Не сум бил во Исланд, ниту пак знам многу нешта за оваа земја на вулкани и гејзери. Мала земја, чуден остров, на кој може да се стигне само од воздух и по вода. Сиромашен по природни богатства, но на врвот на светската листа на земји по висок стандард, дури и над Швајцарија и Норвешка. Дел од тајната на успехот имам
дознаено читајќи го романот „Хамам Балканија“
Македонија е полна со политичари, недостигаат мајстори, занаетчии. За да си политичар не ти треба некое знаење, а да си занаетчија треба да се знаат конкретни работни вештини. Политичари и експерти да ги ринеш со лопата. Недостигаат молери, бравари, ѕидари, столари. И тие што ги има не сакаат да работат ситни работи, ситни поправки, за мали пари. Како што исчезнуваат занаетите така исчезнуваат еснафите. И како здруженија и како луѓе поединци. Сѐ поретки се еснаф-луѓето. Нема возачи, келнери и готвачи. Сите бараат среќа, која се вика повеќе пари, во туѓина. Нема веќе „туѓина пуста јабана“ – Германија, Америка, Канада, дури и Хрватска стануваат ветени земји и за новата генерација Македонци.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека последните процени покажале оти на Македонија ѝ недостигаат околу 10.000 работници. Недостигот од работна сила најмногу се чувствува во градежништвото, хотелиерството и туризмот. За да се пополнат слободните работни места, Битиќи рече дека најпрво ќе се бараат доквалификации на работниот кадар во земјава, а ако има потреба, ќе се увезат и работници од странство.
Скромниот Битиќи кажува дека Владата, преку оперативниот план за вработување, работи на различни форми на квалификација и доквалификација, за да го подготви домашниот работен потенцијал за пазарот на трудот. Токму на овој план сакам да наведам еден пример од странска земја.
Не сум бил во Исланд, ниту пак знам многу нешта за оваа земја на вулкани и гејзери. Мала земја, чуден остров, на кој може да се стигне само од воздух и по вода. Сиромашен по природни богатства, но на врвот на светската листа на земји по висок стандард, дури и над Швајцарија и Норвешка.
Дел од тајната на успехот имам дознаено читајќи го романот „Хамам Балканија“ од српскиот писател Владислав Бајац. Книгата, по моја замолница, ми ја донесе од Белград мојата пријателка Мира Ристевска (Мира Полет). Ја прочитав со внимание и радост при читањето. За да нема забуна, треба да се каже дека книгата содржи паралелно два романа – едниот дел литерарно ги следи животот и кариерата на Мехмед-паша Соколовиќ, Србин по потекло, голем везир во Османското Царство.
Во „цивилниот“ дел авторот на романот нуди низа интересни средби, разговори со познати писатели, во кои едни од централните теми се идентитетот на човекот и можните последици од неговата промена. За пример го зема великиот паша, кој од српско дете јаничар се издигнува до највисоките врвови на Отоманската Империја, најблиску до султанот.
Бајец го пренесува разговорот со својот исландски колега Сјон, „човек со сто занимања“. Пишува текстови за пејачката Бјорк, пишува поезија, проза, критика. Се занимава со сликарство, драматургија. Плус компонира, со негова композиција Бјорк ги отвори Олимписките игри во Атина во 2004 година.
Но што е она што треба да се подвлече, настрана од овие нужни податоци. Сјон (Сигурјон Сигурдсон) кажува дека речиси секој жител на неговата земја има по неколку занимања, знае неколку занаети. Без разлика дали е високо или ниско образован, иако последните се многу ретки. Исланѓанец, дали е доктор, професор, научник, министер, магистер, дури и премиер, по правило и традиција, знае некој занает. Меѓу нив има бравари, молери, водоводџии, електричари. Не само што го знае занаетот за да поправа нешто дома, туку им врши услуги и на други со соодветен надомест, во часовите кога не е на работа. Таква аматерска стручност не е обична само за мажите, туку така функционираат и жените. Не е тоа обврска, тоа е свест, менталитет и волја засновани на историски искуства кога земјата била крајно сиромашна.
Мнозинството од нејзините млади на возраст од 14 до 17 години се вработени, најмногу во секторот трговија. Повеќето од малолетните лица работат во маркети на големо или во продавници на мало, како и во услужните дејности, во ресторани и хотели како келнери, хигиеничари. Нема тука ниту срам ниту понижување, како што таквите работи, таквите занимања се сметаат во Македонија.
Која била причината, која била маката што ги натерала повеќето Исланѓани, покрај својата основна професија, која не е занаетчиска, да совладаат по едно или две занимања или два занаета, кои работат многу работи, а како прво и основно не го прават тоа од голема материјална потреба. Одговорот е во фактот што Исланд е мала, изолирана земја, има 350 илјади жители. Но не е сѐ само во бројките и во географската положба. Според познатиот писател, а тоа е општо мислење, таа традиција на занаетчиство е потсвесна одбрана од стравот дека би можеле да исчезнат како нација и како еден од начините да го зачуваат силно изразениот идентитет. Кога би надошле странци, Исланд не би бил истиот.
Исландскиот пример, на еден или друг начин, иако тешко, речиси неизводливо, може да се примени кај нас, особено преку преквалификации. Не национални, туку работни. Илјадници превработени што се туркаат по државни канцеларии, по јавни претпријатија, по портирници и шалтери, илјадници вработени по „балансер“, кои немаат ниту струка ниту образование, може да служат поинаку во „едно општество“ за сите.
Само што Македонија не е Исланд, ниту некогаш ќе биде. Исланд е членка на ЕУ, каде сме ние? Македонија уште се поти, а не се знае до кога, во амамот наречен Балканија.