Сигнали до потомството (2)
Европските теоретичари на поезијата тврдат дека визуелната поезија (позната уште и како „сигнализам“ и „конкретизам“), како важно авангардно движење на дваесеттиот век, започнува во Франција, во 1918 година, со „Калиграмите“ на Гијом Аполинер. За обичните луѓе – калиграми се песни во кои со стихови се црта слика, која е и тема на песната. Прочуен е Аполинеровиот калиграм за коњот, во кој со стихови фасцинантно е нацртан коњ. Како подоцнежни патријарси на визуелниот поетски знак се споменуваат уште Октавио Паз, Еуген Гомрингер, Рајнхард Дол, Ален Ридл…
Но не е така, се разбира. И во книгата што го роди овој серијал колумни, „Зеницата на Македонија“ (поднаслов: „Биографија на македонската светлина“), запишав дека ништо не започнува СЕГА. Сѐ е веќе одамна започнато, дури и кај мали народи, кои никако да дојдат од грабливите народи на ред, па да соопштат дека веќе го имале тоа за што големите вадат имотен лист, и тоа далеку пред нив. Таков е и случајот со македонскиот сигнализам: роден е во средниот век, пред францускиот, но тоа ништо не значи за големиот нарцистички свет, предводен од Европа и САД.
Средновековието и времето до македонската преродба, просвета и романтизмот (деветнаесетти век) се време на интензивна препишувачка дејност по манастирите. Тоа е период во кој се чини дека со препишувачката дејност се исклучува секаков индивидуален и оттука – креативен пристап кон зборот, затоа што тие наши анонимни предци-препишувачи морале верно да се држат до оригиналот, а не да соопштуваат свои мисли. Дури, ако налетале на некоја очигледна грешка во светиот текст што го препишувале – не смееле да ја поправат, туку морале да ја повторат! Така, со ноќи, под светлината на кандилото, морале слепо да ги следат изворниците. Од денешна гледна точка тие личат на она што во 1445 година го измисли Гутенберг: типографската машина, или на денешните фотокопир и скенер-машини.
Но и тоа не е така, се разбира. Кај што има човек, има и личен белег, стил. И кај што има забрана за личност, има кршење на забраната. Паралелно со преведувањето и препишувањето книги со црковна содржина од грчки на старословенски, што како процес започнува со дејноста на Кирил и Методиј, а потоа и на Охридската книжевна школа (и уште потаму), во Македонија се одвивал и процес на создавање оригинална литература од специфичен вид, вели големиот македонски поет Анте Поповски во својата книга „Записи од дамнина“. Тоа се средновековните записи и белешки што останале како спореден детаљ врз маргините или кориците на препишуваните црковни книги, во „нецензуриран“ простор, врз ѕидовите или столбовите на црквите, врежани на камбаните, манастирските порти, врз или под фреските и иконите.
На тие маргини, крај извезените букви на евангелското краснописание, во тој тогаш единствен азил за човековата креативност и личниот белег, тие луѓе од кои се барало да бидат типографии, ја запишувале својата посебност, своите лични падови и подеми, падовите и подемите на заедницата. На тие маргини имало записи што сведочеле за крупни космички настани, како овој:
В лето 6941 помрче слнце
и бист т’ма
и ѕвезди видеше
јако в ношти
Од човек до човек, истиот настан можел да биде запишан и со повеќе уметничка дарба, како во записот, каде што ја бележиме првата метафора во македонската поезија, затоа што овде не се вели „помрче слнце“, туку „слнце загина“:
То лето слнце загина
и по Македоние
голема панукла, големи морови
нигде град здрав не остана ни село.
Еден таков „грешен поп Петар“ ќе ни ја остави, без да биде свесен, и првата алитерација во македонската поезија, поради правилното, ѕвонливо повторување на исти гласови во стихот:
Плови пловче
пиши грешни Попе Петре.
Знае тој наш анонимен предок да се пожали и на ѓаволот, кој будно чита сѐ што тој анонимен препишувач запишува, па бесен, прави ситни пакости:
Анатема дијавола
који ми обали свешту
и прожеже ми
ногавица.
Во тие откршоци на човековиот дух на маргините се гледа животот, наспроти строгиот скаменет свет на небесните работи, опишан во препишуваните евангелија. Се гледа понекогаш и вистински поет, со вистински уметнички напев и тоналитет, претходник на Константин Миладинов или Рацин, предок што, за жал, потонал во мракот на анонимноста на тоа илјадалетие:
Покусих перце и мастило,
долете мушица
та ми замрачи словце.
Јазе ја ударих по крилце
и она фати да плаче.
Поиде д иде на цара,
а сестра ѝ ја тешеше:
Млчи, млчи мушице,
утре е света недела
отискеме на пазар та кем пита.
Сведочат тие записи и за најголемото богатство на тоа илјадалетие: книгата што е препишана, оти во неа е вложен натчовечки труд. Затоа и најголем грев било – крадење книга, зашто тогаш еден примерок бил за сите:
Кој мисли да краде книгата
да биде клет и проклет
и по смерт нерасипан,
камен и телес да се стопи
а тој – никакожде.
И конечно, она со што и почнав. Проучувачите на интермедијалноста во поезијата денес сигурно ќе се шокираат кога во еден запис ќе забележат дека поезијата сака да стане слика, во стилот на калиграмите на Аполинер. Анонимен препишувач на маргините запишал како по една чаша вино добиено од некоја калуѓерка, очите му се отвориле; но почувствувал дека буквите можат да станат и слика („О“ личи на око), па запишал, односно насликал со букви:
Бог да прости и помилует
калугерицу Теодосију
пишуки она же ме напои вина:
чи ми се исправише
а руце – укреписта.
Сето ова е доволно за да се каже: Македонци, не виткајте грб пред сите, сметајќи се за непросветено племе. Пред самите да знаете кои сте и пред самите да се цените, не очекувајте никој друг да ве знае и да ве цени. Учете кои сте.
Очи ми се исправише а руце – укреписта.