На 14 март 1958 година, САД ги воведуваат првите санкции за Куба. Тогаш, ембаргото се однесува само на трговијата со оружје. Во 1960-та, САД носат нова одлука, која вклучува ембарго за секаква трговија, освен за храна, а веќе во февруари 1962, ембаргото се проширува на сите производи, вклучувајќи ја и храната. Со тоа, санкциите на САД кон Куба не само што претставуваат историски рекорд – над 60 години, поточно цели 64 години Куба е под санкции – туку ова се веројатно најбруталните санкции од страна на најмоќната држава во светот врз друга држава. Вредно е да се спомене дека почнувајќи од 1992 година, Генералното собрание на Обединетите нации секоја година редовно поднесува резолуција за кревање на ембаргото, на која исто толку редовно САД и Израел се спротивставуваат и го блокираат донесувањето на резолуцијата.
Притоа, исто така е вредно да се спомене дека санкционирањето на Куба е почнато речиси пет години пред т.н. „Кубанска ракетна криза“, што значи дека причината за ембаргото не била оваа директна воена закана по безбедноста на САД. Патем, иако многумина знаат за оваа криза и за „херојската“ улога на Кенеди, кој „одлучно му се спротивставува“ на Никита Хрушчов, малкумина веројатно знаат дека таа е провоцирана, т.е. дека кризата всушност претставува реципрочен одговор на Советскиот Сојуз на инсталирањето исти такви балистички ракети од страна на САД во Италија и во Турција. И дека повлекувањето на ракетите од страна на СССР од Куба не претставува храбро извојувана победа на Кенеди и САД, туку едноставно договор за заемно повлекување на ракетите. Имено, иако тајно, САД се согласуваат да ги повлечат своите ракети од Турција доколку СССР ги повлече своите од Куба. И така, се случува компромис, не победа. За ниту една од страните!
Зошто ги споменуваме овие два поврзани настани? За да ја илустрираме актуелната состојба во денешните меѓународни односи и геополитички констелации. Односно, да видиме како дојдовме до овде!? Ќе се обидеме да ги ставиме овие настани во една теориска рамка. Имено, во 1979 година, американскиот научник Кенет Валц (1924 – 2013) објавува книга со наслов „Теорија на меѓународната политика“, во која ја постулира хипотезата на т.н. „дефанзивен реализам“, според која секоја империјална држава во глобалната анархија на светскиот поредок се обидува да ја задржи својата позиција, водејќи умерена и резервирана политика, за да ја зачува својата национална безбедност.
Така се глаголеше во меѓународната политика во 1970-тите, кога светот беше мултиполарен, или барем биполарен. Во 2001 година, пак, еден друг научник, Џон Миршајмер (1947-), објавува книга со наслов „Трагедијата на политиките на големите сили“, во која се поставува токму спротивната теза – дека големите сили настојуваат да ја осигурат својата безбедност и да ја зајакнат својата позиција токму преку експанзија на својата доминација и наметнување хегемонија. Оваа теорија е сосема спротивна на дефанзивниот реализам и е позната како „офанзивен реализам“.
Гледаме дека имаме две сосема различни, дури и контрарни тези, во согласност со политичката реалност во меѓународната политика. Во добата кога светот беше балансиран под двете големи сили САД и СССР, теоретичарите сметаа дека „дефанзивноста“ ја обезбедува сигурноста на големите сили, додека по падот на СССР, кога единствен хегемон се САД, се случува промена на парадигмата и сега „офанзивноста“ е таа со која се максимизираат моќта и влијанието! Ете ја едноставно сликата на светот денес во светло на актуелните случувања во Украина, а можеби и основата за предвидување на идните катастрофи на светската политичка сцена.
