Политичарите што се обидуваат да наликуваат на сериозни државници треба да имаат сопствен став за нештата, дури и кога тие се наметнуваат однадвор. Државникот никогаш не потклекнува на уцените и се води од интересите на нацијата. Токму сега е крајниот момент за да се покаже ова, бидејќи потоа нема назад. Државничко однесување во согласност со волјата на народот! Недостигот од државничко однесување ќе нѐ однесе во неизвесност и политички амбис
Во секоја сериозна држава, крупните национални и политички прашањa се решаваат со консензус на сите општествени чинители – влада, собрание, политички партии, научна јавност, па дури и религиски институции. Ова особено се однесува за оние прашања што се од суштинско значање за нацијата и државата, како што се стратегиските одлуки за зачленување во некоја меѓународна организација или промената на Уставот. Државниците, во вистинска смисла на зборот, кога одлучуваат да донесат историска и судбоносна одлука за општеството, ако не се во можност да го исперципираат на најширока основа мислењето на граѓаните преку инструментот на плебисцитарно изјаснување, тогаш се советуваат со сите релевантни фактори и ги земаат предвид нивните мислења. Доколку за суштествените нешта не се одлучува врз принципот на општа согласност, тогаш општеството секогаш се соочува со длабока национална и политичка криза, која може да доведе до разнебитување на нацијата и државата.
Каде е Македонија во оваа приказна? Очигледно е дека оние што го прифатија францускиот модифициран предлог имаат свој длабоко лукративен пристап кон апсурдностите на Брисел и на Софија. Овие личности размислуваат идентично како и македонскиот контроверзен деец Анастас Лозанчев, кој во своите спомени вели: „Кога некој ми должи 100 гроша и ми дава 10, јас ги прифаќам тие 10 гроша и останувам негов кредитор со 90 гроша“. Лозанчев е запаметен и со следнава мисла: „Језуитската формула – целта ги оправдува, е наполно прифатлива од мене“. Но нештата не се толку едноставни. Во екот на бугарската фашистичката окупацијата на Македонија, Лозанчев во замена за бугарска државна пензија во Битола ги убедуваше Македонците дека се Бугари. Тесна е границата помеѓу „прагматизмот“ и предавството на националните интереси, како што покажува примерот со Анастас Лозанчев.
Но да се насочиме кон актуелноста! Денес ни проповедаат дека треба да го прифатиме францускиот предлог, бидејќи е подобро нешто отколку ништо. Меѓутоа, ние како општество нема да ги добиеме ниту 10-те гроша за кои говори Лозанчев, затоа што не постои консензус за вметнувањето на Бугарите во преамбулата, ниту согласност за фамозниот протокол што никој не го видел. Францускиот предлог ќе биде прифатен од страна на македонското собрание, но тоа не само што нема да нѐ доближи до Европската Унија туку, напротив, ќе нѐ оддалечи.
Зошто? На идните парламентарни избори, без разлика кога ќе се случат, мнозинството од Македонците ќе гласаат за оние партии што биле против францускиот предлог, а причината за тоа е едноставна. Најголемиот дел од македонскиот народ ги одбива бугарските уцени и не случајно на социјалните мрежи постојано можевме да слушнеме или да прочитаме: „Не може да ме попиташ, може да те пошљакам!“
Оваа поставеност ќе доведе до шизофреност во општеството бидејќи во „бугарската равенка“ веќе влегуваат и Албанците и нивните партии. Следниот мандатар за формирање на македонската влада ќе се соочи со уште потешки уцени од страна на албанскиот политички фактор. Во тој момент, Македонија ќе зацапа во нова длабока национална и политичка криза, а сите ние како општество ќе се соочиме со неизвесност, затоа што никој нема да сака да формира влада.
Нештата ќе имаа поинаков тек, доколку некој се потрудеше да размислува државнички и барем малку да се обидеше да го слушне гласот на оние што не ги прифаќаат бугарските уцени преточени во францускиот модификуван предлог. Недозволиво е вакво однесување, особено за држава што се стреми да стане членка на Европската Унија.
Каде е решението? Секој политичар одвреме-навреме мора да биде прагматичен, но тоа не значи дека треба да оди спротивно од волјата на народот, а македонскиот народот вели: „Не, за бугарските уцени и францускиот предлог“. Политичарите што се обидуваат да наликуваат на сериозни државници треба да имаат сопствен став за нештата, дури и кога тие се наметнуваат однадвор. Државникот никогаш не потклекнува на уцените и се води од интересите на нацијата. Токму сега е крајниот момент за да се покаже ова, бидејќи потоа нема назад. Државничко однесување во согласност со волјата на народот! Недостигот од државничко однесување ќе нѐ однесе во неизвесност и политички амбис.
Во овој момент, македонското општество има насушна потреба од заеднички став на сите општествени и политички чинители, а не во тврдоглаво настојување да помине предлог што не е прифатлив за најголемиот дел од македонскиот народ.