Секојдневно угнетувани од агресивниот наплив на странцизми, главно англизми, речиси како да го заборавивме глаголот почнува, па редовно слушаме и читаме стартува, или спинува, или дифолт, шоу, шопинг и стотици други туѓи зборови и заемки, кои не го збогатуваат, туку го нагрдуваат нашиот милозвучен јазик, во кој за сето тоа си имаме наш збор…
Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е историја, традиција, обичаи, наследство, идентитетска инфраструктура… Според статистичките податоци, во последните три века има изумирање или драматично намалување на јазиците. Во светот денес се зборуваат околу 6.500 јазици, а на околу половина им се заканува исчезнување во многу делови од светот.
Како да се врати и штити достоинството на македонскиот јазик?
Секојдневно угнетувани од агресивниот наплив на странцизми, главно англизми, речиси како да го заборавивме глаголот почнува, па редовно слушаме и читаме стартува, или спинува, или дифолт, шоу, шопинг и стотици други туѓи зборови и заемки, кои не го збогатуваат, туку го нагрдуваат нашиот милозвучен јазик, во кој за сето тоа си имаме наш збор….
Mакедонскиот јазик, иако според кодификацијата е многу млад, за многу кратко време изоде голем пат, помина преобразба и денес се наоѓа високо на листата на современи светски јазици. Тоа пред сè се должи на кодификацијата, односно на моделот што го избрале кодификаторите. Тука пред сè се мисли на оттргнувањето на македонскиот јазик од старословенската основа, за разлика од рускиот и од бугарскиот јазик, кои се засновани на неа, во смисла на морфолошки и ортографски правила, а најважно од сè е успешно избраната дијалектна основа.
Здружение на лектори на Македонија – „Негувај го македонскиот јазик, побарај лектор“ е текст што беше испишан на билборд што го прочитав во една пригода стоејќи простум во градскиот метеж од перцепции, при што со доза на блага иронија, резигнација и горчина, сам со себе си разговарав и се прекорував. Вака ли се штити идентитетот, чува и негува јазикот, со билборди, со летоци, мораториуми на музиките.
Го враќам филмот години наназад. „Чувајте го јазикот, Симјановски, тој ќе Ве чува Вас“. Така говореше Милчин Постариот во една дискусија по повод употребата на жаргонот во филмската конверзација. Конкретно, дебатата беше по повод премиерата на мојот игран проект, ТВ-филмот „Пикасо“, кој во почетокот на осумдесеттите години на минатиот век беше реализиран во продукција на МТВ и беше прикажан во ударниот драмски термин на тогашната Југословенска радио-телевизија (ЈРТ). И според анализите и рејтинг-процените на службите на ЈРТ, филмот го виделе 2,5 милиони гледачи. Како автор на сценариото и режијата, сметав, а и така направив, за поголема уверливост во одразот на скопското милје, јунаците во дијалозите да комуницираат на „скопски“.
„Филмот е убав, Симјановски, но задача на вас авторите е будно да внимавате на јазикот, особено во уметничкото творештво, да го негувате и доизградувате, бидејќи тој е вашата легитимација“. Ги доживеав овие зборови како комплимент, но и како благ прекор, кој и ден-денес ми одѕвонува во сеќавањата. Како одминуваат годините, сѐ повеќе ја чувствувам важноста на пораката на почитуваниот голем артист Илија Милчин и неговите заложби за македонскиот правоговор.
Законот за употреба на македонскиот јазик („Сл. весник“ 5/98) пропишува занимање лектор, кој е единствен овластен да се грижи за правилна употреба на стандардниот јазик. Според членот 7 од Законот: „Службените текстови од законодавната, извршната и судската власт, локалната самоуправа, учебниците, емисиите, печатот, преводите и другите текстови од членот 5 став 1 од овој закон (називи, реклами, плакати, упатства на лекови, меѓународни договори, текстови за масовна комуникација) што се објавуваат, задолжително се лекторираат на македонски јазик“.
Медиумите се тие што исто така имаат голема одговорност при водењето грижа за македонскиот јазик и треба да го користат литературниот македонски јазик и во усна и во печатена форма. За жал, денес тоа не е така.
„Нека се чуе, за никогаш да не се заборави, јазикот на кој зборувале нашите прадедовци, зборуваме ние денес и ќе зборуваат сите идни поколенија на нашата света земја Македонија“, ќе проговорат со оружје в раце Славчо Ковачев и Борис Сарафов, комити и дејци што ја обезбедувале праизведбата на пиесата „Македонска крвава свадба“ од Војдан Поп Георгиев Чернодрински, во салонот на Славјанска беседа, во ноември 1900, во Софија.
Така почнува финалната сцена на ТВ-драмата „Премиера“, за која сценариото го пишувавме заедно со почитуваниот Милан Банов, истражувајќи и прегледувајќи за таа цел многубројни архиви, фотографии на македонски дејци, документи, сведоштва, врз кои ги создаваме сцените на премиерата на македонскиот јазик во драмската уметност. Со истите зборови завршуваа и дваесетина епизоди од анимираната детска серија „Лексикомани“ на МТВ, пред некоја година, која вчас, бргу-бргу ја снема од програмата, под неразјаснети околности и неразбирливи причини.
Во една пригода, по повод извесни драмски чествувања во салонот на Славјанска беседа во Софија, присуствував на драмски фестивал на кој беше прикажана македонската пиеса „Дунек“, со Владимир Ангеловски во главната ролја. В миг, за време на пиесата, го чув повторно далечното ехо на зборовите на Ковачев и Сарафов. Јазикот на кој зборуваат и пишуваат поколенијата, овој пат повторно како пред повеќе од сто години слободно одекнуваше на сцената. В миг повторно како да ги осознав длабоката смисла и важноста на пиесата „Македонска крвава свадба“.
Во метежот пред лелекот на билбордот во близината на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, се потсетив на завештанието на почитуваниот и скромен професор, поет, научник, татко на македонскиот јазик и правопис Блаже Конески: „Јазикот е нашата единствена целосна татковина“. Овие зборови во ова бурно време како да го добиваат своето полно значење. Заложбите за неговиот опстој денес одново силно се интензивираат. Незапирливо продолжува македонското „да се биде или не“ и во сферата на писмото и правоговорот. Овие скромни редови ги посветувам и ги упатувам до сите чесни македонски родољуби и со мал скромен придонес се придружувам во катадневните напори за растурање на маглите, лажните дилеми, полемики со дузина автори, интелектуалци политичари, кои облечени во – овчи одежди, кои дали од небрежност или од неразбирање на глобалниот контекст и скриените невидливи агенди и пропаганди, атакуваат со неразбирливи матни ставови и повици врз бедемот на кревкото македонско битие.
Автор: Аљоша Симјановски