Идејата за вклучување на Македонија во втора Европа не е за отфрлање. Таа може да донесе повеќе корист одошто штета, особено ако до 1 јули државата не добие датум. Секое ново ветување ќе биде знак дека на Македонија ѝ се става на знаење дека долго и залудно ќе чека на прием
Некои аспекти за идеите и најавите на Емануел Макрон за создавање нова политичка заедница во Европа
Во наредните дваесетина дена, до 1 јули, ќе се знае поблиската европска судбина на Република Северна Македонија. Како што е познато, тогаш истекува француското претседателство со Европската Унија и тоа е последниот датум што со некаква надеж го очекуваат Македонија и Албанија за да им биде отворена вратата за влез во Унијата. Ќе скокне ли Македонија во тој воз, сега е политичко прашање број еден? Македонски интерес е да се случи тоа, што, секако, би било не само одлична вест туку и дефинитивно отворање нови државни перспективи.
Но што ако не се случи, ако датумот повторно биде одложен за некој нареден самит, ако повторно се даде само ветување за продолжување на процесот за евроинтеграции без никаков практичен ефект? И што ако бугарското вето трае во недоглед?
Европска втора лига
Иако засега францускиот претседател Емануел Макрон само магливо ја понуди можната алтернатива. Точно пред еден месец ја соопшти својата недоосмислена идеја за формирање таканаречена европска политичка заедница, форма или организација што би ја сочинувале оние држави што го имаат почнато процесот на интеграции и оние што се заинтересирани да станат членки на Унијата во скоро време. Во првата група се спомнуваат Србија, Црна Гора и Македонија, кои чекаат пред вратата, а во втората Украина, Грузија, Молдавија и уште некоја друга од поранешниот Источен блок што покажуваат интерес. Таа можна идна заедница многумина ја именуваа со спортскиот термин – европска втора лига.
Не е првпат Макрон да вади од ракав чудни идеи. Негов е концептот за развој на Унијата со повеќе брзини, за германско-француската и северноевропската локомотива што ќе ги влече другите. Богатите понапред, сиромашните на почек. Сѐ уште ја пропагира идејата за „етапно соединување“, како и цврстиот став дека натамошниот прием на нови членки ќе биде запрен додека Европејците не го решат прашањето за внатрешното функционирање на Унијата. Пократко – нема влез во Унијата пред остварување на реформите. На таа основа францускиот претседател, пред очите на сите, пред две години го блокираше објавувањето на датумот за почеток на преговори со Македонија и со Албанија.
Врапче во рака или гулаб на гранка
Поаѓајќи од овие факти, некои од аналитичарите ја објаснуваат најавената европска политичка заедница како обид тој период да се премости на начин што ЕУ јасно ќе го обележи своето геополитичко двориште, опкружено со пријателски земји-кандидати за интегрирање зависно од динамиката и степенот на подготвеност за секоја земја посебно. Тоа значи дека се гаснат надежите за брз прием на кандидатите, уште помалку за прием прекуноќ како што сега бара Украина. Предвидените реформи го отвораат и прашањето околу начинот на гласање и правото на вето, лошо искуство што Унијата го трпи со односот на Унгарија пред сѐ. Но кога станува збор за консензусот, не треба да се заборави и ветото на Бугарија кон Македонија, кое исто така создава принципиелни евроглавоболки.
Замаглената идеја на Макрон наиде на различен прием, како меѓу членките на Унијата така и кај аспирантите. Од некои држави и личности идејата доби поддршка, од некои е отфрлена, од трети е примена со молчење, без значајна реакција. Најважна поткрепа доби од Шарл Мишел, претседателот на влијателниот Европски совет. Колку тој ја сфатил сериозно намерата на Макрон говори податокот што најави предлог за одржување конференција, во текот на летото или по него, на која би се состанале лидерите на ЕУ-членките и партнерските земји за да дискутираат конкретни опции за зближување и продлабочување на оперативната соработка и справување со заедничките предизвици на европскиот континент. Од друга страна, германскиот канцелар Олаф Шолц, не отфрлајќи ја идејата на францускиот претседател, ја потенцира важноста на земјите од Западен Балкан, инсистирајќи тие да не бидат заборавени и заробени во неизвесна иднина.
Македонија – да или не?
Макроновата иницијатива во македонскиот политички лидерски блок е примена со скепса, во поголем процент е одбиена одошто прифатена. Таквото изјаснување не чуди, ако се има предвид дека македонските политичари во играта со ЕУ играат на сѐ или ништо. Или ЕУ или ништо, со поголеми шанси да биде ништо. Во тој прилог сведочат многуте изјави дека ЕУ е единствениот пат и дека на тој пат нема ниту Б, ниту Ц-планови или варијанти.
