Од времињата кога во фокусот на вниманието на јавноста беа политички жешки теми шпекулации, конфронтации, озборувања, турбуленции, останаа теми и дилеми за потсетувања на кои одвреме-навреме можеме да се навратиме, како во некои контаминирани енклави од дневнополитички кичерај, гнасен јазик – либертинаж, говор на омраза, простаклак, теми – мемореми. На тие островчиња на кои можевме да се засолниме, да здивнеме и одново да се вратиме на врвиците на нормалноста.
Наместо вовед, неколку „бисери“ од континуираниот медиумски бараж, што последниве триесетина години како мислење, дебата реакција, писание се нудеше како медиумски франкенштајн… лош сон со игнорантски и застрашувачки содржини, незадоволство, омаловажување на цели општествени групи, омраза, вулгарности, квалификативи и тенденции што лесно и при чиста свест се изговараат. Каква е целта и кому му служат? Лошата слика и плукањето и бербатењето на својата земја, барабар со европското лицемерство, и денес им одат во прилог на оние што на овој митски простор вековно се обидуваат да му ја одземат и надежта.
„Крајната цел на оваа (онаа) влада е да направи друга слика за Македонија, затоа што, според нив, поради нивната кутра неукост и непознавање на историјата, на културата и уметноста на тлото на Македонија, се обидува да ни накалеми евтин плагијат, кој нема апсолутно никаква врска ниту, пак, поседува одредени вредности за да може да добие каков било минимален научнички третман“, извикуваа од Здружението на граѓани „Центар за културно наследство“. Станува збор, според истиот вруток, за своевиден идеолошки проект чија цел е да создаде лажна слика за историјата на Македонија. Тоа е аспект на тоталната лага, на тоталитарната измама во која учествуваат сите жители на Македонија, зашто и Македонија под оваа (онаа) власт денес е како држава-логор, во која институционалната сила на злото е свртена против своите граѓани, уништувајќи им ја судбината, наедно присилувајќи ги да глумат „нормално“ и „пристојно“ секојдневие пред очите на јавноста и на странските набљудувачи. Се работи за време каде што нема граѓани и демократски избрана власт, туку поданици и монарх, каде што монархот ја има апсолутната власт и каде што зградите што ги гради монархот треба да ја нагласуваат нееднаквоста меѓу граѓанинот и владетелот.
Или нешто како „експертска социопсихолошка дијагноза“: Македонците, длабоко потонати во незадоволство и очај, мораат со убедлива глума да ги обезбедат лажниот социјален мир и лажниот привид за функционирањето на институциите на демократијата, сето тоа како перверзна фарса во која „од патриотски причини“ сите еднакво учествуваат. Нашата логорашка глума, меѓутоа само ја нагласи вистината дека Македонија денес не е само бивша туку е и тотално лажна република. Во неа уставните демократски институции и гарантираните слободи и права се остваруваат на истиот перверзно лажен начин како и бањските капацитети на тогашниот Терезиенштат. И тука веќе сѐ е лажно: парламентот е сосема празен и лажен, судовите и судските процеси се монтирани, човековите права се декларативни, работничките права се непостојни, лажна ни е културата, лажна е и науката и лажни ни се и здравството и образованието. Лажен е секој квадратен сантиметар од архитектурата, на монументално глуп – државни згради, лажни се спомениците на минатото, а лажно е веќе и нашето минато, поради што е лажна и практично непостојна и нашата иднина.
Македонија е лажна држава како што Терезиенштат бил лажен бањски град, а всушност исто така се работи за транзитен логор од кој излегуваат композиции млади луѓе што никогаш нема да се вратат во државата што лажно им се претставувала како демократска и перспективна татковина. Но, и нашите странски набљудувачи – активно учествуваат во перверзната измама, бесрамно фалсификувајќи и разубавувајќи ја нашата стварност во нивните извештаи, опишувајќи го со еуфемизми нашиот перформанс на денот на изборите или на некоја друга лажна претстава што ја играме, нарекувајќи ја упорно диктатурата „демократија“, општественото пропаѓање „напредок“, а лажираните избори дека се „добро организирани“.
И така редум недоглед од „пригодни“ колумни, текстови, блогови, реакции за Македонија услови на „гасна комора, неслобода на говор, медиумски мрак, диктатура“… и уште ред грди слики пред глобалниот поглед. Со усти полни мрачни квалификации за сопствената земја од перата на поранешни и денешни високи функционери, амбасадори, директори на државни институции, новинари, истакнати личности од јавниот и општествениот живот, најголем дел никнати и растени и пораснати во полувековниот систем на бескласен непотизам, потомци и привилегирани следбеници на светлите традиции на ослободителната антифашистичка епопеја и така до „недоглед“ незадоволници од денешницата, што го пополнуваат мозаикот со фрустрации, незадоволство заради губење на привилегиите, нарушениот децениски комодитет, сѐ во име на народот, демократијата, слободата и заради необезбедена широка граѓанска согласност, широка расправа, политичка консензуална согласност, за сите прашања, од донесување буџетот до одобрение и согласност за секој камен-темелник, чешма, камбанарија, црква. Раширено е мислењето дека политиката силно го поделила граѓанството, младите, возрасните. Која е тогаш смислата на новиот поредок, плурализмот, изборите, парламентарната демократија, политичкиот натпревар? Консензуална демократија – што ли? Консензуална демократија не постои во искуствата на повеќепартиските демократии.
Лошата слика и плукањето и бербатењето на својата земја, на разните форуми, јавниот дискурс, блогосферата, како политичко несвесно, барабар со европското лицемерство и со глобалистичката сурова неминовност, сето тоа им оди во прилог на оние што континуирано низ вековите на овој митски простор се обидуваа којзнае по кој пат да му ја одземат и реконфигурираат надежта, јазикот го делат на две, да се сотре „зборот“, да се разнебити историското паметење, да се обезличи иднината и да нѐ претворат во вид на геополитички фрактал, што подмолно ни се поттура и нуди како замена за оној останат дел од вечноста и спонтаноста, насловен како Македонија, во кој сѐ уште дишеме и живееме. Во демократските општества ваквите недобронамерни извори и автори и нивните недоумици се третираат институционално. Народот, во чие име се колнат, се прашува. Тој суди и ќе им пресуди на избори.
Создавањето погрешна слика во јавноста и во светот како стратегија и дел од политичка кампања е легитимен обид во демократската борба за освојување на власта, и тоа носи (ситни) политички поени, но може и е често контрапродуктивно.
Сѐ нели може (во демократски дозволени рамки), ама правото на надеж за подобра иднина, правото на суверено владеење со сопствената територија – следствено, правото да градиме споменици, градби и сѐ друго иманентно на нашиот суверенитет е неотуѓиво.
Аљоша Симјановски