Стара е поговорката дека рибата смрди од главата. Во нова, македонска верзија, таа може да се трансформира и како „рибата смрди од владата“. Таа реверзирана поговорка си наоѓа свое лежиште во корупцијата, која во Македонија „станува начин на живот и преминува во менталитет“, како што констатира претседателот на државата.
Корупцијата вирее насекаде, и на суша и на дожд. И се гледа насекаде – од најниско до највисоко ниво. Нема каде што нема корупција, велат и домашните и странските набљудувачи. Особено во власта и во нејзините „ранливи“ сектори. На списокот на коруптивни болни точки се јавни набавки, вработување, политички систем, правосудство, органи за спроведување на законот, здравство, образование, труд и социјална политика, урбанизам и просторно планирање, животна средина, земјоделство, спорт. Коруптивна епидемија владе во економијата и бизнисот, во јавните претпријатија и акционерски друштва во сопственост на државата. Во трката за упис во коруптивниот список не заостануваат локалните самоуправи, медиумите и невладините организации, познати пералници на пари.
Во Владата е дувлото. Она што не сакаме да го видиме и признаеме е вистината дека Владата го вее бајракот. Корупцијата е нејзин деловен знак, без оглед која партија била или е на власт. Таа е врвот на пирамидата. Не се потребни големи анализи, меѓународни симпозиуми, коморски советувања, извештаи на ЕУ, изјави на амбасадори, за да се потврдат тие факти. Република Македонија (сега Северна) е еден од уникатните, ако не и уникатен пример во Европа за корумпирана власт, мерена по глава на претседател, заменик-претседател, министер, генерален секретар на Владата. Македонската влада е единствена во Европа во која на суд поради корупција биле тројца премиери, еден заменик-премиер, тројца министри и тројца генерални секретари. Тој кадровско-судски циклус на афери сѐ уште не е затворен, а би бил затворен ако и судството не беше екстра-корумпирано. Од продажбите на „Телеком“, на „Окта“ и на ЕСМ, трите златни крави на македонското стопанство, до денешни дни, до ставањето на Кочо Анѓушев на црната листа на САД, тече тој матен Вардар.
Владо Бучковски го судеа долги години за аферата со тенкови. Само тој, адвокатите и неговите околу него знаат како се извлече да не лежи робија. Заедно со Али Ахмети и компанија куртулија од коруптивниот договор со „Дојче телеком“, на кој редовно укажува поранешниот министер Џевдет Хајредини.
Зоран Заев од струмички градоначалник стана премиер оптоварен со немонтирани снимки за „едно евро за црквата, едно за Вицето“. Да не лежи затвор го амнестираше претседателот на државата, за подоцна да натовари голем багаж за сомнителни зделки, како политички, така и во бизнисот. Никола Груевски има еден тон јавни обвиненија за коруптивни постапки, нема сектор во кој нема обвиненија. Спасот го побара во бегство, со азил во Унгарија. Со себе однесе многу тајни, некои тврдат и многу пари.
Ставањето на бившиот заменик-премиер Кочо Анѓушев на црната листа на Америка само го подотвори зовриениот лонец во кој се крчкаат сегашни и бивши политичари, министри, бизнисмени и другопрофилни криминогени типови. Анѓушев можеби е невин, но е силно, непоправливо жигосан со американска жешка потковица. Некои од познавачите на бизнис-состојбите во Македонија уште на почетокот на неговиот мандат му предвидоа таква или слична судбина. Некои од упатените во кадровските комбинаторики на Социјалдемократскиот сојуз носењето на Анѓушев во владата го означија како „црн ден“ за партијата.
Доаѓањето на Анѓушев го означи крајот на политичката кариера на угледниот професор на Економскиот факултет Драган Тевдовски, кој беше министер за финансии и главен економист на СДСМ. Тевдовски, кого во партијата го сметаа за исклучително вреден и чесен, беше разрешен од функцијата министер за финансии, иако предвидуваше низа економски реформи поволни за граѓаните.
По грубата елиминација од страна на Заев, Тевдовски преку Фејсбук ги предупредуваше членовите на СДСМ дека напуштањето на неговите реформи ќе значи бришење на зборот „социјалдемократски“ од името на СДСМ, особено од страна на луѓе што немаат врска со СДСМ. А врска со СДСМ немаше Анѓушев, претходно соработуваше со Груевски. Подоцна, останувањето на Анѓушев во владата го оспори Радмила Шеќеринска, која, како што се знае, му постави услов на Заев „или јас или тој“. Анѓушев поднесе оставка, а како и зошто дојде до тој судир остана нејасно до денес.
За овие неколку години, иако не биле судски процесирани, од афери не се поштедени ни другите заменици на претседателот на владата. Меѓу нив предничи првиот вицепремиер за политички систем Артан Груби, кој нема ден да не се разбуди со некоја вистинска или измислена коруптивна афера. Во најново време меѓу оние што се поврзуваат со матни зделки се најде и досега „чистиот“ Фатмир Битиќи, неродениот брат на премиерот Ковачевски. Кон него со прст покажа поранешниот генерален секретар на истата влада Мухмед Зекири, кога посредно го обвини во судски исказ дека 900 илјади евра зел по налог на претпоставениот Битиќи.
Од времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во затвор завршија тројцата министри: Гордана Јанкуловска, поранешна прва полицајка, Миле Јанакиески за афери во градежништвото и Спиро Ристовски, повеќе по политичка одошто по финансиска корупција.
На крајот на сѐ уште недооформената владина коруптивна листа се и тројца генерални секретари.
Драги Рашковски, генералниот секретар на Зоран Заев, е осуден за случајот „Софтвери“ на единствена казна од осум години затвор за спорни тендери, набавка на софтвери и исплата на хонорари. За злоупотреба на службената положба е осуден на седум години затвор, а за делото перење пари на една година и шест месеци затвор. Мухамед Зеќири, исто така од времето на Заев, доби две и полгодишна затворска казна во предметот во кој беше обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување. Трет од генералните секретари е Кирил Божиновски, сѐ уште затрупан со кривични пријави по бегството на бившиот премиер Никола Груевски во Унгарија.
Врти-сучи тоа е негативниот, коруптивен список на македонските влади, кој најверојатно нема да биде затворен тука. Наведените примери спаѓаат во категоријата на корупција од највисоко политичко ниво, каде што и паричните износи, материјалните придобивки или дадените концесии се мерат со повеќе нули.
На крајот мал лексикон: корупција претставува злоупотреба на службената положба за остварување незаконска приватна добивка. Формите на корупција се разликуваат, но вклучуваат: поткупување, изнуда, протекции, непотизам, покровителство, мито, гнилост, распад, фалсификати и проневера на пари. Зборот „корумпиран“ потекнува од латинскиот збор „corruptus“. Кога се користи како придавка, овој збор буквално значи „крајно расипан“.
Пошироко гледано, корупцијата може да се означи и како „заговор да се растури некој поредок“. Некои во македонската влада и надвор од неа ја сметаат и за нужно зло, кое не е исправно, но може да биде корисно.