Македонија го изгуби својот морален компас

Неправдата и дискриминаторската примена на законите направија сè повеќе луѓе да бидат ранливи. Постои растечки тренд на нетолеранција и омраза по различни точки. Себичноста се шири насекаде. Хаосот и недисциплината во општеството укажуваат на растечката бесчувствителност меѓу населението

Повеќе од осум илјади мртви од коронавирусот во Македонија. Луѓе последниве години умираа во неисправни автобуси, на нелиценцирани патувања во странство, во сообраќајни несреќи, во запалени болници, во нестручни медицински зафати, во криминални пресметки. Умираа, а никој не презеде одговорност. Не умираат бројки, умираат луѓе. Животот стана многу евтин кога може да се згасне со ова темпо без земјата навистина да забележи. Речиси и заборавивме. Во Македонија смртта никогаш не е доволно далеку.
Што се случува со Македонија? Каков нефункционален хаос! Македонија стана држава на изгубени вредности. Македонија го изгуби својот морален компас. Како што нашето општество гние, однесувањето и принципите на политичарите како модел за однесување на граѓаните стануваат исто така гнили – и како што моралниот компас на Македонците продолжува да се распаѓа, со него се распаѓаат нацијата и државата. Распаѓањето на моралот започнува кога луѓето не можат да го препознаат доброто од лошото, кога границата меѓу нив станува нејасна, или кога лошото станува ново нормално. Во искушение сум да кажам дека имаме сериозно болно општество, но тоа е премногу лесно објаснување. Ова што ѝ се случува на Македонија, со еден збор е непристојност. Поради вредносната ерозија во општеството, животот станува сѐ покомплексен и одвратно евтин. Луѓето ја заборавија вредноста на едноставниот и значаен живот. Ние веќе никого и ништо не почитуваме, власта заборави дека треба да се грижи за благосостојбата на своите граѓани, за државата и нацијата. Ниските морални вредности ги хранат алчноста, корупцијата и криминалот. Предизвикуваат егзодус на младите. Вистинскиот номорал е вгнезден во системот предизвикувајќи очај и неизвесност. Неизвесност што ги допира повеќето аспекти од животот, особено кога носиме одлуки што имаат последици што веќе не можеме да ги предвидиме. Всушност, во овој момент не можеме да предвидиме ништо. Неизвесноста стана наша судбина. Македонците заслужуваат да знаат зошто животот стана толку евтин во земја што има сè за да го направи животот не само безбеден туку и вреден за живеење. Власта сигурно не мисли така.

На крајот од краиштата, моралната деградација на македонското општество се сведува на политичко лидерство, поточно на тоа како се води една држава. Со текот на годините имаше постепена, но постојана ерозија на вредностите во македонскиот политички и граѓански простор. Започна уште пред Заев, но неговото влегување во партиската политика и власта го однесе на ниво што досега не е видено. А што друго можеше да се очекува од морално банкротиран и неук човек, кој целосно го оправда макијавелистичкото кредо за целта ги оправдува средствата. Етичкото лидерство веќе не беше важно, па дури и релевантно. Со „заевизмот“ алчноста, корупцијата и криминалот станаа јасни индикатори на ерозија на општествените вредности. Меѓусебното почитување и соработка исчезнаа. Неправдата и дискриминаторската примена на законите направија сè повеќе луѓе да бидат ранливи. Постои растечки тренд на нетолеранција и омраза по различни точки. Себичноста се шири насекаде. Хаосот и недисциплината во општеството укажуваат на растечката бесчувствителност меѓу населението. „Заевизмот“ го постави моралниот тон во општеството и ја дефинира границата на тоа што е прифатливо или не. Речиси секој ден се соочуваме со примери на неетичко лидерство. Заевизам во акција. Сега како никогаш порано го живееме моралниот колапс на македонското општество под оваа власт. Велат дека „режимите“ пропаѓаат поради ерозија на нивниот морален авторитет. Нашиот е пропаднат, но никако да падне. А дотогаш како последица треба да ги живееме и поднесуваме мизерните аспекти на животот што ни го испорачува Владата. И секако смртта, за која никој нема да преземе одговорност.
Не дека сите во општеството станале неморални, себични, алчни и корумпирани. Добар број луѓе сè уште се борат да ги задржат општествените вредности. За жал, тие се главно расфрлани и поделени. И длабоко разочарани. Како резултат на тоа, негативните сили добиваат предност и ги еродираат или искривуваат вредностите. Неетичкото лидерство се шири како вирус на другите во државата. Дозволивме да бидеме водени од лидери без морал и лично достоинство, кои направија невидени штети на обичниот живот на граѓаните и државата. Секако дека сите сме загрижени каде води ова. Мартин Лутер Кинг укажал на главниот проблем со моралот во општеството: „Цената што добрите луѓе ја плаќаат за рамнодушноста кон јавните работи води кон тоа да бидат управувани од зли луѓе“. Очигледно ние плаќаме прескапа цена за ова.

Проф. Звонимир Јанкулоски