Доколку, евентуално, за брзо време идејата за европска политичка заедница се најде на маса и доколку, притоа, ѝ биде понудено на Македонија сигурно место во новиот европски состав, таа ќе се најде во позиција да избира меѓу врапче во рака или гулаб на гранка. Во грозна ситуација кога почетокот на преговорите е неизвесен, кога Бугарија цврсто држи вето, а амбициите за влез се „сѐ што имаме како оружје“, тешко е да се одлучи на која страна да се сврти образот.
Бугарија исфрлена од игра
Што би било корисно за Македонија како држава и за Македонците како доминантен народ во неа, ако се прифати новата понудена рака?
Сигурно на прво место би дошле бенефициите во односите со Бугарија. Ако Македонија прифати одреден период да игра во „втората европска лига“, проблемите со Бугарија се решаваат автоматски. Не само што се решаваат туку ќе истечат како што истекува речна матна вода. Македонија ќе се ослободи од националистичката одмаздничка хистерија што владее кај нашиот источен сосед. Ќе бидат елиминирани сите бугарски барања поврзани со историјата, јазикот, писмото, со националниот идентитет на Македонците. Ќе исчезнат од дневен ред како прашина одвеана од ветер, ќе окопнеат како снеговите на Пирин барањата за ставање на Бугарите во Уставот. Бугарија ќе биде автоматски исфрлена од игра. Македонија (Северна) ќе го симне наметнатиот товар и конечно ќе биде слободна држава што сама ќе решава за сопствените проблеми, се разбира, толку колку што ќе ѝ овозможат западните сојузници.
Ако Македонија прифати одреден период да игра во „втората европска лига“, проблемите со Бугарија се решаваат автоматски. Не само што се решаваат туку ќе истечат како што истекува речна матна вода. Македонија ќе се ослободи од националистичката одмаздничка хистерија што владее кај нашиот источен сосед. Ќе бидат елиминирани сите бугарски барања поврзани со историјата, јазикот, писмото, со националниот идентитет на Македонците
Тоа ќе подразбира смирување на напрегнатите односи, намалување на обостраните фрустрации, пореално и поразумно разгледување на отворените прашања. Еден мораториум на разговорите меѓу Македонија и Бугарија, што би траел две-три години, може да внесе нова реалност меѓу двете земји и двата народа и да не се бара од Македонија да потпишува договори што, историски гледано, ги потпишува земја кога е тешко поразена во војна. Во тие две-три мирновременски години ќе може да се остварат плановите во сите други дејности и области што не допираат во темите за самобитноста на македонскиот народ, за неговата историја, јазик и писмо.
Второ, приклучувањето на новата заедница не значи нарушување на односите со постојните членки на Унијата. Еднакво ќе функционираат политичките, економските, безбедносните и другите врски. Имајќи ја предвид најавената идеја дека државите од Западен Балкан, кои се имаат вклучено во тековите на евроинтеграции, ќе ги продолжат започнатите разговори за прием во ЕУ, идејата за вклучување на Македонија во втора Европа не е за отфрлање. Таа може да донесе повеќе корист одошто штета, особено ако до 1 јули државата не добие датум. Секое ново ветување ќе биде знак дека на Македонија ѝ се става на знаење дека долго и залудно ќе чека на прием.
Не е замена, но е поволна алтернатива
Република Македонија не е без искуство во однесување по разно-разни понуди што ги добивала од соседите, од западноевропски држави, од Америка и од Русија и од други земји, од меѓународни институции и слично. Дел прифаќала, кои се реализирани, а дел одбивала, предлози што сѐ уште се под превезот на државни тајни. Еден од јавните предлози беше и поканата за пристап во Европската економска зона. Како што е познато, поканата беше одбиена со образложение дека е прифатлива само доколку биде дополнение и меѓузона кон полноправното членство на Северна Македонија во Европската Унија. Тој услов никој од европските земји не можеше да го вети, но во тој контекст јасно беше кажано дека реалните шанси земјите од Западен Балкан да добијат полноправно членство во ЕУ се сведени на минимум,
Колку за потсетување: Европската економска зона е формирана во 1994 година. Во неа членуваат сите држави од ЕУ, трите членки на ЕФТА, Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, како и Велика Британија. Зоната овозможува слободен европски пазар, размена на работна сила, слободен транспорт на стоки, услуги и капитал – водејќи се од европската легислатива, која важи еднакво за сите земји.
На сите им е јасно дека најавената европската политичка заедница и членувањето во Европската економска зона не се замена за ЕУ, но се алтернативи што македонското политичко раководство не би требало да ги отфрла со леснина, без посериозни анализи. Дотолку повеќе што патот до полноправно членство во ЕУ е премногу долг, исполнет со стотици пречки, а стигнувањето до целта крајно неизвесно.