доцната македонска преродба е и поет, раскажувач, театролог, мемоарист и артист. Неговата „Македонска крвава свадба“ е школски пример за класична „драмска геометрија“, со класична шема на дејството: експозиција, заплет со конфликт, кулминација, перипетија и разврска. Приказната за херојскиот лик на Македонката Цвета, грабната од Осман-бег, која го презира богатството што ѝ следува, затоа што не сака да се потурчи, и затоа што има свој саканик Македонец, влегува во самиот архетип на македонската драматургија: тоа е лекција по национално достоинство и непокор. Нешто што денес би паднало во вода, зашто жолтиците на Осман-бег се заменети со евра, а Цвета денес, особено ако е политичарка или членка на некоја НВО, на душата има истетовирано „ЕУ или смрт“! Така што, денес тешко дека Цвета би се изложила на лична трагедија за да ја зачува народната чест; попрво би ја изложила народната чест на трагедија, за да се зачува себеси. Затоа понекогаш имам впечаток дека оваа драма денес се игра во живо како ЦИНИЧНА ПОЛИТИЧКА ИНВЕРЗИЈА, за која се планира да заврши со „шесто дејствие“ (чин): македонски меден месец со ЕУ и Бугарија, по секоја цена. Шегата настрана, оваа пиеса, и покрај нејзината „конзервативност“ по однос на европските „аисториски“ и „ненационални“ гледања, и денес е една од нашите најиграни театарски претстави, а секоја нејзина нова постановка во нашиот театар е настан број еден, со многу публика и најчесто со грст стручни награди. Како да се објасни тоа, освен како – копнеж не само по естетика, туку и по она што одамна го немаме – национално достоинство?
Што значела „Македонска крвава свадба“ како апелативна функција за тогашниот балкански театар, како и дека уште тогаш се насетувало дека македонскиот театар ќе остане еден од најдобрите на Балканот, говори и рецензијата во угледниот белградски весник „Штампа“: „Цвета ја играше г-ѓа Црнодринска со голем успех.
Цел еден чин таа исполнуваше со својот плач, кој и нам, на гледачите, ни извлекуваше солзи… Драмата е одиграна со толку топлина, со толку преданост на животот што се слика, така што секое благодарам упатено на адреса на оваа одлична млада трупа на Македонскиот театар е мало. Тие толку се соживеаја со драмата што потполно се прелеаја во самите личности што ги претставуваа. Бев заборавил дека сум в театар, ми се чинеше дека не гледам артисти, туку дека ги гледам маките на македонското население и дека им го слушам лелекањето“, вели анонимниот рецензент, претставник на тогаш агресивно и пропагандно настроена култура (српската) кон она за што критичарот пишува во суперлативи – Македонецот и македонскиот театар на македонски јазик!
И, за крај: Бугарите имаа апетити и Војдан да го прогласат за Бугарин, толкувајќи го она „пиеса на македонски говор“ во свој прилог – тој македонски говор за нив беше само дијалект на бугарскиот јазик. Но по книгата на Мисирков, во која токму тој говор (во смисла на Сосировото parole) стана литературна основа за јазик (во смисла на Сосировото langue), тие апетити спласнаа. Подоцна (во 1924 година), бугарскиот музички гениј, маестро Георги Атанасов, по либрето на Чернодрински ќе испее и опера со наслов „Цвета“, ама коректно ќе назначи дека користел „македонски“ и „турски“ народни песни. Така што, бугарската тактика на историски фалсификации и кражби е постојано иста: ако печурката е живописна, бугарска е. Ако се покаже отровна (како што Чернодрински стана „отровен“ дури откако излезе книгата на Мисирков), дај им ја на Македонците. Имаат Македонците и други слатки печурки за кражба.