Кога САД го имаа својот пандан во лицето на СССР, обете страни беа подготвени на компромис и заемно повлекување на ракетите, соодветно од Турција и од Куба. Кога по распадот на СССР, САД станаа единствениот светски хегемон, непредизвикан од никого, Френсис Фукујама можеше да се „дрзне“ да напише таква глупост дека историјата завршила, во својата памфлетска книга „Крајот на историјата и последниот човек“. Овој псевдонаучен трактат (кој, патем, сосема паушално се повикува на Хегеловата философија на историјата, за да си обезбеди некаква „научна основа“) е објавен точно во добата на американската еуфорија предизвикана по распадот на СССР и нејзината нова улога на единствен и неприкосновен светски владетел. Една година по распадот на СССР, во 1992 година, Фукујама, во својата книга, егзалтирано пишува дека не само што Советскиот Сојуз колабирал, а САД триумфирале, не само дека тоа означува крај на комунизмот и дефинитивна победа на либералната демократија, туку и дека тоа значи „крај на историјата“ воопшто! Во смисла – спокојно, дечки, рајот на Земјата дојде, се оствари Царството небесно!
И токму овде треба да се дијагностицира денешната „болест“! Затоа што не само што овој „петпарачки“ памфлет на Фукујама претставуваше „теориска“ основа за пропагандната политика на САД туку што и навистина беше израз на едно интимно чувство на империјата дека ја привело историјата до својот крај, дека конечно сè се заврши со триумф на САД, либерализмот и нивниот политички модел! Трагедијата е во тоа што памфлетот на Фукујама не беше само за надворешна пропаганда туку беше израз не едно интимно чувство на триумфализам на САД и што, всушност, и самите веруваа во оваа глупост! Ова чувство беше доминантно во американската политика, особено во 1990-тите, а би се рекло дури и до ден-денес. Колку беа опиени од својата супремација можете да видите од, според мене, кулминацијата што се случи на 7 мај 1999 година, кога си дозволија да ја бомбардираат Кинеската амбасада во Белград, при што убија три лица!
И сега одеднаш, по 30 и кусур години од распадот на СССР, по 30 и кусур години апсолутна доминација на САД, 30 и кусур години спроведување политика на „офанзивен реализам“ и неприкосновена светска хегемонија, во светот се јавуваат сили (Кина и Русија) што го доведуваат тоа под знак прашалник, единствено со тоа што посакуваат, сосема легитимно, право на сопствена стратегиска безбедност! А притоа, САД сè уште не можат да излезат од менталитетот на Фукујама за „крајот на историјата“! Длабоко во нивната свест сè уште лежи тоа чувство на триумфализам по распадот на СССР, олицетворено во памфлетот на Фукујама за крајот на историјата и последниот човек! Ете каде лежи дијагнозата на денешната светска состојба, а можеби и поводот за идните катастрофи. Украина не е и нема да биде последното бојно поле на светскиот хегемон со новите сили на хоризонтот! Офанзивниот реализам на САД со кој од 1990-тите ја водеа меѓународната политика, наспроти дефанзивниот, кога заради балансот на силите беа принудени на компромиси, сега е доведен во прашање. Кога светот беше балансиран, дефанзивниот реализам на Кенет Валц беше сосема плаузибилна теориска рамка за промислување на меѓународната политика, кога САД останаа сами на светската политичка сцена, го прифатија офанзивниот реализам. Но повеќе не се сами!
И колку побргу тоа го сфатат во САД, толку подобро за сите нас. Колку побргу сфатат дека не меѓународната сцена се појавуваат играчи што имаат исто толку право на сопствената стратегиска безбедност, колку што имаат и тие, толку подобро за целиот свет. Да, тешко е да се разбудите од сонот и да ја погледнете новата меѓународна реалност, да сфатите дека не се случил крај на историјата, туку нов почеток и дека во иднина секоја светска криза ќе треба да се реши како кубанската – со заемни отстапки и компромис! И дека политиката на el bloqueo (блокада – како што Кубанците реферираат на ембаргото на САД) кон целиот свет, не води кон решение, туку кон продлабочување на кризата, која многу лесно може да се слизне во катастрофа. За жал, сè помалку сум убеден дека САД се подготвени да се разбудат од сонот пред тој да се претвори во кошмар! Или додека навистина не го дочекаме крајот на историјата со последниот човек, по сè поизвесната нуклеарна катастрофа!
Автор: Трајче Стојанов